Јехова не е виновен
„Како таткото што ги милува синовите, така и Господ ги милува оние, кои се бојат од Него. Зашто Он го знае нашиот состав, помни дека ние сме земја“ (ПСАЛМИ 102:13, 14).
1, 2. Кој бил Авраам, и како неговиот внук Лот дошол да живее во злобниот град Содом?
ЈЕХОВА не е одговорен за потешкотиите кои можеби ги доживуваме поради нашите грешки. Со оглед на тоа, разгледај го она што се случило пред околу 3.900 години. Божјиот пријател Авраам (Аврам) и неговиот внук Лот многу напредувале (Јаков 2:23). Всушност, нивниот имот и стока биле толку обилни што ‚земјата била тесна да живеат заедно‘. Освен тоа, се појавила караница помеѓу нивните пастири (1. Мојсеева 13:5-7). Што можело да се стори тука?
2 За да ја запре караницата, Авраам предложил да се разделат, а на Лот му дозволил прв да избере. Иако Авраам бил постар и би било прикладно неговиот внук да му дозволи тој да ја земе најдобрата област, Лот го одбрал најдобриот предел — целото добро наводнето подрачје на Долен Јордан. Надворешниот изглед бил измамлив, затоа што во близина се наоѓале морално расипаните градови Содом и Гомора. Лот и неговото семејство на крајот се преселиле во Содом, а тоа ги довело во духовна опасност. И не само тоа, кога цар Ходологомор и неговите сојузници го поразиле владетелот на Содом, ги заробиле и нив. Авраам и неговите луѓе ги спасиле, но Лот и неговото семејство повторно се вратиле во Содом (1. Мојсеева 13:8-13; 14:4-16).
3, 4. Што му се случило на Лот и на членовите на неговото семејство кога Бог ги уништил Содом и Гомора?
3 Поради сексуалната изопаченост и моралната деградација на Содом и Гомора, Јехова одлучил да ги уништи тие градови. Милосрдно испратил два ангела кои ги извеле Лот, неговата жена и нивните две ќерки од Содом. Не смееле да гледаат назад, но Лотовата жена погледнала, можеби копнеејќи по материјалните работи што останале. Во истиот миг станала столб од сол (1. Мојсеева 19:1-26).
4 Само какви загуби претрпеле Лот и неговите ќерки! Девојките морале да ги остават момчињата за кои требало да се омажат. Лот останал без својата сопруга и материјалното богатство. Всушност, на крајот бил принуден да живее во една пештера заедно со своите ќерки (1. Мојсеева 19:30-38). Она што му изгледало мошне добро испаднало токму спротивното. Но, иако очигледно направил некои сериозни грешки, подоцна бил наречен „праведниот Лот“ (2. Петрово 2:7, 8). А сигурно дека Јехова Бог не бил виновен за Лотовите грешки.
„Кој може да ги забележи своите грешки?“
5. Што мислел Давид за грешките и за вообразеноста?
5 Бидејќи сме несовршени и грешни, сите правиме грешки (Римјаните 5:12; Јаков 3:2). Како Лот, можеби нѐ залажува надворешниот изглед и така можеме да погрешиме во просудувањето. Затоа псалмистот Давид молел: „Кој може да ги забележи своите грешки? Од тајните гревови очисти ме! Од надуеност чувај го слугата Свој, да не завладее со мене. Тогаш јас ќе бидам неизвалкан, чист од голем грев“ (Псалми 19:12, 13, Ст). Давид знаел дека би можел да направи гревови за кои не би бил ни свесен. Затоа, молел да му бидат простени престапите кои би можеле да бидат скриени дури и од него. Кога направил сериозна грешка затоа што неговото несовршено тело го навело да тргне по крив пат, копнеел по Јеховината помош. Барал Бог да го спречи да не направи вообразени дела. Давид не сакал вообразеноста да стане негов доминантен став. Наместо тоа, сакал да биде потполн во својата оддаденост на Јехова Бог.
6. Каква утеха може да се извлече од Псалми 102:10-14?
6 Како Јеховини денешни предадени слуги, и ние сме несовршени и затоа правиме грешки. На пример, би можеле, како Лот, да направиме лош избор што се однесува до нашето место на живеење. Можеби пропуштаме прилика да ја прошириме нашата света служба за Бог. Иако Јехова ги гледа таквите грешки, тој знае дека ние имаме срце наклонето кон праведност. Дури и ако сериозно згрешиме, но се покаеме, Јехова ни простува, ни пружа помош и на нас и понатаму гледа како на богобојазливи поединци. „Он не ни направи ништо според нашите беззаконија и не постапи според нашите гревови“, изјавил Давид. „Зашто, колку е големо растојанието од небото до земјата, толку е голема милоста на Господа спрема оние што се бојат од Него; колку е далеку исток од запад, толку ги оддалечил Он од нас нашите беззаконија; како таткото што ги милува синовите, така и Господ ги милува оние, кои се бојат од Него. Зашто Он го знае нашиот состав, помни дека ние сме земја“ (Псалми 102 [103, NW]:10-14). Нашиот милостив небесен Татко може исто така да ни овозможи да ги поправиме нашите грешки или може да ни даде нова прилика да ја прошириме нашата света служба, на негова фалба.
Погрешно е да се обвинува Бог
7. Зошто доаѓаме во неприлики?
7 Кога ни оди наопаку, човечка склоност е да обвинуваме некого или нешто за она што се случило. Некои дури го обвинуваат Бог. Но Јехова Бог не им нанесува такви неволји на луѓето. Тој им прави добро, а не лошо. Па, „Он го остава Своето сонце да грее над лошите и над добрите, и праќа дожд на праведните и на грешните“! (Матеј 5:45). Најважна причина зошто доаѓаме во неприлики е поради тоа што живееме во свет кој се заснова на себични принципи и кој се наоѓа во власта на Сатана, Ѓаволот (1. Јованово 5:19).
8. Што направил Адам кога работите не му оделе добро?
8 Не е мудро, и опасно е ако го обвинуваме Јехова Бог за потешкотиите што ни ги донесуваат нашите грешки. Тоа може дури да нѐ чини и самиот живот. Првиот човек, Адам, требало да му даде признание на Бог за сите добра што ги примил. Да, Адам требало да му биде длабоко благодарен на Јехова за самиот живот и за благословите што ги уживал во својот дом сличен на парк, во еденската градина (1. Мојсеева 2:7-9). Што направил Адам кога работите не оделе добро затоа тоа што не го послушал Јехова и јадел од забранетиот плод? Адам му се жалел на Бог: „Жената, која ми ја даде Ти, таа ми даде од дрвото, и јас јадев“ (1. Мојсеева 2:15-17; 3:1-12). Секако, не треба да го обвинуваме Јехова, како што го направил Адам.
9. а) Од што можеме да извлечеме утеха ако се соочиме со потешкотии поради нашите немудри постапки? б) Според Соломонови изреки 19:3, што прават некои кога ќе си нанесат тешкотии?
9 Ако се соочуваме со потешкотии поради тоа што нашите постапки не се мудри, можеме да извлечеме утеха од спознанието дека Јехова ги разбира нашите слабости подобро отколку ние самите и дека ќе нѐ ослободи од нашата неприлика ако покажеме исклучителна оддаденост. Треба да ја цениме божествената помош што ја добиваме и никогаш да не го обвинуваме Бог за неприликите и тешкотиите што си ги нанесуваме самите. Во овој поглед една мудра изрека вели: „Глупоста на човекот му го искривува патот негов, а срцето негово негодува против Господа“ (Соломонови изреки 19:3). Еден друг превод вели: „Некои луѓе се уништуваат себеси со своите глупави постапки, а потоа го обвинуваат ГОСПОД“ (Today’s English Version). А трет превод гласи: „Човековото незнаење му ги расипува работите, а тој пламнува против Јехова“ (Byington).
10. Како Адамовата лудост ‚му го искривила неговиот пат‘?
10 Во согласност со начелото на оваа изрека, Адам постапил себично и неговото лудо размислување ‚го искривило неговиот пат‘. Неговото срце се одвратило од Јехова Бог и тој тргнал по свој себичен, независен пат. Зашто Адам станал толкав неблагодарник што го обвинил својот Творец и со тоа се направил непријател на Највишиот! Адамовиот грев го довел до уништување и неговиот пат и оној на неговото семејство. Какво предупредување носи тоа! Оние кои се склони да го обвинуваат Јехова за несакани околности, би било добро да се запрашаат: Дали јас му давам признание на Бог за добрите работи кои ги уживам? Дали сум благодарен што имам живот како едно од неговите суштества? Дали моите сопствени грешки ми навлекле потешкотии? Дали ја заслужувам Јеховината милост или помош поради тоа што го следам неговото водство, како што е разложено во неговата инспирирана Реч, Библијата?
Опасност дури и за Божјите слуги
11. За што биле виновни еврејските религиозни водачи од I век во однос на Бог?
11 Еврејските религиозни водачи од првиот век н. е. тврделе дека му служат на Бог, но ја занемариле неговата реч на вистината и се потпирале на сопственото разбирање (Матеј 15:8, 9). Бидејќи Исус Христос го разоткрил нивното погрешно размислување, тие го убиле. Потоа, покажале голем гнев против неговите ученици (Дела на св. апостоли 7:54-60). Постапките на тие мажи биле толку искривени што всушност се разгневиле против самиот Јехова. (Спореди Дела на св. апостоли 5:34, 38, 39.)
12. Кој пример покажува дека дури и некои поединци кои се поврзани со христијанското собрание се обидуваат да го обвинат Јехова за своите потешкотии?
12 Дури и некои поединци во христијанското собрание развиле опасно размислување, обидувајќи се да го обвинат Бог за тешкотиите со кои се соочиле. На пример, наименуваните старешини во едно собрание виделе дека е неопходно да ѝ дадат љубезен но цврст библиски совет за една млада омажена жена за да не се дружи со еден световен човек. Во текот на еден разговор, таа го обвинила Бог за тоа дека не ѝ пружа помош да се спротивстави на искушението што ѝ се наметнувало со постојаното дружење со тој човек. Таа всушност рекла дека му е лута на Бог! Библиското расудување и постојаните напори да ѝ се помогне биле залудни, а неморалното постапување подоцна ја довело до исклучување од христијанското собрание.
13. Зошто треба да се избегнува став на жалење?
13 Духот на жалење може некого да го доведе да го обвинува Јехова. „Безбожници“, кои се вовлекле во собранието во првиот век, имале таков лош дух кој бил придружен со други видови на духовно расипано размислување. Како што рекол ученикот Јуда, тие луѓе ‚незаслужената доброљубивост на нашиот Бог ја извртувале во изговор за распуштеност и се покажувале лажни спрема нашиот единствен Сопственик и Господ, Исус Христос‘ (NW). Јуда исто така изјавил: „Тоа се луѓе кои мрморат, кои се жалат на својата судбина“ (Јуда 3, 4, 16, Бакотиќ). Лојалните Јеховини слуги мудро ќе молат да имаат благодарен дух, а не став на жалење кој на крајот би ги огорчил до тој степен да ја изгубат верата во Бог и да го загрозат својот однос со него.
14. Како би можел некој да реагира кога е навреден од друг христијанин, но зошто тоа не би било исправно постапување?
14 Можеби мислиш дека тоа не може тебе да ти се случи. Сепак, кога ни оди наопаку поради нашите или грешките на другите, тоа на крајот би можело да нѐ наведе да го обвинуваме Бог. На пример, некој можеби е навреден од она што го кажува или го прави некој друг верник. Навредениот поединец — можеби некој кој со години лојално му служи на Јехова — би можел тогаш да каже: ‚Ако е тој во собранието, јас повеќе нема да доаѓам на состаноци‘. Некој би можел толку да се вознемири што во срцето вели: ‚Ако се случуваат вакви работи, тогаш не сакам да бидам дел од собранието‘. Но дали христијанинот треба да има таков став? Ако си навреден од некој друг несовршен човек, зошто да бидеш лут на целото собрание од луѓе коишто Бог ги прифаќа и кои лојално му служат? Зошто некој кој му се предал на Јехова да престане да ја врши божествената волја и да му се лути на Бог? Колку е мудро да дозволиме еден поединец или сплет од околности да го уништат нашиот добар однос со Јехова? Се разбира, би било лудо и грешно да престанеме да го обожаваме Јехова заради било каква причина (Јаков 4:17).
15, 16. За што бил виновен Диотреф, но како се однесувал Гај?
15 Замисли да си бил во истото собрание со драгиот христијанин Гај. Тој ‚вршел верна работа‘ (NW) така што им укажувал гостољубивост на сообожаватели кои биле гости — и тоа странци! Но, очигледно во истото собрание бил и некој горд човек Диотреф. Тој ништо не примал со почитување од Јован, еден од Исусовите апостоли. Всушност, Диотреф дури и за Јован зборувал со злобни зборови. Апостолот рекол: „и тоа не му е доволно [на Диотреф], туку браќата сам не ги прима, а им забранува да ги примаат и оние, кои сакаат да ги примат, и ги гони од Црквата“ (3. Јованово 1, 5-10).
16 Кога Јован ќе дојдел во собранието, имал намера да ги потсети за она што го правел Диотреф. Во меѓувреме, како реагирале Гај и другите гостољубиви христијани во тоа собрание? Нема никакво библиско укажување дека некој од нив рекол: ‚Додека Диотреф е во собранието, јас не сакам да бидам дел од него. Мене нема да ме видите на состаноците‘. Без сомнение, Гај и другите како него останале цврсти. Тие не дозволиле ништо да ги спречи да ја вршат божествената волја и секако не биле лути на Јехова. А не подлегнале ни на вештите лукавства на Сатана, Ѓаволот, кој би се радувал кога би му биле неверни на Јехова и кога би го обвиниле Бог (Ефесјаните 6:10-18).
Никогаш не гневи се на Јехова!
17. Како би требало да реагираме ако некој поединец или ситуација нѐ навреди или разочара?
17 Дури и кога некој поединец или ситуација во собранието би разочарала или навредила Божји слуга, оној кој се навредил навистина би го искривувал својот пат кога би престанал да се дружи со Јеховиниот народ. Таквото лице не би ги користело исправно способностите на забележување (Евреите 5:14). Затоа биди одлучен да се соочиш со сите непријатности како чувар на беспрекорноста. Задржи ја лојалноста спрема Јехова Бог, Исус Христос и спрема христијанското собрание (Евреите 10:24, 25). Вистината која води до вечен живот не може да се најде на ниедно друго место.
18. Во што можеме да бидеме сигурни во врска со Јехова Бог иако секогаш не ги сфаќаме божествените постапки?
18 Исто така запомни дека Јехова никогаш никого не искушува со лоши работи (Јаков 1:13). Бог, кој е самото олицетворение на љубовта, прави добро, особено спрема оние кои го љубат (1. Јованово 4:8). Иако секогаш не ги сфаќаме божествените постапки, можеме да бидеме уверени дека Јехова Бог никогаш нема да пропушти да го стори најдоброто за своите слуги. Како што рекол Петар: „Смирете [понизете, NW] се под крепката рака Божја, за да ве воздигне, кога ќе дојде времето. Сите ваши грижи оставете ги на Него, зашто Он се грижи за вас“ (1. Петрово 5:6, 7). Да, Јехова навистина се грижи за својот народ (Псалми 93:14).
19, 20. Како треба да постапуваме, дури и ако нашите искушенија понекогаш нѐ депримираат?
19 Затоа, не дозволувај ништо, или никој да те спрепне. Како што псалмистот многу убаво се изразил: „Голем е мирот кај оние, кои го сакаат Твојот [Јеховиниот] закон, и за нив нема соблазна [камен на препнување, NW]“ (Псалми 118:165). Сите ние доживуваме искушенија, а тие можат понекогаш да предизвикаат да бидеме донекаде депресивни и обесхрабрени. Но никогаш не дозволувај во твоето срце да се развие огорченост, особено против Јехова (Соломонови изреки 4:23). Со негова помош и на темел на Библијата бори се со проблемите кои можеш да ги решиш и истрај во оние кои траат подолго (Матеј 18:15-17; Ефесјаните 4:26, 27).
20 Никогаш не дозволувај емоциите да те натераат да реагираш глупаво и така да го искриват твојот пат. Зборувај и постапувај на начин кој ќе го радува Божјето срце (Соломонови изреки 27:11). Повикувај го Јехова во горлива молитва, знаејќи дека тој навистина се грижи за тебе како за еден од неговите слуги и дека ќе ти го даде разбирањето кое е потребно за да останеш на патот на животот со неговиот народ (Соломонови изреки 3:5, 6). Пред сѐ, немој да се разгневуваш против Бог. Кога ти оди наопаку, секогаш имај на ум дека Јехова не е виновен.
Како би одговорил?
◻ Каква грешка направил Лот, но како Бог гледал на него?
◻ Што мислел Давид за грешките и за вообразеноста?
◻ Зошто не треба да го обвинуваме Бог кога работите ни одат наопаку?
◻ Што ќе ни помогне да избегнеме да се разгневиме против Јехова?
[Слика на страница 15]
Кога се разделил од Авраам, Лот направил лош избор на своето место на живеење