Набљудување на светот
Тесна мерка?
Иако коските на стапалата престануваат да растат во доцна адолесценција, нашите стапала се менуваат во текот на животот. Нил Ковен, претседател на канадското подијатриско медицинско друштво, вели: „Како што старееме, нашите стапала се склони малку да се сплескаат и да се прошират и, на тој начин, се издолжуваат и шират. Тоа е затоа што нашите лигаменти стануваат малку полабави или поопуштени“. Стручњаците за обувки проценуваат дека скоро половина од возрасните носат погрешен број чевли — при што широчината е највообичаениот проблем — што придонесува за плускавци, задебелена кожа, отоци на ножниот палец и деформитети на ножните прсти. Дали Вашите чевли се претесни? „Застанете на парче хартија со боси нозе и скицирајте ги двете стапала. Потоа ставете ги чевлите згора над хартијата и цртајте околу нив. Споредувајќи ги контурите, ќе можете да видите колку многу ги стегате стапалата во чевлите“, вели весникот The Toronto Star. За најдобра можна мерка, мерете ги стапалата секојпат кога купувате чевли и купувајте попладне или навечер откако нозете Ви биле активни.
Тинејџерите опишуваат идеални родители
Како тинејџерите би го опишале идеалниот родител? За да го открие тоа, школскиот советник и психолог Скот Вудинг анкетирал преку 600 тинејџери. Поради тоа што Вудинг очекувал младите да ја фалат попустливоста, нивните одговори го изненадиле. Тинејџерите доследно рекле дека сакаат „справедливост, грижа (,сакаат да ги чујат зборовите: „Те сакам“‘), хумор [и] давање добар пример“, известува весникот The Toronto Star. Вудинг исто така открил дека тинејџерите сакаат нивните родители да им помагаат да развиваат чувство на одговорност. Кога ќе направат нешто погрешно, очекуваат дисциплина. Што е најважно, младите луѓе рекле дека копнеат нивните родители да поминуваат повеќе време со нив.
Изгледаат стари, но умираат млади
Како што е покажано преку следниве извештаи, истражувачите веруваат дека пушењето може да го забрза процесот на стареење. Постои четирипати поголема веројатност долгорочните пушачи предвремено да оседат и двапати поголема веројатност да бидат ќелави или да оќелават, според Lancet од Британија. Известувајќи за тоа, UC Berkeley Wellness Letter посочи дека пушачите имаат повеќе брчки и двапати поголема веројатност да ги изгубат забите отколку непушачите. Извештајот се осврнува на една понова студија забележана во British Medical Journal која покажува дека само половина од мажите кои се доживотни пушачи имаат добра шанса да стигнат до 73 годишна возраст отколку оние кои не пушат. Освен тоа, списанието Good Housekeeping известува дека „кај непушачите кои живеат со пушачи постои 20 проценти поголема веројатност да страдаат од срцево заболување“.
Секојдневно јадете овошје
Секојдневното јадење свежо овошје е поврзано со намалување на ризикот од срцево заболување, според една 17-годишна студија на 11.000 луѓе, објавена во British Medical Journal. Меѓу оние во студијата кои јаделе свежо овошје секој ден, имало 24 проценти помалку смртни случаи од срцев удар и 32 проценти помалку смртни случаи од мозочен удар. Од оние кои секојдневно јаделе овошје, умреле 21 процент помалку во споредба со оние кои поретко јаделе овошје. Исхраната во која недостига свежо овошје, кај одредено население може да придонесе за зголемување на васкуларните болести како што се мозочните удари и срцевото заболување, забележува една екипа британски и шпански научници. За најголема здравствена корист, истражувачите сега препорачуваат дневно да се јаде најмалку пет порции зеленчук и овошје. Ако свежо овошје и зеленчук не е достапно, тогаш, според British Medical Journal, замрзнатото овошје и зеленчук можат да дадат слични користи.
Поопасно од пушењето?
Според Заводот за статистика на Канада, „седечкиот начин на живот задава двојно поголем ризик за здравјето отколку пушењето цигари“, известува The Medical Post. Додека постои веројатност околу седум милиони Канаѓани да доживеат сериозни здравствени проблеми и рана смрт поради пушење, помеѓу 14 и 17 милиони се соочуваат со слични здравствени ризици како резултат на недостиг на вежбање. Како главни фактори кои го попречуваат редовното вежбање се споменати недостиг на време, енергија и мотивација. Кај седечките луѓе, исто така, постои поголема веројатност да консумираат повеќе масти, а помалку овошје и зеленчук. „Сегашната цел за оптимални користи на срцето е да ги наведе луѓето да вежбаат . . . најмалку 30 минути со умерен или посилен интензитет“, вели Post.