Јеховината реч е жива
Избрани стихови од книгите Агеј и Захарија
ДА ЗАМИСЛИМЕ дека е 520 год. пр.н.е. Поминати се 16 години откако Евреите што се вратиле од изгнанство во Вавилон ги положиле темелите на Јеховиниот храм во Ерусалим. Сепак, храмот сѐ уште не е завршен и имаат забрана да продолжат да градат. Јехова го испраќа пророкот Агеј, а по два месеца и пророкот Захарија, за да ги пренесат неговите пораки.
Агеј и Захарија имаат иста цел: да го поттикнат народот да продолжи со изградба на храмот. Успеваат во тоа и, по пет години, храмот е довршен. Она што го објавувале Агеј и Захарија е запишано во библиските книги што го носат нивното име. Книгата Агеј била завршена во 520 год. пр.н.е., а книгата Захарија во 518 год. пр.н.е. Исто како тие пророци, и ние треба да извршиме една задача што ни ја дава Бог и која мора да се изврши пред да биде уништен овој поредок. Тоа е задачата да проповедаме за Царството и да правиме ученици. Да видиме какво охрабрување добиваме од библиските книги што ги напишале Агеј и Захарија.
„РАЗМИСЛЕТЕ ЗА СВОИТЕ ПАТИШТА!“
За 112 дена, Агеј пренесува четири мотивирачки пораки. Првата е: „,Размислете за своите патишта! Качете се на планината и донесете дрва. Изградете го домот за да му се радувам и да се прославам‘, вели Јехова“ (Агеј 1:7, 8). Народот послушно го прави тоа што му е речено. Втората порака го содржи Јеховиното ветување: „Ќе го наполнам овој дом со слава“ (Агеј 2:7).
Како што се гледа од третата порака, ‚луѓето и сите дела на нивните раце‘ станале нечисти во Јеховини очи затоа што престанале со изградбата на храмот. Меѓутоа, од денот кога ќе почнат со поправките, Јехова ‚ќе им го даде својот благослов‘. Како што стои во четвртата порака, Јехова ‚ќе ги уништи силите на царствата на народите‘ и ќе го стави управителот Зоровавел како „печатен прстен“ (Агеј 2:14, 19, 22, 23).
Одговорени библиски прашања:
1:6 — Што значат зборовите „пиете, но не можете да се опиете“? Овие зборови едноставно покажуваат дека ќе има многу малку вино. Затоа што Јехова не ги благословува, ќе нема вино во изобилство — ќе нема доволно за човек да се опие.
2:6, 7, 21, 22 — Кој или што го предизвикува тресењето, и со каков резултат? Јехова ‚ги затресува сите народи‘ преку проповедањето на пораката за Царството низ целиот свет. Исто така, преку проповедничкото дело се собираат „скапоценостите од сите народи“ во Јеховинот дом, кој на тој начин се исполнува со слава. Со текот на времето, „Јехова над војските“ ќе ги затресе „небото и земјата, морето и копното“, па ќе биде збришан целиот сегашен злобен поредок (Евреите 12:26, 27).
2:9 — Во која смисла е можно ‚славата на вториот дом да биде поголема отколку на првиот‘? Ова се однесува најмалку на три работи: колку години постоел храмот, кој е тој што поучувал во него и колку луѓе се собирале во него за да го обожаваат Јехова. Иако величествениот храм што го изградил Соломон постоел 420 години, од 1027 год. пр.н.е. до 607 год. пр.н.е., ‚вториот дом‘ се користел преку 580 години, откако бил изграден во 515 год. пр.н.е. сѐ додека не бил уништен во 70 год. од н.е. Освен тоа, во ‚вториот дом‘ поучувал Месијата, Исус Христос, и во него доаѓале да го обожаваат Бог повеќе луѓе отколку во „првиот“ (Дела 2:1-11).
Поуки за нас:
1:2-4. Тоа што некои се противат на нашето проповедање не треба да биде причина ‚барањето на царството‘ да ни биде на второ место, а на прво да ги ставиме своите лични интереси (Матеј 6:33).
1:5, 7. Добро е ‚да размислиме за своите патишта‘ и за тоа како начинот на кој го живееме животот влијае врз нашиот однос со Бог.
1:6, 9-11; 2:14-17. Евреите во времето на Агеј напорно работеле за да ги постигнат своите лични цели, но не уживале во плодовите на својот труд. Го запоставиле храмот, па затоа Јехова не ги благословувал. На прво место треба да ни бидат духовните работи и да му служиме на Бог со сето срце, имајќи на ум дека, сеедно дали имаме малку или многу во материјален поглед, „благословот од Јехова“ е тоа што „збогатува“ (Изреки 10:22).
2:15, 18. Јехова ги поттикнал Евреите да размислат за своите патишта од тој ден натаму, односно да не размислуваат за минатото кога го запоставиле храмот, туку за повторната изградба. И ние треба да се трудиме да гледаме напред додека го обожаваме Јехова.
‚НЕ СО МОЌ, ТУКУ СО МОЈОТ ДУХ‘
Захарија ја започнува својата пророчка активност со повик до Евреите ‚да му се вратат на Јехова‘ (Захарија 1:3). Осумте виденија што следат ги уверуваат дека Бог ќе стои зад повторната изградба на храмот. (Види ја рамката „Алегоричните виденија на Захарија“.) Изградбата ќе заврши, но „не со воена сила, ниту со моќ, туку со [Јеховиниот] дух“ (Захарија 4:6). Човекот по име Фиданка „ќе го изгради Јеховиниот храм“ и „ќе биде свештеник на својот престол“ (Захарија 6:12, 13).
Ветил испраќа една делегација за да ги праша свештениците дали да пости во спомен на уништувањето на Ерусалим. Јехова му вели на Захарија дека оплакувањето во текот на четирите пости што ги држеле за спомен на неволјата што го снашла Ерусалим ќе се претвори во „радост, веселба и радосни празници“ (Захарија 7:2; 8:19). Двете објави што следат содржат осуди против народите и лажните пророци, месијански пророштва и порака дека Божјиот народ ќе се врати во својата татковина (Захарија 9:1; 12:1).
Одговорени библиски прашања:
2:1 — Зошто еден човек го мери Ерусалим со јаже? Изгледа дека оваа постапка покажувала дека ќе се изгради заштитен ѕид околу градот. Ангелот му кажува на човекот дека Ерусалим ќе се прошири и дека Јехова ќе го штити (Захарија 2:3-5).
6:11-13 — Дали со крунисувањето на првосвештеникот Исус тој станал цар-свештеник? Не, првосвештеникот Исус не бил од царската лоза на Давид. Но, со своето крунисување станал претслика за Месијата (Евреите 6:20). Пророштвото во врска со ‚фиданката‘ се исполнило врз небесниот Цар-свештеник Исус Христос (Еремија 23:5). Исто како што Исус, синот на Јоседек, им служел на Евреите како првосвештеник во повторно изградениот храм, така и Исус Христос служи како Првосвештеник во духовниот храм во кој се обожава Јехова.
8:1-23 — Кога се исполниле десетте објави што се спомнати во овие стихови? По секоја објава следи изразот „вака вели Јехова над војските“, и со неа Бог му ветува мир на својот народ. Некои од овие објави се исполниле во шестиот век пр.н.е., а сите или се исполниле по 1919 год. од н.е. или се исполнуваат сега.a
8:3 — Зошто Ерусалим е наречен „град на вистината“? Пред да биде уништен во 607 год. пр.н.е., Ерусалим бил „насилнички град“ во кој живееле расипани пророци и свештеници и неверни луѓе (Софонија 3:1; Еремија 6:13; 7:29-34). Но кога храмот бил повторно изграден и луѓето почнале повторно да му служат на Јехова, таму требало да се кажуваат вистините за Бог, а Ерусалим требало да биде наречен „град на вистината“.
11:7-14 — Што значи тоа што Захарија отсекол два стапа, едниот наречен „Наклоност“, а другиот „Врска“? Захарија е прикажан како оној што е испратен ‚да го пасе стадото одредено за колење‘ — луѓе слични на овци кои се искористувани од страна на своите водачи. Во својата улога на пастир, Захарија го претставувал Исус Христос, кој бил испратен кај народот што бил во сојуз со Бог, но тој народ го отфрлил. Отсекувањето на стапот наречен „Наклоност“ значело дека Бог ќе му стави крај на сојузот на Законот што го склучил со Евреите и ќе престане да биде милостив со нив. Отсекувањето на стапот наречен „Врска“ значело прекинување на теократската братска врска помеѓу Јуда и Израел.
12:11 — Што било „тажењето во Хададримон во долината Мегидо“? Цар Јосија од Јуда бил убиен во една битка со египетскиот фараон Нехо во „долината Мегидо“, и неговата смрт била оплакувана со „тажачки“ многу години (2. Летописи 35:25). Според тоа, „тажењето во Хададримон“ можеби се однесува на оплакувањето на смртта на Јосија.
Поуки за нас:
1:2-6; 7:11-14. Јехова ги сака и им се враќа на оние што покајнички прифаќаат укор и му се враќаат служејќи му со сета душа. Од друга страна, пак, не одговара кога го викаат за помош оние што ‚не сакаат да слушаат туку тврдоглаво свртуваат грб и ги затнуваат ушите‘ кога им се кажува неговата порака.
4:6, 7. Немало препрека која била толку голема што Јеховинот дух не можел да ја совлада за успешно да се заврши повторната изградба на храмот. На какви проблеми и да наидеме во нашата служба за Бог, можеме да ги совладаме ако имаме вера во Јехова (Матеј 17:20).
4:10. Под надзор на Јехова, Зоровавел и неговиот народ го завршиле храмот според високите мерила на Бог. За несовршените луѓе не е премногу тешко да живеат според Јеховините очекувања.
7:8-10; 8:16, 17. За да ја имаме Јеховината наклоност, мора да бидеме праведни, добри, милосрдни и да ја зборуваме вистината еден со друг.
8:9-13. Јехова нѐ благословува кога ‚ни се силни рацете‘ во делото што ни го доверил. Овие благослови се мирот, сигурноста и духовниот напредок.
12:6. Оние што служат како надгледници меѓу Јеховиниот народ треба да бидат „како запален факел“ — многу ревносни.
13:3. Нашата верност кон вистинскиот Бог и кон неговата организација треба да биде поголема од верноста кон кој и да е човек, колку и да ни е близок.
13:8, 9. Отпадниците што ги отфрлил Јехова биле многубројни, две третини од земјата. Само една третина биле пречистени како низ оган. Во денешно време Јехова го отфрлил христијанскиот свет, кој го сочинуваат повеќето од оние што тврдат дека се христијани. Само еден мал број христијани, помазаниците, ‚го повикувале Јеховиното име‘ и дозволиле да бидат пречистени. Тие и нивните соверници се Сведоци на Јехова и на дело, а не само по име.
Поттикнати на ревносни дела
Како влијае врз нас денес она што го објавувале Агеј и Захарија? Кога ќе размислиме за тоа како нивната порака ги поттикнала Евреите да се посветат на повторната изградба на храмот, зар не сме поттикнати ревносно да проповедаме за Царството и да правиме ученици?
Захарија прорекол дека Месијата ќе дојде ‚јавајќи на магаре‘, дека ќе биде предаден за „триесет сребреници“, дека ќе го удрат и дека ќе „се разбегаат овците од стадото“ (Захарија 9:9; 11:12; 13:7). Сигурно дека верата ќе ни се зајакне ако размислуваме за исполнувањето на ваквите месијански пророштва што ги запишал Захарија! (Матеј 21:1-9; 26:31, 56; 27:3-10). Се зголемува нашата доверба во Јеховината реч и во она што Јехова го прави за наше спасение (Евреите 4:12).
[Фуснота]
[Рамка на страница 11]
АЛЕГОРИЧНИТЕ ВИДЕНИЈА НА ЗАХАРИЈА
1:8-17 гарантира дека храмот ќе биде довршен и покажува дека Ерусалим и другите градови во Јуда ќе бидат благословени.
1:18-21 ветува дека ќе им дојде крај на ‚четирите рога што го распрснале Јуда‘, односно на сите влади што се противеле на обожавањето на Јехова.
2:1-13 навестува дека Ерусалим ќе се прошири и дека Јехова ќе го штити — како „огнен ѕид наоколу“.
3:1-10 покажува дека Сатана стоел зад противењето на изградбата на храмот и дека првосвештеникот Исус е избавен и очистен од гревовите.
4:1-14 дава уверување дека препреките слични на планини ќе се израмнат и дека управителот Зоровавел ќе го доврши храмот.
5:1-4 изрекува проклетство врз престапниците што поминале неказнето.
5:5-11 го прорекува крајот на злобата.
6:1-8 ветува грижа и заштита од ангелите.
[Слика на страница 8]
Која била целта на пораките на Агеј и Захарија?
[Слика на страница 10]
Во кој поглед оние што служат како надгледници се „како запален факел“?