2. Мојсеева
27 Направи жртвеник од дрвото акација, пет лакти долг и пет лакти широк. Жртвеникот+ нека биде четириаголен, три лакти висок. 2 На неговите четири агли направи му рогови.+ Роговите нека излегуваат од него, и обложи го со бакар.+ 3 Направи му лонци за отстранување на мрсната пепел,* потоа лопати, садови, виљушки и пепелници. Целиот негов прибор направи го од бакар.+ 4 Направи за него решетка, мрежа+ од бакар. На четирите агли од мрежата направи четири алки од бакар. 5 Стави ја мрежата под рабниот појас, внатре во жртвеникот, за да биде на средината од жртвеникот.+ 6 Направи и лостови за жртвеникот, лостови од дрвото акација, и обложи ги со бакар.+ 7 Лостовите нека бидат провлечени низ алките, така што лостовите ќе бидат од двете страни на жртвеникот кога ќе се носи.+ 8 Направи го шуплив, од штици. Како што ти покажа тој на планината, така нека биде направен.+
9 Направи го и дворот+ на светиот шатор. На страната што гледа кон Негев, на јужната страна од дворот, нека има завеси од фино испреден лен,+ сто лакти во должина од таа страна. 10 Неговите дваесет столбови и дваесет подножја нека бидат од бакар. Клиновите на столбовите и нивните спојки нека бидат од сребро.+ 11 Исто така, завесите по должината на северната страна нека бидат долги сто лакти. Дваесетте столбови и дваесетте подножја нека бидат од бакар, а клиновите на столбовите и нивните спојки — од сребро.+ 12 Завесите по ширината на дворот, откај западната страна, нека бидат долги педесет лакти, со десет столбови и десет подножја.+ 13 Ширината на дворот откај источната страна, кон изгрејсонцето, нека биде педесет лакти.+ 14 Завесите од едната страна нека бидат долги петнаесет лакти, со три столба и со три подножја.+ 15 Завесите од другата страна нека бидат долги петнаесет лакти, со три столба и три подножја.+
16 Завесата на влезот во дворот нека биде долга дваесет лакти, исткаена од сина преѓа, црвеникаво-виолетова волна, светлоцрвен материјал и фино испреден лен,+ со четири столба и четири подножја.+ 17 Сите столбови околу дворот нека имаат спојки од сребро. И клиновите нека им бидат од сребро, а подножјата од бакар.+ 18 Должината на дворот нека биде сто лакти,+ ширината педесет лакти и висината пет лакти. Завесите нека бидат од фино испреден лен, а подножјата од бакар. 19 Целиот прибор во шаторот што се користи за сета служба во него, сите негови клинови, а исто така и сите клинови во дворот, нека бидат од бакар.+
20 А ти заповедај им на синовите на Израел да ти донесат за осветлување чисто масло од толчени маслинки, за светилките да горат постојано.+ 21 Во шаторот на средбата, надвор од завесата+ што е пред Сведоштвото, Арон и неговите синови нека ги опслужуваат за да горат пред Јехова од утро до вечер.+ Тоа е за нивните поколенија трајна одредба,+ за да ја извршуваат синовите на Израел.+