Вторник, 14 јануари
Секогаш ќе ве потсетувам на ова (2. Пет. 1:12)
Апостол Петар верно му служел на Јехова многу години. Тој го придружувал Исус додека проповедал, го започнал проповедничкото дело меѓу не-Евреите, а подоцна станал член на водечкото тело. Кон крајот на неговиот живот, кога бил свесен дека наскоро ќе умре, Јехова му дал уште една задача. Во периодот околу 62-64 год. од н.е., под водство на светиот дух, тој напишал две писма — библиските книги Прво и Второ Петрово (2. Пет. 1:13-15). Петар ги напишал своите писма во време кога неговите соверници биле разжалостени поради разни искушенија (1. Пет. 1:6). Злобни луѓе се обидувале да воведат лажни учења и нечисто однесување во христијанското собрание (2. Пет. 2:1, 2, 14). Христијаните кои живееле во Ерусалим наскоро ќе се соочеле со „крајот на сѐ“ — уништувањето на тој град и неговиот храм од страна на римската војска (1. Пет. 4:7). Без сомнение, писмата на Петар им помогнале на христијаните да сфатат што можат да прават за да останат верни и покрај искушенијата што ги имале, и како да се подготват за идните искушенија (w23.09 26, пас. 1-2).
Среда, 15 јануари
[Христос] се научи на послушност од она што го претрпе (Евр. 5:8)
Слично како Исус, и ние честопати се учиме на послушност кога сме во тешки околности. На пример, на почетокот од пандемијата со КОВИД-19, добивме упатство да не ги одржуваме состаноците во нашите сали и да прекинеме да проповедаме од куќа до куќа. Дали ти беше тешко да го послушаш ова упатство? Сепак, твојата послушност те заштити, придонесе да се зачува единството во собранието и го радуваше Јехова. Сега, сите ние сме подобро подготвени за да го послушаме кое и да било упатство што ќе го добиеме за време на големата неволја. Нашиот живот ќе зависи од тоа! (Јов 36:11). Ние избираме да му бидеме послушни на Јехова првенствено затоа што го сакаме и имаме желба да го радуваме (1. Јов. 5:3). Никогаш нема да можеме да му се оддолжиме на Јехова за сето она што тој го направил за нас (Пс. 116:12). Но, можеме да му бидеме послушни нему и на оние кои имаат авторитет над нас. Ако сме послушни, покажуваме дека сме мудри, а кога сме мудри, го радуваме Јеховиното срце (Изр. 27:11; w23.10 11, пас. 18-19).
Четврток, 16 јануари
Обожавајте го оној што ги создаде небото и земјата! (Отк. 14:7, фус.)
Доколку некој ангел би зборувал со тебе, дали би слушал што има да ти каже? Денес, еден ангел му зборува „на секој народ и племе и јазик и народност“. Што им вели тој? „Бојте се од Бог и оддајте му слава... Обожавајте го оној што ги создаде небото и земјата“ (Отк. 14:6, 7, фус.). Јехова е единствениот вистински Бог кому секој треба да му служи. Многу сме му благодарни што ни ја дал скапоцената можност да му служиме во неговиот голем духовен храм! Што точно е духовниот храм, и каде можеме да најдеме повеќе информации за него? Духовниот храм не е дословна градба. Тој го претставува сето она што Јехова го овозможил преку жртвата на Исус Христос за да можат луѓето да му служат на исправен начин. Апостол Павле објаснил нешто повеќе во врска со ова во писмото што им го напишал на христијаните со еврејско потекло кои живееле во Јудеја во првиот век (w23.10 24, пас. 1-2).