Христијанскиот став кон авторитетот
„Нема власт, што не е дадена од Бога“ (РИМЈАНИТЕ 13:1).
1. Со што е сроден зборот „авторитет“, и зошто може да се рече дека Јехова е Врховниот Авторитет?
АВТОРИТЕТОТ е поврзан со творењето. Зборот „авторитет“ е сроден со зборот „автор“, што значи „творец, создавач или основач“. Врховниот кој ја создал сета творба — жива и нежива — е Јехова Бог. Тој е неоспорно Врховниот Авторитет. Вистинските христијани ги споделуваат чувствата на небесните суштества кои изјавуваат: „Достоен си, Господи, да ја примиш славата, честа и силата, зашто Ти си создал сѐ, и според Твојата волја постои сѐ и е создадено“ (Откровение 4:11).
2. Како признале во извесна смисла раните човечки владетели дека немале природно право да господарат над своите ближни, и што му рекол Исус на Пилат?
2 Самиот факт што многу од најраните човечки владетели се обидувале да го озаконат својот авторитет, тврдејќи дека се богови или божји застапници, било немо признавање дека ниеден човек нема наследено право да владее над други луѓеa (Јеремија 10:23). Единствениот законски извор на авторитет е Јехова Бог. Христос му рекол на Понтиј Пилат, римскиот намесник на Јудеја: „Ти не би имал никаква власт над Мене, ако не ти беше дадено одозгора“ (Јован 19:11).
„Нема власт, што не е дадена од Бога“
3. Што изјавил апостол Павле во поглед на „претпоставените власти“, и кои прашања ги покренуваат Исусовите и Павловите изјави?
3 Апостол Павле им напишал на христијаните кои живееле под доминација на Римската империја: „Секоја душа да им се потчинува на претпоставените власти, зашто нема власт, што не е дадена од Бога; [постојните власти се подредени од Бог во нивната условна положба, НС]“ (Римјаните 13:1). Што мислел Исус кога изјавил дека власта на Пилат му била дадена „одозгора“? И на кој начин Павле сметал дека политичките власти од негово време биле поставени на нивните положби од Бог? Дали тие мислеле дека Јехова е лично одговорен за поставувањето на секој поединечен политички владетел од овој свет?
4. Како Исус и Павле го нарекле Сатана, и кое тврдење на Сатана не го порекнал Исус?
4 Како е можно тоа, кога Исус го нарекол Сатана ‚кнез на овој свет‘, а апостол Павле го означил како ‚бог од овој свет‘? (Јован 12:31; 16:11; 2. Коринтјаните 4:4). Освен тоа, кога го искушувал Исуса, Сатана му понудил „власт“ над „сите царства во светот“, тврдејќи дека таа власт му била предадена нему. Исус ја одбил неговата понуда, но не порекнал дека Сатана ја имал таквата власт и дека можел да ја даде (Лука 4:5-8).
5. а) Како треба да ги разбереме Исусовите и Павловите зборови за човечката власт? б) Во која смисла вишите власти „се подредени од Бог во нивната условна положба“?
5 Јехова му предал на Сатана власт над овој свет на тој начин што го оставил да живее по неговата побуна и откако ги искушал Адам и Ева предизвикувајќи ги да се побунат против Неговата сувереност (1. Мојсеева 3:1-6; спореди 2. Мојсеева 9:15, 16). Според тоа, Исусовите и Павловите зборови мора да значат дека откако првата човечка двојка во Едем ја отфрлила теократијата, или владеењето на Бог, Јехова им дозволил на отуѓените луѓе да создадат структури на власт кои би им овозможиле да живеат во едно уредно општество. Повремено, за да ја изврши својата намера, Јехова предизвикувал извесни владетели или управители да паднат (Даниил 2:19-21). На други им дозволувал да останат на власт. За владетелите чие постоење Јехова го толерира, може да се рече дека „се подредени од Бог во нивната условна положба“ (НС).
Раните христијани и римските власти
6. Како гледале раните христијани на римските власти и зошто?
6 Раните христијани не ги здружувале силите со еврејските секти кои ковале заговор и се бореле против Римјаните кои го окупирале Израел. Напротив, бидејќи римските власти, со нивниот озаконет правен систем, одржувале ред на копно и на море, граделе разни корисни аквадукти, патишта и мостови, и воглавно делувале за општото добро, христијаните ги сметале за ‚Божја слугинка [или: „слуга“, фуснота, НС] за нивно добро‘ (Римјаните 13:3, 4). Законот и редот создавале услови кои им овозможувале на христијаните да ја проповедаат добрата вест надалеку и нашироко, како што заповедал Исус (Матеј 28:19, 20). Со мирна совест можеле да ги плаќаат даноците што ги наметнувале Римјаните, иако дел од парите се користел за цели кои Бог не ги одобрувал (Римјаните 13:5-7).
7, 8. а) Што открива внимателното читање на Римјаните 13:1-7, и што покажува контекстот? б) Под кои околности римските власти не делувале како ‚Божја слугинка‘, и каков став имале раните христијани во тој случај?
7 Ако внимателно се прочитаат првите седум стихови од Римјаните 13. поглавје, ќе се открие дека политичките ‚претпоставени власти‘ биле „слугинка Божја“ која ги пофалува оние кои прават добро, а ги казнува оние кои прават зло. Контекстот покажува дека Бог, а не вишите власти, одредува што е добро а што зло. Затоа, ако римскиот император или кој и да е друг политички авторитет барал работи коишто Бог ги забранувал или, обратно, забранувал работи коишто Бог ги барал, тој повеќе не дејствувал како Божји слуга. Исус рекол: „Подајте го царевото на царот а Божјото на Бога!“ (Матеј 22:21). Ако римската држава барала работи кои му припаѓале на Бог, како на пример, обожавање или нечиј живот, вистинските христијани го следеле апостолскиот совет: „Повеќе треба да Му се покоруваме на Бога, отколку на луѓето“ (Дела 5:29).
8 Одбивањето на раните христијани да го обожаваат императорот и да практицираат идолопоклонство, да се одречат од нивните христијански состаноци и да престанат со проповедањето на добрата вест, донело прогонство. Општо се верува дека апостол Павле бил погубен по налог на императорот Нерон. Други императори, особено Домицијан, Марко Аврелиј, Септимиј Север, Дециј и Диоклецијан, исто така ги прогонувале раните христијани. Кога овие императори и нивните потчинети власти ги прогонувале христијаните, сигурно не постапувале како ‚Божји слуги‘.
9. а) Што останува да важи за политичките виши власти, и од кого ја прима моќта и власта политичкиот ѕвер? б) Што може логично да се рече за христијанската подложност на вишите власти?
9 Сето ова илустрира дека, и покрај тоа што политичките виши власти во некој поглед служат како ‚Божја наредба‘ за да се одржи едно уредно човечко општество, тие остануваат дел од светскиот систем на ствари чијшто бог е Сатана (1. Јованово 5:19). Ѝ припаѓаат на светската политичка организација симболизирана со ‚ѕверот‘ во Откровение 13:1, 2. Тој ѕвер ја прима својата моќ и власт од „големиот змев“, Сатана Ѓаволот (Откровение 12:9). Според тоа, логично е што христијанската подложност на таквите власти е релативна, а не апсолутна. (Спореди Даниил 3:16-18.)
Исправна почит кон властите
10, 11. а) Како покажал Павле дека треба да имаме почитување спрема луѓето на власт? б) Како и зошто можат да се изговараат молитви „за царевите и за сите што се на власт“?
10 Но, тоа не значи дека христијаните треба да усвојат дрзок, инаетлив став кон политичките виши власти. Вистина, мнозина од овие луѓе не се баш достојни за почит што се однесува до нивниот приватен, па дури и јавен живот. Сепак, апостолите, со својот пример и совет покажале дека кон луѓето на власт треба да се однесуваме со почит. Кога Павле се појавил пред родоосквернителниот Ирод Агрипа II, му зборувал со исправно почитување (Дела 26:2, 3, 25).
11 Павле дури изјавил дека е прикладно да се споменуваат световните власти во нашите молитви, особено кога треба да донесат одлуки кои ќе влијаат врз нашите животи и нашите христијански активности. Напишал: „Молам, пред сѐ, да се прават просби, молитви, молби и благодаренија за сите луѓе: за царевите и за сите што се на власт, та да поживееме тих и мирен живот во потполна побожност и чистота; оти тоа е добро и угодно пред нашиот Спасител Бога, Кој сака сите луѓе да се спасат и да ја познаат вистината“ (1. Тимотеј 2:1-4). Нашиот став полн со почит спрема таквите власти може да придонесе тие да ни дозволат да продолжиме послободно да го вршиме нашето дело во кое се обидуваме да спасиме луѓе од „сите [видови, НС]“.
12, 13. а) Каков урамнотежен совет дал Петар во поглед на власта? б) Како можеме да го спречиме „незнаењето на безумните луѓе“ кои создаваат предрасуди спрема Јеховините сведоци?
12 Апостол Петар напишал: „Покорувајте се на секое човечко началство, поради Господа: било на цар, како на врховна власт, било на намесници, како негови пратеници за казнување на злочинците, а за пофалба на добротворците! Оти, таква е волјата Божја, — со добротворство да го задржуваме незнаењето на безумните луѓе, како слободни, а не како такви што ја употребуваат слободата како покрив на злобата, туку — како слуги Божји. Почитувајте го секого, браќата сакајте ги, од Бога бојте се, царот почитувајте го!“ (1. Петрово 2:13-17). Каков урамнотежен совет! Му должиме потполна подложност на Бог како негови робови, а покажуваме релативна подложност, полна со почит, спрема политичките власти кои се испратени да ги казнат злосторниците.
13 Утврдено е дека многумина од световните власти имаат необично погрешни сфаќања за Јеховините сведоци. Обично ова е поради тоа што се погрешно информирани од страна на злобните непријатели на Божјиот народ. Или, можеби сето она што го знаат за нас го дознале од мас-медиумите, кои не се секогаш непристрасни во нивните известувања. Понекогаш можеме да ги отстраниме ваквите предрасуди со нашиот став полн со почитување и, каде што е можно, со тоа што на властите ќе им дадеме една точна слика за делото и верувањата на Јеховините сведоци. За презафатените службеници брошурата Јеховините сведоци во дваесеттиот век дава кратко објаснување. За подетални информации, може да им се набави книгата Jehovah’s Witnesses—Proclaimers of God’s Kingdom (Јеховини сведоци — објавители на Божјето Царство), одлично средство кое заслужува да се најде на полиците во месните и народните јавни библиотеки.
Авторитетот во христијанските домови
14, 15. а) Кој е темелот за авторитетот во едно христијанско семејство? б) Каков треба да биде ставот на христијанките спрема нивните сопрузи, и зошто?
14 Очигледно е дека ако Бог бара од христијаните да покажуваат должен респект спрема световните власти, тие подеднакво треба да ја почитуваат структурата на власт што ја воспоставил Бог во христијанските домови. Апостол Павле го истакнал во кратки црти начелото на поглаварство што се применува меѓу Јеховиниот народ. Тој напишал: „Сакам уште да знаете дека глава на секој маж е Христос; а на жена глава е мажот; на Христа, пак, глава е Бог“ (1. Коринтјаните 11:3). Ова е начелото на теократија, односно владеење на Бог. Што вклучува тоа?
15 Почитувањето на теократијата започнува во домот. Христијанката која не покажува должна почит спрема авторитетот на својот сопруг — сеедно дали е соверник или не — нема теократски став. Павле ги советувал христијаните: „Покорувајте му се еден на друг во страв Божји. Вие, жените, покорувајте им се на мажите свои, како на Господа, зашто мажот е глава на жената, како што е и Христос глава на Црквата, и Он е Спасител на телото. Но, како што Црквата Му се покорува на Христа, така и жените да им се покоруваат на своите мажи во сѐ“ (Ефесјаните 5:21-24). Исто како што христијанските мажи мораат да се потчинуваат на Христовото поглаварство, така и христијанките треба да увидат дека е мудро да се потчинуваат на авторитетот што на нивните сопрузи им го дал Бог. Тоа ќе им донесе длабоко внатрешно задоволство и, што е уште поважно, Јеховин благослов.
16, 17. а) Како можат децата кои се подигнати во христијански домови да се разликуваат од мнозина денешни млади, и каков поттик имаат? б) Како бил Исус извонреден пример за денешните млади, и на што се охрабрени тие?
16 Децата кои имаат теократски став се радуваат да покажуваат исправно почитување спрема своите родители. За младата генерација од последните денови е проречено дека ќе бидат „непокорни спрема родителите“ (2. Тимотеј 3:1, 2). Но, на христијанските деца инспирираната Реч Божја им вели: „Деца, на родителите свои бидете им послушни во сѐ, зашто тоа Му е благоугодно на Господа!“ (Колосјаните 3:20). Почитувањето на родителскиот авторитет му е угодно на Јехова и донесува негов благослов.
17 Тоа е илустрирано со случајот на Исус. Лукиниот извештај наведува: „И слезе со нив [неговите родители], па дојде во Назарет; и им беше послушен. . . . Исус, пак, напредуваше во премудроста и возраста, и во благодатта пред Бога и кај луѓето“ (Лука 2:51, 52). Тогаш Исус имал 12 години, а грчкиот глаголски облик што е употребен овде нагласува дека тој им ‚останал подложен‘ (НС) на своите родители. Но неговата подложност не престанала кога навлегол во тинејџерските години. Ако вие млади сакате да напредувате во духовноста и во милоста кај Јехова и побожните луѓе, ќе треба да покажувате почитување спрема авторитетот во и надвор од вашиот дом.
Авторитетот во собранието
18. Кој е Главата на христијанското собрание, и на кого тој му дал овластување?
18 Зборувајќи за потребата од ред во христијанското собрание, Павле напишал: „Бог не е Бог на безредие, туку на мирот. . . . Сѐ да се врши како прилега и уредно [или: според редот, фуснота, НС]“ (1. Коринтјаните 14:33, 40). За сѐ да се врши на уреден начин, Христос, Главата на христијанското собрание, им дал овластување на верни мажи. Читаме: „Он постави едни за апостоли, други за пророци, трети за евангелисти, четврти за пастири и учители, за усовршување на светиите во делото на служењето . . . со вистинска љубов во сѐ да растеме во Оној, Кој е глава, Христос“ (Ефесјаните 4:11, 12, 15).
19. а) Кого го поставил Христос над сиот свој земски имот, и на кого му дал посебно овластување? б) Какво овластување постои во христијанското собрание, и што бара тоа од нас?
19 Во ова време на крајот, Христос наименувал колективен „верен и разумен роб“ (НС) над „целиот свој имот“, односно интересите на Царството на Земјата (Матеј 24:45-47). Како во првиот век, овој роб го застапува едно водечко тело од помазани христијански мажи кои Христос ги овластил да донесуваат одлуки и да наименуваат други надгледници (Дела 6:2, 3; 15:2). Покрај тоа, Водечкото тело ги ополномоштува Одборите на подружниците, обласните и покраинските надгледници и старешините во секое од над 73.000 собранија на Јеховините сведоци ширум Земјата. Сите овие предадени христијани ја заслужуваат нашата поддршка и почитување (1. Тимотеј 5:17).
20. Кој пример покажува дека Јехова е незадоволен од оние на кои им недостасува почит спрема сохристијаните на кои им е даден авторитет?
20 Со оглед на почитта што им ја должиме на оние кои имаат авторитет во христијанското собрание, може да се направи интересна споредба со подложноста што им ја должиме на световните власти. Кога едно лице ќе прекрши некој човечки закон којшто Бог го одобрува, одмерената казна од страна на „началниците“, фактички, претставува индиректен израз на Божјиот гнев врз „оној што прави зло“ (Римјаните 13:3, 4). Ако Јехова е лут кога некое лице ќе прекрши човечки закон и му недостига исправно почитување кон световните власти, колку повеќе мора да е незадоволен кога некој предаден христијанин се подбива со библиските начела и покажува непочитување спрема сохристијаните коишто имаат авторитет!
21. Кој библиски пример ќе бидеме среќни да го следиме, и што ќе се разгледува во следната статија?
21 Наместо да си навлечеме Божје негодување, заземајќи бунтовен или независен став, ќе го следиме Павловиот совет до христијаните во Филипи: „Затоа, возљубени мои, како што секогаш ме слушавте, не само во мое присуство, туку многу повеќе сега, кога сум отсутен, со страв и трепет градете го вашето спасение, оти Бог е Оној, Кој во вас прави да сакате и да дејствувате според Неговата добра волја. Правете сѐ без ропот и двоумење, за да бидете прави и чисти, непорочни чеда Божји среде лош и расипан род, во кој светите како светила во светот“ (Филипјаните 2:12-15). За разлика од сегашната изопачена и искривена генерација која самата предизвикала криза на авторитетот, Јеховиниот народ спремно се подложува на авторитетот. Така тој жнее огромни користи, како што ќе видиме во следната статија.
[Фуснота]
a Види ја претходната статија.
Повторување
◻ Кој е Врховниот Авторитет, и зошто е законска неговата власт?
◻ Во која смисла вишите власти „се подредени од Бог во нивната условна положба“?
◻ Кога вишите власти престануваат да бидат ‚Божја слугинка‘?
◻ Каква структура на власт постои во христијанските семејства?
◻ Какво овластување постои во христијанското собрание?
[Слики на страница 18]
Исус изјавил: „Подајте го царевото на царот“