Езекиел
10 Потоа видов, и гледај, на сводот+ што беше над главите на херувимите имаше нешто како камен сафир,+ нешто што личеше на престол.+ Тоа се наоѓаше над нив. 2 Тој му се обрати на човекот облечен во лен,+ и му рече: „Влези меѓу тркалата што се вртат,+ под херувимите, и земи грст разгорени јаглења+ од меѓу херувимите и расфрли ги над градот!“+ И тој влезе пред мои очи меѓу нив.
3 А херувимите стоеја од десната страна на домот кога влезе човекот, и облакот го исполни внатрешниот двор.+ 4 И Јеховината слава+ се подигна од херувимите кон прагот на домот, и домот се исполни со облакот,+ а дворот беше полн со блесок поради Јеховината слава. 5 Мавтањето на крилјата на херувимите+ се слушаше до надворешниот двор, звучеше како глас на Семоќниот Бог кога зборува.+
6 А кога му заповеда на човекот облечен во лен: „Земи оган од меѓу тркалата што се вртат, од меѓу херувимите“, тој влезе и застана до тркалото. 7 Тогаш херувимот ја испружи раката кон огнот+ што беше меѓу херувимите+ и го зеде и му го стави во рацете на оној што беше облечен во лен,+ и овој го зеде и излезе. 8 А под крилјата на херувимите се гледаше нешто како човечка рака.+
9 Потоа видов, и гледај, покрај тие херувими имаше четири тркала, по едно тркало покрај секој херувим.+ Според изгледот тркалата беа слични на сјаен камен хризолит. 10 Сите четири изгледаа исто, како во секое тркало да се наоѓаше уште по едно тркало.+ 11 Кога се движеа, можеа да одат во сите четири насоки. Додека се движеа, не мораа да скршнуваат, туку одеа таму каде што гледаше главата. Додека се движеа, не мораа да скршнуваат.+ 12 Целото нивно тело, грбот, рацете и крилјата и тркалата беа насекаде полни со очи.+ Секој од нив четворица имаше свое тркало. 13 А тркалата се викаа „виор“. Со свои уши чув како им беше заповедано: „Тргнувај!“
14 Секој херувим имаше по четири лица.+ Првото лице беше лице на херувим, второто беше лице на земен човек,+ третото беше лице на лав, а четвртото беше лице на орел.+
15 И херувимите се подигнаа+ — тоа беа истите суштества што ги видов на реката Хевар.+ 16 Кога тргнаа херувимите, тркалата одеа покрај нив,+ а кога херувимите ги кренаа крилјата за да се подигнат високо над земјата, тркалата не се свртија во друга насока и не се оддалечија од нив.+ 17 Кога застанаа тие, застанаа и тркалата, а кога се кренаа тие,+ се кренаа и тркалата со нив, зашто духот кој дејствуваше врз суштествата беше и во тркалата.+
18 И славата+ на Јехова се подигна од прагот на домот и застана над херувимите.+ 19 А херувимите ги раширија крилјата и се подигнаа од земјата+ пред мои очи. Кога тргнаа тие, тргнаа и тркалата покрај нив. И херувимите застанаа кај источната порта на Јеховиниот дом, а славата на Богот на Израел беше над нив.
20 Тоа беа суштествата+ што ги видов под Богот на Израел на реката Хевар,+ и така дознав дека тоа беа херувими. 21 Секој од нив четворица имаше по четири лица+ и секој имаше по четири крилја, а под крилјата имаа нешто како човечки раце. 22 Лицата им изгледаа исто како лицата што ги видов на реката Хевар, сосема исто.+ Секој херувим одеше право напред.+