2. Мојсеева
16 Потоа заминаа од Елим+ и целата заедница од синови на Израел дојде во пустината Син,+ која е помеѓу Елим и Синај, на петнаесеттиот ден од вториот месец по излегувањето од египетската земја.
2 И целата заедница од синови на Израел почна да мрмори во пустината против Мојсеј и против Арон.+ 3 Синовите на Израел им велеа: „Камо да умревме+ од Јеховината рака во египетската земја додека седевме крај лонците со месо,+ додека јадевме леб до ситост! Нѐ доведовте во оваа пустина за да изумре од глад целата оваа заедница“.+
4 Тогаш Јехова му рече на Мојсеј: „Еве, ќе пуштам да ви паѓа леб од небото.+ Народот нека оди и нека си собере секој ден онолку колку што му треба за денот,+ за да го искушам и да видам дали ќе живее* по мојот закон или не.+ 5 А на шестиот ден+ нека го подготват она што ќе го донесат, и ќе биде двојно повеќе од она што го собирале секој ден“.+
6 Потоа Мојсеј и Арон им рекоа на сите синови на Израел: „Вечер ќе спознаете дека Јехова е тој што ве изведе од египетската земја.+ 7 А утре изутрина ќе ја видите Јеховината слава,+ зашто Јехова чу како мрморите против него. Што сме ние, па да мрморите против нас?“ 8 И Мојсеј продолжи: „Вечерва Јехова ќе ви даде месо да јадете, а утре изутрина ќе ви даде леб да се наситите, зашто Јехова го чу вашето мрморење, чу дека мрморите против него. А што сме ние? Вие не мрморите против нас, туку против Јехова“.+
9 Потоа Мојсеј му рече на Арон: „Кажи ѝ на целата заедница од синови на Израел: ‚Дојдете пред Јехова, зашто тој го чу вашето мрморење‘ “.+ 10 Кога Арон ѝ го кажа ова на целата заедница од синови на Израел, тие се свртија со лицето кон пустината, и гледај, Јеховината слава се покажа во облакот.+
11 И Јехова му рече на Мојсеј: 12 „Го чув мрморењето на синовите на Израел.+ Кажи им вака: ‚Приквечер* ќе јадете месо и утре изутрина ќе се наситите со леб.+ Тогаш ќе знаете дека јас сум Јехова, вашиот Бог‘ “.+
13 И вечерта се појавија потполошки+ и го прекрија логорот, а изутрината росата покри сѐ околу логорот.+ 14 Кога росата испари, по површината на пустината лежеше нешто фино како снегулки,+ фино како мраз+ кога ќе се фати по земјата. 15 Кога го видоа, синовите на Израел се прашуваа еден со друг: „Што е ова?“, бидејќи не знаеја што е. А Мојсеј им рече: „Тоа е лебот што ви го дава Јехова за јадење.+ 16 Ова е заповедта што ја дава Јехова: ‚Соберете од тоа колку што му треба секому за јадење! Земете по еден гомор*+ на човек, секој според бројот на душите што се во неговиот шатор!‘ “ 17 И синовите на Израел направија така. Некои собраа многу, а некои малку. 18 Кога ќе ги измереа на гомор, оној што имаше собрано многу, немаше премногу, а оној што имаше собрано малку, немаше премалку.+ Секој собра онолку колку што му требаше за јадење.
19 Тогаш Мојсеј им рече: „Никој да не остава ништо до утрото!“+ 20 Но тие не го послушаа Мојсеј. Некои оставија нешто од тоа до утрото, но тоа црвоса и се засмрде.+ Затоа Мојсеј се разлути на нив.+ 21 И така го собираа тоа секое утро,+ секому колку што му требаше за јадење. Штом ќе изгрееше сонцето, тоа се растопуваше.
22 А на шестиот ден насобраа двапати повеќе леб,+ по два гомора на човек. И сите поглавари на заедницата дојдоа и му го јавија тоа на Мосеј. 23 Тогаш тој им рече: „Вака рече Јехова: утре е ден за одмор, свет саботен ден* посветен на Јехова.+ Што сакате да печете — испечете, и што сакате да готвите — згответе,+ а сиот вишок оставете си го и чувајте го до следното утро!“ 24 И така го оставија до утрото, како што заповеда Мојсеј. И не се засмрде, ниту се појавија црви во него.+ 25 Тогаш Мојсеј рече: „Јадете го тоа денес, зашто денес е ден за одмор+ посветен на Јехова! Денес нема да го најдете во полето. 26 Шест дена ќе собирате, но седмиот ден е ден за одмор.+ Тогаш ќе го нема“. 27 Сепак, на седмиот ден некои од народот отидоа да собираат, но не најдоа ништо.
28 Затоа Јехова му рече на Мојсеј: „До кога ќе одбивате да се покорите на моите заповеди и закони?+ 29 Не заборавајте дека Јехова ви го даде денот за одмор.+ Затоа на шестиот ден ви дава леб за два дена. Секој нека остане таму каде што е.+ Никој да не го напушта своето место во седмиот ден!“ 30 И народот се одмораше на седмиот ден.+
31 Израеловиот дом ја нарече таа храна „мана“.* Беше бела како коријандрово семе, а имаше вкус на медени колачи.+ 32 Тогаш Мојсеј рече: „Ова е заповедта што ја даде Јехова: ‚Земи еден полн гомор од тоа за да се чува од поколение до поколение,+ за да го видат вашите потомци лебот што ви го дадов за јадење во пустината кога ве изведов од египетската земја‘ “.+ 33 И Мојсеј му рече на Арон: „Земи еден сад и стави во него еден гомор мана и стави ја пред Јехова за да се чува од поколение до поколение“.+ 34 Како што му заповеда Јехова на Мојсеј, така Арон ја стави пред Сведоштвото*+ за да се чува. 35 И синовите на Израел јадеа мана четириесет години,+ сѐ додека не дојдоа во населена земја.+ Маната ја јадеа сѐ додека не дојдоа на границата на ханаанската земја.+ 36 Гомор е десетти дел од ефа.*