1. Мојсеева
19 Двата ангела стигнаа вечерта во Содом додека Лот седеше на портата на Содом.+ Кога ги здогледа, Лот стана, им појде во пресрет и им се поклони со лицето доземи.+ 2 И рече: „Ве молам, господари мои, навратете во куќата на својот слуга за да преноќевате таму и да ви ги измијат нозете!+ Па тогаш станете рано и појдете по својот пат!“+ А тие рекоа: „Не, ќе преноќеваме на плоштадот“.+ 3 Но тој толку навалуваше на нив+ што сепак навратија кај него и влегоа во неговата куќа. Тогаш ги нагости,+ испече бесквасни лебови,+ и тие јадоа.
4 Но уште не си беа легнале, а толпа луѓе од градот, жители на Содом, сиот народ, од дете до старец, ја опколија куќата.+ 5 И почнаа да му викаат на Лот: „Каде се луѓето што дојдоа вечерва кај тебе? Изведи ни ги да имаме односи со нив!“+
6 Најпосле Лот излезе кај нив на влезот, но ја затвори вратата зад себе. 7 Па рече: „Ве молам, браќа мои, не правете зло!+ 8 Ве молам, послушајте ме! Имам две ќерки кои никогаш не легнале со маж.+ Дозволете ми да ви ги изведам нив, па со нив правете што сакате!+ Само на овие луѓе не правете им ништо,+ зашто од таа причина дојдоа под сенката на мојот покрив!“+ 9 А тие му одвратија: „Бегај оттука!“ Па рекоа: „Овој дојде тука како дојденец,+ а ни се прави судија.+ Сега тебе ќе ти направиме полошо отколку ним“. Па силно навалија на човекот,+ на Лот, и речиси ја разбија вратата.+ 10 Тогаш оние луѓе посегнаа по Лот, го вовлекоа кај себе во куќата и ја затворија вратата. 11 А луѓето што беа пред вратата на куќата ги удрија со слепило,+ од најмал до најголем,+ така што залудно се мачеа да ја најдат вратата.+
12 Тогаш луѓето му рекоа на Лот: „Имаш ли овде уште некого? Изведи ги од местово своите зетови, синови и ќерки и сите твои што се во градот!+ 13 Зашто, ќе го уништиме ова место, бидејќи викотот против нив стана толку голем пред Јехова+ што Јехова нѐ испрати да го уништиме овој град“.+ 14 Тогаш Лот излезе да разговара со своите зетови, кои требаше да ги земат неговите ќерки, па им велеше: „Станете! Излезете од ова место зашто Јехова ќе го уништи овој град!“+ Но на неговите зетови им изгледаше дека тој се шегува.+
15 Кога осамна, ангелите почнаа да го побрзуваат Лот, велејќи: „Стани! Земи ги жена ти и двете ќерки, кои се тука,+ за да не загинеш поради вината на овој град!“+ 16 Но тој почна да одолговлекува,+ и затоа оние луѓе ги фатија за рака него, неговата жена и неговите две ќерки, бидејќи Јехова му се смилува,+ па го изведоа и го оставија надвор од градот.+ 17 И штом ги изведоа на крајот од градот, едниот рече: „Бегај за да си ја спасиш душата!+ Не свртувај се назад+ и не застанувај во целата Јорданска Долина!*+ Бегај во планините за да не загинеш!“+
18 Тогаш Лот им рече: „Те молам, Јехова, немој така! 19 Еве, твојот слуга нашол наклоност во твои очи+ и ти ми покажуваш голема милост*+ за да ми ја зачуваш жива душата+ — но јас сепак не можам да бегам во планините за да не ме стигне злото и да загинам.+ 20 Ене, оној град е многу близу за да побегнам во него. Тебе тоа не ти значи многу.+ Те молам, дозволи ми да побегнам таму! Тебе тоа навистина не ти значи многу. Така мојата душа ќе остане жива“.+ 21 Тогаш тој му рече: „Еве, и во ова ќе имам обѕир кон тебе,+ па нема да го затрам градот за кој зборуваш.+ 22 Побрзај! Побегни онаму, зашто не можам да сторам ништо додека ти не стигнеш таму!“+ Затоа оној град го нарече Сигор.*+
23 Сонцето беше излегло над земјата кога Лот стигна во Сигор.+ 24 Тогаш Јехова пушти на Содом и на Гомор дожд од сулфур и оган. И тој падна од Јехова од небото.+ 25 И така тој ги уништи овие градови и целата Јорданска Долина, сите жители во градовите и сите растенија на земјата.+ 26 А жената на Лот се обѕрна зад него, и стана столб од сол.+
27 Рано изутрината Авраам појде на местото каде што стоеше пред Јехова.+ 28 Па погледна удолу кон Содом и Гомор и кон целата земја во Јорданската Долина и виде: густ чад се креваше од земјата, густ како да е од печка за тули.+ 29 А кога ги уништуваше градовите во Јорданската Долина, Бог се сети на Авраам, така што го изведе Лот од таа пропаст кога ги затираше градовите во крајот во кој живееше Лот.+
30 Подоцна Лот замина од Сигор и се насели во ридовите заедно со двете ќерки,+ зашто се плашеше да живее во Сигор.+ Така живееше во една пештера заедно со двете ќерки. 31 Постарата ѝ рече на помладата: „Нашиот татко е стар, а во оваа земја нема маж кој би легнал со нас, како што е обичај по цел свет.+ 32 Ајде да го опиеме нашиот татко со вино,+ па да легнеме со него и да зачуваме потомство од нашиот татко!“+
33 Така таа вечер му даваа на татка си да пие вино.+ Потоа постарата влезе и легна со татка си, а тој не осети ниту кога таа легна ниту кога стана. 34 Утредента постарата ѝ рече на помладата: „Еве, сношти легнав со нашиот татко. Ајде да му дадеме и вечерва да пие вино. Потоа влези ти, легни со него, па да зачуваме потомство од нашиот татко“. 35 Така и таа вечер му даваа на татка си да пие вино. Потоа помладата отиде и легна со него, а тој не осети ниту кога таа легна ниту кога стана. 36 И обете Лотови ќерки забременија од татка си.+ 37 По некое време, постарата роди син и му го даде името Моав.*+ Тој е татко на оние што денес се нарекуваат Моавци.+ 38 А и помладата роди син и му го даде името Вен-Ами.* Тој е татко на оние што денес се нарекуваат Амонови синови.+