Четврток, 21 ноември
И сите што сакаат да живеат оддадено на Бог во единство со Христос Исус, ќе бидат прогонувани (2. Тим. 3:12)
Нашите непријатели шират лаги или дезинформации за браќата кои предводат во Јеховината организација (Пс. 31:13). Некои браќа се уапсени и се обвинети како криминалци. Христијаните од првиот век се соочиле со слична ситуација кога апостол Павле бил неправедно обвинет и уапсен. Некои од нив престанале да го поддржуваат кога бил затворен во Рим (2. Тим. 1:8, 15; 2:8, 9). Замисли си колку разочарано се чувствувал Павле. Тој доживеал многу неволји, па дури и си го ризикувал животот за нив (Дела 20:18-21; 2. Кор. 1:8). Никогаш да не станеме како оние кои го напуштиле Павле! Не треба да бидеме изненадени што посебна мета на Сатана му се браќата кои предводат во организацијата. Тој сака да ја скрши верноста на овие браќа и да нѐ заплаши нас (1. Пет. 5:8). Да продолжиме верно да ги поддржуваме своите браќа и да останеме покрај нив (2. Тим. 1:16-18; w22.11 16-17, пас. 8-11).
Петок, 22 ноември
Зарем не се боиш од Бог? (Лука 23:40)
Злосторникот кој висел покрај Исус пред тој да умре веројатно бил Евреин. Евреите обожавале само еден Бог, но луѓето од другите народи верувале во многу богови (2. Мој. 20:2, 3; 1. Кор. 8:5, 6). Ако злосторникот не бил Евреин, тогаш прашањето од денешниот стих веројатно би гласело: „Зарем не се боиш од боговите?“ Исто така, Исус не бил испратен кај луѓето од другите народи, туку кај „загубените овци на домот Израелов“ (Мат. 15:24). Во минатото, Бог им открил на Израелците дека ќе има воскресение на мртвите. Злосторникот кој се покајал можеби знаел за ова и, како што се гледа од неговите зборови, тој претпоставил дека Јехова ќе го воскресне Исус за да владее во Божјето Царство. Очигледно, тој се надевал дека Бог ќе го воскресне и него. Како Евреин, овој злосторник сигурно знаел за Адам и Ева. Според тоа, веројатно тој верувал дека рајот што го спомнал Исус во Лука 23:43 ќе биде овде на Земјата и ќе биде сличен на прекрасната градина Еден (1. Мој. 2:15; w22.12 8-9, пас. 2-3).
Сабота, 23 ноември
Сите тие еднодушно истрајаа во молитва (Дела 1:14)
Ние денес можеме да проповедаме само затоа што ни помага Божјиот дух. Зошто го велиме ова? Бидејќи Сатана води војна против нас за да го спречи проповедничкото дело (Отк. 12:17). Од човечка гледна точка, се чини дека немаме никакви шанси да успееме во борбата против Сатана. Но, со нашето сведочење, ние го победуваме! (Отк. 12:9-11). Во која смисла? Секогаш кога проповедаме, покажуваме дека не сме исплашени од заканите на Сатана. Всушност, секогаш кога проповедаме, Сатана доживува пораз. Според тоа, можеме да заклучиме дека светиот дух ни дава сила и дека го имаме Јеховиниот благослов (Мат. 5:10-12; 1. Пет. 4:14). Божјиот дух може да ни помогне да се справиме со секоја тешкотија на која ќе наидеме во нашата служба (2. Кор. 4:7-9). Но, што треба да правиме за и понатаму да го добиваме Божјиот дух? Треба упорно да го молиме Јехова да ни го даде својот дух, уверени дека тој ќе ги чуе нашите молитви (w22.11 5, пас. 10-11).