Недела, 12 јануари
Зар сега да умрам од жед? (Суд. 15:18)
Јехова одговорил на молитвата на Самсон така што со чудо направил извор од кој потекла вода. Извештајот вели: „Кога Самсон се напи, му се врати силата и живна“ (Суд. 15:19). По сѐ изгледа, овој нов извор постоел и со години подоцна, кога пророкот Самоил под водство на светиот дух ја напишал книгата за Судиите. Кога ќе го виделе тој извор, Израелците можеби се потсетувале дека, ако се потпираат на Јехова, тој ќе им помага на своите верни слуги кога имаат некаква потреба. И ние треба да бараме помош од Јехова без разлика какви способности или таленти имаме и без разлика што сме постигнале во службата за него. Треба да бидеме скромни и да признаеме дека ќе можеме да го направиме она што Јехова го бара од нас само ако се потпираме на него за помош. Исто како што Самсон добил сила кога се напил од водата што Јехова му ја дал, и ние ќе бидеме духовно зајакнати ако го користиме сето она што Јехова ни го дава за да ни помага (Мат. 11:28; w23.09 4, пас. 8-10).
Понеделник, 13 јануари
Благиот одговор го смирува гневот, а остриот збор предизвикува лутина (Изр. 15:1)
Што може да правиме кога ќе се најдеме во некоја напната ситуација, како на пример кога некој кажува лоши работи за нашиот Бог или ја исмева Библијата? Треба да го молиме Јехова да ни даде свет дух и мудрост за да реагираме на благ начин. Што може да правиме ако подоцна сфатиме дека не сме реагирале исправно? Можеме повторно да се молиме во врска со тоа и да размислиме како би можеле следен пат да постапиме на подобар начин. За возврат, Јехова ќе ни даде свет дух за да можеме да останеме смирени и да покажеме благост. Некои библиски стихови можат да ни помогнат да зборуваме смирено кога се наоѓаме во тешки ситуации. Божјиот дух може да нѐ потсети на тие стихови (Јован 14:26). На пример, начелата што се наоѓаат во книгата Изреки можат да ни помогнат да бидеме благи (Изр. 15:18). Оваа библиска книга исто така ни помага да сфатиме зошто е добро за нас да останеме смирени во стресни ситуации (Изр. 10:19; 17:27; 21:23; 25:15; w23.09 15, пас. 6-7).
Вторник, 14 јануари
Секогаш ќе ве потсетувам на ова (2. Пет. 1:12)
Апостол Петар верно му служел на Јехова многу години. Тој го придружувал Исус додека проповедал, го започнал проповедничкото дело меѓу не-Евреите, а подоцна станал член на водечкото тело. Кон крајот на неговиот живот, кога бил свесен дека наскоро ќе умре, Јехова му дал уште една задача. Во периодот околу 62-64 год. од н.е., под водство на светиот дух, тој напишал две писма — библиските книги Прво и Второ Петрово (2. Пет. 1:13-15). Петар ги напишал своите писма во време кога неговите соверници биле разжалостени поради разни искушенија (1. Пет. 1:6). Злобни луѓе се обидувале да воведат лажни учења и нечисто однесување во христијанското собрание (2. Пет. 2:1, 2, 14). Христијаните кои живееле во Ерусалим наскоро ќе се соочеле со „крајот на сѐ“ — уништувањето на тој град и неговиот храм од страна на римската војска (1. Пет. 4:7). Без сомнение, писмата на Петар им помогнале на христијаните да сфатат што можат да прават за да останат верни и покрај искушенијата што ги имале, и како да се подготват за идните искушенија (w23.09 26, пас. 1-2).