Четврток, 23 април
Христос Исус дојде во светот за да ги спаси грешниците (1. Тим. 1:15)
Замисли дека на некој што го сакаш му даваш посебен подарок што е и убав и практичен. Колку ќе се разочараш ако тој само го стави во некоја фиока и никогаш повеќе не помисли на него! Од друга страна, сигурно ќе ти биде многу мило ако тој го користи подарокот и покажува дека е благодарен за него. Како овој пример може да се поврзе со откупнината? Јехова го дал својот Син да умре за нас. Колку среќен мора да е Јехова кога покажуваме дека сме благодарни за тој скапоцен дар и за неговата љубов која го поттикнала да ја обезбеди откупнината! (Јован 3:16; Рим. 5:7, 8). Сепак, како што минува времето, би можеле да почнеме да ја земаме откупнината здраво за готово. Тоа би било како да сме го ставиле подарокот од Бог во фиока. Среќни сме што го имаме, но ни стои настрана. За да не ја изгубиме благодарноста, мора редовно да размислуваме за сето она што Бог и Христос го направиле за нас (w25.01 26, пас. 1-2).
Петок, 24 април
Размислувај за тоа, сиот посвети се на тоа, за твојот напредок да им биде видлив на сите (1. Тим. 4:15)
Еден брат кој сака да служи како старешина не смее да биде новообратен. Иако не мора да бидеш крстен многу години пред да станеш старешина, сепак потребно е време за да ја постигнеш христијанската зрелост која е неопходна за да служиш на таков начин. Пред да бидеш именуван како старешина, мора да покажеш дека, како Исус, ти си понизен и стрпливо чекаш на Јехова да добиеш повеќе задачи во собранието (Мат. 20:23; Фил. 2:5-8). Можеш да покажеш дека си лојален така што верно ќе се држиш за праведните мерила на Јехова и така што ќе ги следиш упатствата што ги добиваме од неговата организација. Во Библијата јасно пишува дека еден надгледник треба да биде способен да поучува. Дали ова значи дека мора да бидеш извонреден говорник? Не. На многу старешини говорништвото не им е најјака страна. Сепак, кога проповедаат и кога прават пастирски посети, тие вешто ја користат Библијата за да поучуваат и за да ги храбрат браќата и сестрите (w24.11 23-24, пас. 14-15).
Сабота, 25 април
Јас ги сакам твоите заповеди повеќе и од злато, повеќе и од суво злато (Пс. 119:127)
Кога ќе прочиташ нешто во Библијата што не го разбираш потполно, истражувај. Потоа, во текот на денот, длабоко размислувај за она што си го открил и што учиш од тоа за Јехова, неговиот Син и за нивната љубов кон тебе (Пс. 119:97). Не се обесхрабрувај ако не наоѓаш по нешто ново или интересно секојпат кога ќе ја читаш Библијата или ќе истражуваш. Може да се каже дека ти си како некој што трага по злато. Тие лица стрпливо поминуваат часови или денови за да најдат дури и најмало зрно злато. Сепак, упорни се бидејќи секое зрно е вредно за нив. А скапоценостите од Библијата вредат многу повеќе од злато! (Изр. 8:10). Затоа, биди стрплив и редовно читај ја Библијата (Пс. 1:2; w25.01 24-25, пас. 14-15).