Захарија
13 „Во тој ден ќе биде ископан бунар за домот на Давид и за жителите на Ерусалим, за да се исчистат од гревот и нечистотијата.
2 Во тој ден“, вели Јехова над војските, „ќе ги избришам од земјата имињата на идолите, и никој повеќе нема да ги спомнува. Ќе ги отстранам од земјата пророците и духот на нечистотијата. 3 А ако некој повторно пророкува, татко му и мајка му, кои го донеле на свет, ќе му речат: ’Нема повеќе да живееш, бидејќи кажуваш лаги во името на Јехова‘. Татко му и мајка му, кои го донеле на свет, ќе го прободат поради тоа што пророкувал.
4 Во тој ден, секој пророк ќе се посрами од своето видение кога ќе пророкува и повеќе нема да носи пророчка наметка за да ги мами луѓето. 5 И ќе рече: ’Јас не сум пророк, туку земјоделец. Еден човек ме купи како роб уште додека бев млад‘. 6 А ако некој го праша: ’Какви ти се тие рани по телото?‘,* тој ќе одговори: ’Тие рани ми беа нанесени во домот на моите пријатели‘“.*
7 „Разбуди се, мечу, и нападни го мојот пастир,
нападни го човекот кој ми е близок!“, вели Јехова над војските.
„Удри го пастирот, и овците нека се разбегаат!
Ќе ги вразумам оние што се безначајни.“
8 „Две третини од луѓето на целата земја
ќе бидат погубени и истребени“, вели Јехова,
„а една третина ќе остане на земјата.
9 И таа третина ќе ја поминам низ оган,
ќе ја пречистам како што се пречистува сребро
и ќе ја испитам како што се испитува злато.
Тие ќе го повикуваат моето име,
а јас ќе им одговорам.
Ќе речам: ’Тие се мој народ‘,
а тие ќе речат: ’Јехова е наш Бог‘“.