Јован
13 Пред Пасхата, Исус знаеше дека дошол неговиот час+ да си замине од овој свет кај Таткото.+ Бидејќи ги сакаше своите кои беа во светот,+ им покажуваше љубов до крај. 2 За време на вечерата, кога Ѓаволот веќе му ја имаше ставено во срцето на Јуда Искариот,+ Симоновиот син, намерата да го предаде,+ 3 Исус, знаејќи дека Таткото му даде сѐ во негови раце+ и дека дојде од Бог и дека оди кај Бог,+ 4 стана од вечерата и ја стави настрана својата облека, зеде крпа и се опаша.+ 5 Потоа налеа вода во сад и почна да им ги мие нозете+ на учениците и да ги брише со крпата со која беше опашан. 6 Кога дојде до Симон Петар, тој му рече: „Господару, зар ти ќе ми ги миеш нозете?“+ 7 Исус му одговори: „Она што јас го правам, сега не го разбираш, но ќе го разбереш подоцна“.+ 8 А Петар му рече: „Ти никогаш нема да ми ги измиеш нозете!“ Исус му одговори: „Ако не те измијам,+ нема да бидеш во единство со мене“. 9 Тогаш Симон Петар му рече: „Господару, тогаш немој да ми ги измиеш само нозете, туку и рацете и главата!“ 10 А Исус му одговори: „Оној што се искапал,+ не треба да мие ништо друго освен нозете, бидејќи целиот е чист. И вие сте чисти, но не сите“. 11 Всушност, знаеше кој ќе го предаде.+ Затоа рече: „Не сте сите чисти“.
12 Кога им ги изми нозете, ја облече својата облека и се врати на трпезата, па им рече: „Сфаќате ли што ви направив? 13 Вие ми се обраќате со: ‚Учителе‘+ и ‚Господару‘,*+ и со право го велите тоа, бидејќи тоа и сум.+ 14 Значи, ако јас, Господар и Учител, ви ги измив нозете,+ и вие треба да си ги миете нозете еден на друг.+ 15 Ви дадов пример и вие да правите така како што ви направив јас.+ 16 Вистина, вистина, ви велам, робот не е поголем од својот господар, и оној што е испратен не е поголем од оној што го испратил.+ 17 Кога го знаете тоа, среќни сте ако го правите.+ 18 Не зборувам за сите вас. Јас ги знам оние што ги избрав.+ Но нека се исполнат зборовите од Писмото:+ ‚Оној што се хранеше од мојот леб, се крена* против мене‘.+ 19 Ви кажувам уште сега, пред да се случи,+ за кога ќе се случи, да верувате дека јас сум она што велам дека сум. 20 Вистина, вистина, ви велам, кој го прима оној кого јас го праќам, ме прима и мене.+ А кој ме прима мене, го прима и оној што ме испрати“.+
21 Штом го рече тоа, Исус се вознемири,* па потврди: „Вистина, вистина, ви велам, еден од вас ќе ме предаде“.+ 22 Учениците се погледнуваа помеѓу себе во недоумица, не знаејќи за кого зборува.+ 23 Еден од неговите ученици, кого Исус посебно го сакаше,+ беше на трпезата веднаш до Исус.* 24 Затоа Симон Петар му кимна и му рече: „Прашај кој е тој за кого зборува“. 25 И тој се навали на Исусовите гради и го праша: „Господару, кој е тој?“+ 26 Исус одговори: „Тоа е оној кому ќе му го дадам залакот што ќе го натопам“.+ И земајќи го залакот, го натопи и му го даде на Јуда, синот на Симон Искариот. 27 Откако Јуда го прими залакот, Сатана влезе во него.+ Тогаш Исус му рече: „Што ќе правиш, прави побргу!“ 28 И никој од оние што беа на трпезата не знаеше зошто му го рече тоа. 29 Бидејќи Јуда ја имаше кутијата за пари,+ некои мислеа дека Исус му рече: „Купи ни што ни треба за празникот“, или, дека му рече да им даде нешто на сиромасите.+ 30 Така, тој го прими залакот и веднаш излезе. А беше ноќ.+
31 Кога тој излезе, Исус рече: „Сега е време да се прослави Синот човечки,+ и Бог ќе се прослави со него. 32 Самиот Бог ќе го прослави,+ веднаш ќе го прослави. 33 Дечиња,+ уште малку сум со вас. Ќе ме барате, но како што им реков на Евреите: ‚Таму каде што одам јас, вие не можете да дојдете‘,+ сега тоа ви го велам и вам. 34 Нова заповед ви давам: сакајте се еден со друг! Како што јас ве сакав,+ така и вие сакајте се еден со друг.+ 35 По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“.+
36 А Симон Петар го праша: „Господару, каде одиш?“ Исус одговори: „Таму каде што јас одам, ти не можеш да појдеш сега, но ќе појдеш подоцна“.+ 37 Тогаш Петар му рече: „Господару, зошто не можам да појдам по тебе сега? Својот живот* ќе го дадам за тебе!“+ 38 Исус одговори: „Животот ли ќе го дадеш за мене? Вистина, вистина, ти велам, петел нема да запее додека трипати не се одречеш од мене“.+