Јован
16 Сето ова ви го кажав за да не ја изгубите верата.* 2 Ќе ве исклучуваат од синагогите. Дури ќе дојде време кога секој што ќе ве убие ќе мисли дека така му служи* на Бог. 3 Но тоа ќе го прават затоа што не го познаваат ниту Таткото ниту мене. 4 Сето ова ви го кажав за, кога ќе дојде време да се случи тоа, да се сетите дека сум ви го кажал.
Ова не ви го кажав во почетокот, бидејќи бев со вас. 5 А сега одам кај оној што ме испрати, но никој од вас не ме прашува: ’Каде одиш?‘ 6 Наместо тоа, зборовите што ви ги кажав ве растажија. 7 Но ви ја кажувам вистината, тоа што си заминувам е за ваше добро. Зашто, ако не си заминам, помошникот нема да дојде кај вас; но ако си заминам, ќе ви го испратам. 8 А кога ќе дојде, тој ќе му покаже на светот што е грев, што е праведност, а што осуда. 9 Најпрво ќе му покаже што е грев, зашто не верува во мене; 10 потоа ќе му покаже што е праведност, зашто одам кај Таткото и повеќе нема да ме видите; 11 и на крај, ќе му покаже што е осуда, зашто владетелот на овој свет е веќе осуден.
12 Имам уште многу работи да ви кажам, но сега не можете да ги разберете. 13 Но кога ќе дојде помошникот, духот на вистината, ќе ве води и ќе ви помогне потполно да ја разберете вистината, зашто нема да зборува сам од себе, туку ќе го зборува она што го слуша и ќе ви го каже она што треба да се случи. 14 Тој ќе ме прослави, бидејќи ќе ви го каже она што ќе го слушне од мене. 15 Сите работи што Таткото ги знае ми ги кажа мене. Затоа реков дека помошникот ќе ви го каже она што ќе го слушне од мене. 16 Уште малку и повеќе нема да ме видите, а потоа уште малку и ќе ме видите“.
17 Затоа некои од неговите ученици почнаа да се прашуваат еден со друг: „Што сака да каже со тоа: ’Уште малку и нема да ме видите, а потоа уште малку и ќе ме видите‘ и со тоа ’одам кај Таткото‘?“ 18 Затоа велеа: „Што значи тоа ’уште малку‘? Не знаеме за што зборува“. 19 А Исус знаеше дека сакаат да го прашаат за тоа, па им рече: „Се прашувате ли што значи тоа што реков: ’Уште малку и нема да ме видите, а потоа уште малку и ќе ме видите‘? 20 Вистина, вистина ви велам, вие ќе плачете и ќе тажите, а светот ќе се радува. Вие ќе тагувате, но вашата тага ќе се претвори во радост. 21 Кога раѓа, жената е тажна бидејќи трпи болки, но кога детето ќе се роди, не се сеќава веќе на маката, зашто се радува што на свет донела дете. 22 Така и вие, сега сте тажни, но кога повторно ќе ме видите, вашите срца ќе се радуваат, и никој нема да ви ја одземе радоста. 23 Во тој ден нема ништо да ме прашате. Вистина, вистина ви велам, што и да побарате од Таткото, ќе ви даде во мое име. 24 Досега не сте побарале ништо во мое име. Барајте, и ќе добиете, па ќе бидете исполнети со радост.
25 Кога ви го кажував сето ова, користев споредби. Ќе дојде време кога повеќе нема да користам споредби, туку отворено ќе ви зборувам за Таткото. 26 Во тој ден ќе го молите Таткото во мое име. Но со тоа не сакам да кажам дека јас ќе го молам Таткото за вас. 27 Зашто, Таткото ве сака вас бидејќи вие ме сакате мене и верувате дека јас дојдов како претставник на Бог. 28 Дојдов во светот како претставник на Таткото. Сега си заминувам од светот и се враќам кај Таткото“.
29 А неговите ученици рекоа: „Еве, сега зборуваш отворено и не користиш споредби. 30 Сега знаеме дека знаеш сѐ и дека нема потреба да ти поставуваме прашања, бидејќи ти веќе знаеш што размислуваме. Затоа веруваме дека си испратен од Бог“. 31 Исус им одговори: „Верувате ли сега? 32 Ви велам, ќе дојде време, и веќе дојде, кога ќе се разбегате, секој во својата куќа, и ќе ме оставите сам. Но јас не сум сам, бидејќи Таткото е со мене. 33 Сето ова ви го реков за да имате мир преку мене. Во светот ќе имате неволји, но бидете храбри! Јас го победив светот“.