Јован
18 Откако го кажа ова, Исус се упати со своите ученици кон другата страна на долината* на Кедрон.+ Таму имаше една градина во која влегоа тој и неговите ученици.+ 2 А за тоа место знаеше и Јуда, неговиот предавник, бидејќи Исус често се состануваше таму со своите ученици.+ 3 Затоа Јуда ги зеде четата војници и стражарите на главните свештеници и на фарисеите, и дојде таму со факли, со светилки и со оружје.+ 4 Знаејќи сѐ што ќе му се случи,+ Исус истапи и ги праша: „Кого барате?“ 5 Тие му одговорија: „Исус Назареќанецот“.+ Тогаш тој им рече: „Јас сум тој“. А со нив стоеше и Јуда, неговиот предавник.+
6 Кога им рече: „Јас сум тој“, тие се тргнаа назад+ и паднаа наземи. 7 Затоа повторно ги праша: „Кого барате?“ А тие одговорија: „Исус Назареќанецот“. 8 Тогаш Исус одговори: „Ви реков дека јас сум тој. Затоа, ако ме барате мене, пуштете ги овие да си одат!“ 9 Тоа го кажа за да се исполнат неговите зборови: „Од оние што ми ги даде, не изгубив ниту еден“.+
10 Тогаш Симон Петар го извлече мечот што го имаше со себе, па го удри робот на првосвештеникот и му го отсече десното уво.+ Името на робот му беше Малх. 11 Но Исус му рече на Петар: „Стави го мечот во ножницата!+ Зар да не ја пијам чашата+ што ми ја даде Таткото?“
12 Тогаш четата војници со својот илјаданачалник и со еврејските стражари го фатија Исус и го врзаа. 13 Го одведоа најпрвин кај Ана, бидејќи тој му беше тест на Кајафа, кој таа година беше првосвештеник.+ 14 А Кајафа беше оној што ги советуваше Евреите дека е подобро за нив да умре еден човек за народот.+
15 А Симон Петар и еден друг ученик го следеа Исус.+ Тој ученик му беше познат на првосвештеникот, па влезе со Исус во дворот на првосвештеникот, 16 а Петар стоеше надвор крај портата.+ Затоа другиот ученик, кој му беше познат на првосвештеникот, излезе и разговараше со вратарката, па го воведе Петар. 17 Тогаш слугинката што беше вратарка, му рече на Петар: „Да не си и ти ученик на тој човек?“ Тој одговори: „Не сум!“+ 18 А робовите и стражарите стоеја околу огнот што го запалија,+ зашто беше студено, па се грееја. Со нив стоеше и Петар и се грееше.
19 А главниот свештеник го испитуваше Исус за неговите ученици и за неговото учење. 20 Исус му одговори: „Јас му зборував на светот јавно. Секогаш поучував во синагогите и во храмот,+ каде што се собираат сите Евреи. Ништо не зборував во тајност. 21 Зошто ме прашуваш мене? Прашај ги оние што чуле што им зборував! Тие знаат што кажав“. 22 По тие Исусови зборови, еден од стражарите, кој стоеше во близина, му удри шлаканица+ и рече: „Зарем така му одговараш на главниот свештеник?“ 23 Исус му одговори: „Ако кажав нешто погрешно, докажи дека е погрешно! Но ако кажав право, зошто ме удираш?“ 24 Тогаш Ана го испрати врзан кај првосвештеникот Кајафа.+
25 А Симон Петар стоеше и се грееше. Тогаш го прашаа: „Да не си и ти негов ученик?“ Тој одрече, велејќи: „Не сум!“+ 26 А еден од робовите на првосвештеникот, роднина на оној кому Петар му го отсече увото,+ рече: „Зар не те видов тебе во градината со него?“ 27 А Петар пак го одрече тоа. И веднаш запеа петел.+
28 Тогаш го одведоа Исус откај Кајафа во палатата на управителот.+ А беше рано наутро. Но тие не влегоа во палатата на управителот за да не се извалкаат,+ туку да можат да ја јадат пасхалната жртва. 29 Затоа Пилат излезе надвор пред нив и праша: „Какво обвинение изнесувате против овој човек?“+ 30 Тие одговорија: „Ако овој не е злосторник, немаше да ти го предадеме тебе“. 31 Затоа Пилат им рече: „Земете го вие и судете му според вашиот закон!“+ А Евреите му одговорија: „Нам не ни е дозволено да погубиме никого“.+ 32 Тоа беше за да се исполнат Исусовите зборови кои ги кажа за да навести со каква смрт треба да умре.+
33 Така Пилат влезе во палатата, па го повика Исус и го праша: „Дали си ти царот на Евреите?“+ 34 Исус одговори: „Го велиш ли тоа сам од себе или други ти кажале за мене?“+ 35 Пилат одговори: „Зарем јас сум Евреин? Твојот народ и главните свештеници те предадоа кај мене.+ Што си направил?“ 36 А Исус одговори:+ „Моето царство не е дел од овој свет.+ Да беше моето царство дел од овој свет, моите слуги ќе се бореа+ за да не им бидам предаден на Евреите. Но моето царство не е одовде“. 37 Тогаш Пилат го праша: „Значи, ти си цар?“ Исус му одговори: „Ти самиот велиш дека сум цар.+ Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината.+ Секој што е на страната на вистината,+ го слуша мојот глас“.+ 38 А Пилат му рече: „Што е вистина?“
И откако го рече тоа, повторно излезе пред Евреите и им рече: „Јас не наоѓам никаква вина во него.+ 39 А кај вас е обичај на Пасхата да ви пуштам некого.+ Тогаш, сакате ли да ви го пуштам царот на Евреите?“ 40 А пак почнаа да викаат: „Не него, туку Варава!“ А Варава беше разбојник.+