Езекиел
27 И повторно ми дојде Јеховината реч: 2 „А ти, сине човечки, запеј тажачка за Тир+ 3 и речи му на Тир:
,Ти што лежиш на влезовите кон морето+ и тргуваш со народите на многу острови,+ вака ти вели Севишниот Господар Јехова: „Тире, ти рече: ‚Јас сум брод со совршена убавина‘.+ 4 Твојата земја е среде морето.+ Твоите градители те украсија со совршена убавина.+ 5 Ги направија твоите штици од сенирски смреки.+ Го зедоа ливанскиот кедар+ за да ти направат јарбол. 6 Од големите васански стебла ти ги направија веслата. Клунот ти го направија од кипарис од китимските острови,+ обложен со слонова коска. 7 Распнаа разнобоен египетски лен+ за да ти биде едро. Од сина преѓа+ и од црвеникаво-виолетова волна+ од островите Елиса+ изработија покривало за твојата палуба.
8 Жителите на Сидон+ и на Арвад+ беа твои веслачи. Твоите вешти луѓе,+ о Тире, беа твои морепловци.+ 9 Искусни занаетчии и вешти луѓе од Гевал+ ги поправаа твоите пукнатини.+ Сите морски бродови и нивните морнари беа во тебе за да разменуваат стоки. 10 Персијците+ и Лудејците+ и луѓето од Фут+ беа твоја војска, твои воини. Во тебе ги обесуваа штитот и шлемот.+ Тие ти ја дадоа убавината. 11 Синовите на Арвад,+ твојата војска, беа на твоите околни ѕидишта, во твоите кули имаше смели луѓе. Своите тркалезни штитови ги обесуваа насекаде по твоите ѕидишта.+ Тие те украсија со совршена убавина.
12 Ти и Тарсис+ тргувавте меѓу себе со мноштво разновидни богатства.+ Ти добиваше од него сребро, железо, калај и олово за твоја трговска стока.+ 13 Јаван,+ Тувал+ и Месех+ тргуваа со тебе. Ти добиваше човечки души+ и предмети од бакар во замена за своите стоки. 14 Потомците на Тогарма+ даваа коњи, бојни коли и маски во замена за твоите стоки. 15 Синовите на Дедан+ тргуваа со тебе. Многу острови работеа за тебе како трговци. Ти возвраќаа со слонова коска+ и со абонос како дар. 16 Едом тргуваше со тебе поради мноштвото твои производи. Ти добиваше тиркиз,+ црвеникаво-виолетова волна, разнобојни ткаенини, фино платно, корали и рубини во замена за твоите стоки.
17 Јуда и земјата на Израел тргуваа со тебе. Ти добиваше пченица+ од Минит,+ посебна храна, мед,+ масло и балсам+ во замена за твоите стоки.+
18 Поради многуте твои производи, поради сето твое големо богатство, Дамаск+ ти продаваше вино+ од Хелвон и црвеникаво-сива волна. 19 Ведан и Јаван од Узал ги разменуваа своите стоки со тебе. Добиваше предмети од ковано железо, касија и мирислива трска+ во замена за своите стоки. 20 Дедан+ тргуваше со тебе со исткаени простирки за јавање. 21 Арапите+ и сите кидарски+ поглавари работеа за тебе како трговци. Тргуваа со тебе со јагниња, со овни и со јарци.+ 22 Трговците од Сава+ и од Рама+ тргуваа со тебе. За твоите стоки добиваше најдобри мириси од секаков вид, секаков вид скапоцен камен и злато.+ 23 Харан,+ Кане и Еден,+ трговците од Сава,+ Асур+ и Хилмад тргуваа со тебе. 24 На твоите пазари тие тргуваа со тебе со раскошни облеки, со наметки исткаени од сина преѓа и од друга разнобојна преѓа, со двобојни теписи, со плетени и цврсти јажиња.
25 Тарсиските бродови+ како каравани ги превезуваа твоите стоки, така што ти се наполни и стана многу славен на отворено море.+
26 Твоите веслачи те доведоа на морската шир.+ Источниот ветар те разби на отворено море.+ 27 Твоето богатство и твоите резерви,+ стоките со кои тргуваше,+ твоите морнари и твоите морепловци,+ оние што ги поправаат твоите пукнатини+ и оние што тргуваат со твоите стоки и сите твои воини+ што се во тебе и во сето твое мноштво, сите што се во тебе, ќе потонат во срцето на отвореното море во денот на твојата пропаст.+
28 Кога ќе се чуе лелекот на твоите морепловци, бреговите ќе се затресат.+ 29 Сите веслачи, морнари, сите морепловци ќе слезат од своите бродови и ќе застанат на копното.+ 30 Ќе се чуе нивниот глас кога ќе почнат горко да плачат за тебе.+ Ќе си посипуваат прав врз главите,+ ќе се прпелаат во пепелта.+ 31 Ќе си ги избричат главите поради тебе,+ ќе си препашаат козина+ и ќе плачат за тебе со горчина во душата+ и горко ќе тажат. 32 Во својата жалост ќе ти запеат тажачка и ќе те оплакуваат:+
‚Кој е како Тир,+ кој е усмртен* среде море?+ 33 Кога твоите стоки+ пристигнуваа од отвореното море,+ ти заситуваше многу народи.+ Со изобилството од твоето богатство и со стоките за размена ти ги збогати земните цареви.+ 34 А сега, отвореното море те разби, ти потона во водните длабочини.+ Твоите стоки и сето твое мноштво+ пропадна во тебе. 35 Сите што живеат на островите+ ќе те гледаат вчудовидено, нивните цареви ќе се тресат од страв.+ Лицата ќе се исполнат со немир.+ 36 Трговците од другите народи ќе потсвирнуваат од зачуденост поради тебе.+ Ќе те снајде пропаст која не ја очекуваш, и ќе те снема засекогаш‘ “ ‘ “.+