5. Мојсеева
25 Ако дојде до спор меѓу луѓе,+ па излезат на суд,+ нека им се суди, и праведниот нека биде прогласен за праведен, а злиот за зол.+ 2 Ако злиот заслужува удари,+ судијата нека нареди да го легнат и пред него да го удрат+ онолку пати колку што е соодветно за неговото злодело. 3 Може да му бидат зададени четириесет удари, но не повеќе од тоа, за да не биде твојот брат осрамотен во твои очи ако му зададеш уште многу удари.+
4 Не врзувај му ја устата на бикот што врши жито.+
5 Ако браќа живеат заедно, па едниот од нив умре, без да има син, жената на починатиот нека не се мажи за човек надвор од семејството. Нека ѝ пристапи деверот и нека ја земе за жена и така нека склучи со неа деверски брак.+ 6 И првородениот што ќе го роди таа нека го наследи името на неговиот покоен брат,+ за да не се избрише неговото име од Израел.+
7 Но, ако оној човек не сака да ја земе вдовицата на својот брат, вдовицата на неговиот брат нека отиде на градските порти пред старешините+ и нека каже: ‚Девер ми не сака да го зачува името на својот брат во Израел. Не сака да склучи со мене деверски брак‘. 8 И старешините од неговиот град нека го повикаат и нека разговараат со него, а тој нека застане пред нив и нека рече: ‚Не сакам да ја земам‘,+ 9 тогаш нека му пристапи вдовицата на неговиот брат, па пред очи на старешините нека му ја собуе сандалата од ногата,+ нека му плукне в лице+ и нека рече: ‚Така се постапува со човек кој не сака да му подигне дом на својот брат‘.+ 10 И нека го викаат во Израел со името ‚Домот на оној кому му е собуена сандалата‘.
11 Ако се степаат двајца, па жената на едниот од нив се приближи за да го избави својот маж од рацете на оној што го тепа и притоа ја испружи раката и го фати оној за половиот орган,+ 12 отсечи ѝ ја раката. Нека нема жал твоето око.+
13 Во својата торба не смееш да имаш два вида тегови,+ големи и мали. 14 Во својата куќа не смееш да имаш два вида ефа,+ голема и мала. 15 Твојот тег нека биде точен и праведен. Твојата ефа нека биде точна и праведна за да ти се продолжат деновите на земјата што ти ја дава Јехова, твојот Бог.+ 16 Зашто, секој што прави такво нешто, секој што прави неправда, му е одвратен на Јехова, твојот Бог.+
17 Сети се што ти направи Амалик кога беше на пат откако излезе од Египет,+ 18 кога те дочека на патот и удри на тебе од зад грб и ги испотепа сите што заостануваа, кога ти беше исцрпен и изморен, а тој не се плашеше од Бог.+ 19 Кога Јехова, твојот Бог, ќе ти даде да си отпочинеш од сите свои непријатели околу тебе во земјата што ти ја дава Јехова, твојот Бог, да ја заземеш како наследство,+ тогаш избриши го од под небото споменот на Амалик.+ Тоа да не го заборавиш!