Сабота, 7 ноември
Зарем Јеховината рака станала прекратка? (4. Мој. 11:23)
Помеѓу примерите на вера кои се спомнати во книгата Евреите, Мојсеј е извонреден пример (Евр. 3:2-5; 11:23-25). Неговата вера не била залудна бидејќи Бог со чудо му обезбедувал храна и вода на својот народ во бесплодната пустина (2. Мој. 15:22-25; Пс. 78:23-25). Но, и покрај тоа што Мојсеј имал силна вера, околу една година откако Израелците со чудо биле избавени од Египет, тој почнал да се сомнева дали Јехова ќе може да му даде месо на својот народ. Мојсеј не можел да си замисли како Јехова ќе обезбеди доволно месо за милионите Израелци кои престојувале во пустината. Затоа, Јехова го прашал Мојсеј: „Зарем Јеховината рака станала прекратка?“ (4. Мој. 11:21-23). Со други зборови, Јехова го прашал Мојсеј: „Дали навистина мислиш дека не можам да го направам она што велам дека ќе го направам?“ (w25.03 26, пас. 1-2).
Недела, 8 ноември
Бог не поштеди еден древен свет (2. Пет. 2:5)
Дали извештајот за Потопот треба да го сметаме за пророчка претслика? Одговорот е не. Зошто? Бидејќи никаде во Библијата не го пишува тоа. Точно е дека Исус ги споредил „деновите на Ное“ со времето на неговата присутност, но тој не рекол дека извештајот за Потопот е пророчка претслика, односно дека секоја личност или секој настан ќе има поголемо исполнување во иднина. Ниту, пак, кажал дека затворањето на вратата на арката има некакво пророчко значење (Мат. 24:37-39). Како реагирал Ное кога го слушнал предупредувањето на Јехова? Тој докажал дека има вера со тоа што изградил арка (Евр. 11:7; 1. Пет. 3:20). Слично на тоа, луѓето кои ја слушаат добрата вест за Божјето Царство мора со своите постапки да покажат дека имаат вера (Дела 3:17-20). Петар го нарекол Ное „проповедникот на праведноста“. Ние денес се трудиме ревносно да им проповедаме на луѓето низ целиот свет. Сепак, без разлика колкав труд вложуваме, ние нема да можеме да му ја пренесеме добрата вест на секој поединец пред да дојде крајот (w24.05 8-9, пас. 3-5).
Понеделник, 9 ноември
Неговите очи им укажуваат чест на оние што се бојат од Јехова (Пс. 15:4)
Ние треба да бараме начини да им покажуваме љубов и почит на оние што му се пријатели на Јехова (Рим. 12:10). Како? Според Псалм 15:4, еден начин на кој оној што е гостин во Јеховиниот шатор го прави тоа е така што „својата заклетва не ја менува, дури и ако тоа е на негова штета“. Ако не ги исполниме нашите ветувања, ќе ги повредиме другите (Мат. 5:37). На пример, Јехова очекува неговите гости да го исполнат својот брачен завет. Исто така, тој се радува кога родителите се трудат да ги исполнат ветувањата што им ги дале на своите деца. Љубовта кон Бог и кон ближниот ќе нѐ поттикне да дадеме сѐ од себе за да ги исполниме нашите ветувања. Друг начин на кој им укажуваме чест на Божјите пријатели е така што сме гостољубиви и великодушни (Рим. 12:13). Кога се дружиме со соверниците и во други прилики освен на состаноците или во службата на проповедање, стануваме поблиски со нив и со Јехова. Освен тоа, кога сме гостољубиви, го следиме примерот на Јехова (w24.06 12, пас. 15-16).