Неемија
2 Во месецот нисан,* во 20-тата година од владеењето на цар Артаксеркс, царот побара да се напие вино, а јас, како и обично, го зедов виното и му го подадов. Но, никогаш пред тоа царот ме немаше видено тажен. 2 Затоа ме праша: „Зошто си толку потиштен, а не си болен? Сигурно имаш некоја мака на душата“. Кога ми го рече тоа, многу се исплашив.
3 Тогаш му реков: „Нека е жив царот! Како да не бидам потиштен кога градот во кој се погребани моите прататковци лежи во урнатини, а градските порти се изгорени?“ 4 Потоа тој ме праша: „Што би сакал да направиш?“ А јас веднаш му се помолив на небесниот Бог, 5 па му реков на царот: „Ако Ви е по волја, царе, и ако јас, Вашиот слуга, сум нашол милост во Ваши очи, дозволете ми да појдам во Јуда за да го обновам градот во кој се погребани моите прататковци“. 6 Тогаш царот, во присуство на царицата која седеше крај него, ме праша: „Колку ќе трае патувањето, и кога ќе се вратиш?“ На царот му беше по волја да ме пушти, и јас му кажав кога ќе се вратам.
7 Потоа му реков: „Ако Ви е по волја, царе, дајте ми писма за управителите во областа западно од реката Еуфрат* за да ми овозможат безбедно да стигнам во Јуда. 8 Дајте ми писмо и за Асаф, чуварот на царската шума, за да ми даде дрва од кои ќе се направат греди за портите на храмската тврдина, за градскиот ѕид и за куќата во која ќе престојувам“. И царот ми ги даде писмата бидејќи мојот добар Бог беше со мене.*
9 По некое време, пристигнав кај управителите во областа западно од реката Еуфрат* и им ги предадов писмата од царот. Царот испрати со мене и воени заповедници и коњаници. 10 Штом оронецот Санавалат и амонскиот службеник* Товиј слушнаа за тоа, многу се налутија што дошол некој да направи нешто добро за израелскиот народ.
11 На крајот, стигнав во Ерусалим. По три дена, 12 станав ноќе, а со мене станаа и неколку други мажи, но јас не кажав никому што ме поттикна* мојот Бог да направам за Ерусалим. Не зедов други животни освен магарето на кое јавав. 13 Таа ноќ излегов низ Долинската порта и поминав покрај Изворот на големата змија, па се упатив кон Портата на буништето за да ги проверам ѕидините околу Ерусалим кои беа урнати, како и градските порти кои беа целосно изгорени. 14 Кога дојдов до Изворската порта и до Царевото езерце, таму немаше место за да помине магарето на кое јавав. 15 Сепак, продолжив ноќта да се искачувам и да го проверувам ѕидот што се протегаше покрај долината. Потоа се вратив и влегов низ Долинската порта.
16 А намесниците не знаеја каде бев и што правев бидејќи дотогаш им немав кажано ништо ниту ним, ниту на Евреите, ниту на свештениците, ниту на достоинствениците, ниту на другите што требаше да учествуваат во изградбата на ѕидот. 17 Најпосле им реков: „Гледате во колку тешка ситуација се наоѓаме. Ерусалим лежи во урнатини, а градските порти се изгорени. Ајде да го обновиме ѕидот околу градот за да не бидеме веќе за потсмев“. 18 Потоа им раскажав како мојот добар Бог ми помагаше,* и им ги пренесов зборовите на царот. Тогаш тие рекоа: „Да станеме и да градиме!“ Така се охрабрија еден со друг* и се подготвија за работа.
19 Кога чуја за тоа, оронецот Санавалат, амонскиот службеник* Товиј и Арапот Гисем почнаа да ни се потсмеваат и со презир да ни велат: „Што правите? Зар се буните против царот?“ 20 Но, јас им одговорив: „Небесниот Бог ќе ни помогне да успееме, а ние, неговите слуги, ќе станеме и ќе градиме. Вие немате ништо со Ерусалим, немате законско право на ништо во него ниту сте дел од неговата историја“.