Јован
18 Откако го кажа ова, Исус отиде со своите ученици во една градина, која се наоѓаше на другата страна од долината Кедрон. 2 А за тоа место знаеше и Јуда, неговиот предавник, бидејќи Исус и неговите ученици често се собираа таму. 3 Така, Јуда ги поведе четата војници и стражарите на главните свештеници и на фарисеите, па дојдоа таму со факли, со светилки и со оружје. 4 А Исус знаеше што ќе му се случи, па застана пред нив и ги праша: „Кого барате?“ 5 Тие му одговорија: „Исус Назареќанецот“. Тогаш тој им рече: „Јас сум тој“. А со нив стоеше и Јуда, неговиот предавник.
6 Кога Исус им рече: „Јас сум тој“, тие се повлекоа наназад и паднаа наземи. 7 Затоа повторно ги праша: „Кого барате?“ А тие одговорија: „Исус Назареќанецот“. 8 Тогаш Исус одговори: „Ви реков дека јас сум тој. Затоа, ако ме барате мене, пуштете ги другите да си одат“. 9 Така се исполни она што го рече: „Од оние што ми ги даде, не изгубив ниту еден“.
10 Тогаш Симон Петар го извлече мечот што го имаше со себе, па замавна и му го отсече десното уво на робот на првосвештеникот. А робот се викаше Малх. 11 Но Исус му рече на Петар: „Стави го мечот во футролата. Зар да не пијам од чашата* што ми ја даде Таткото?“
12 Тогаш војниците, нивниот заповедник и еврејските стражари го фатија* Исус и го врзаа. 13 Го одведоа најпрво кај Ана, бидејќи тој му беше дедо* на Кајафа, кој таа година беше првосвештеник. 14 А Кајафа беше оној што ги советуваше Евреите дека за нив е подобро да умре еден човек за народот.
15 А Симон Петар и еден друг ученик го следеа Исус. Тој ученик се познаваше со првосвештеникот, па влезе со Исус во дворот на првосвештеникот, 16 а Петар стоеше надвор пред портата. Затоа другиот ученик излезе и разговараше со слугинката која стоеше на портата, па го внесе и Петар. 17 Тогаш слугинката му рече на Петар: „Да не си и ти ученик на тој човек?“ Тој одговори: „Не сум“. 18 Бидејќи беше ладно, робовите и стражарите запалија оган и стоеја околу него за да се згреат. Со нив стоеше и Петар и се грееше.
19 А главниот свештеник го испитуваше Исус за неговите ученици и за неговото учење. 20 Исус му одговори: „Јас јавно зборував пред народот. Секогаш поучував во синагогите и во храмот, каде што се собираат сите Евреи. Ништо не сум кажал во тајност. 21 Зошто ме прашуваш мене? Прашај ги оние што слушнале што им зборував. Тие знаат што кажав“. 22 Кога Исус го кажа тоа, еден од стражарите, кој стоеше во близина, му удри шлаканица и рече: „Зарем така му одговараш на главниот свештеник?“ 23 Исус му одговори: „Ако кажав нешто погрешно, докажи дека е погрешно. А ако тоа што го кажав е точно, зошто ме удираш?“ 24 Тогаш Ана го испрати врзан кај првосвештеникот Кајафа.
25 Во меѓувреме, Симон Петар стоеше крај огнот и се грееше. Тогаш го прашаа: „Да не си и ти негов ученик?“ Тој одрече, велејќи: „Не сум“. 26 А еден од робовите на првосвештеникот, роднина на оној кому Петар му го отсече увото, рече: „Зар не те видов со него во градината?“ 27 А Петар пак го одрече тоа. И во тој момент запеа петелот.
28 Тогаш Исус го одведоа откај Кајафа во палатата на управителот. А беше рано наутро. Но самите тие не влегоа во палатата на управителот за да не се извалкаат и да можат да ја јадат пасхалната вечера. 29 Затоа Пилат излезе надвор пред нив и праша: „За што го обвинувате овој човек?“ 30 Тие одговорија: „Да не беше овој човек злосторник, немаше да го доведеме кај тебе“. 31 Затоа Пилат им рече: „Одведете го и судете му според вашиот закон“. А Евреите му одговорија: „Нам не ни е дозволено да погубиме никого“. 32 Така се исполнија зборовите кои Исус ги кажа за да навести на каков начин ќе умре.
33 Тогаш Пилат повторно влезе во палатата, па го повика Исус и го праша: „Ти ли си царот на Евреите?“ 34 Исус одговори: „Ме прашуваш затоа што ти така мислиш или затоа што други ти зборувале за мене?“ 35 Пилат одговори: „Зарем јас сум Евреин? Твојот народ и главните свештеници те предадоа кај мене. Што си направил?“ 36 А Исус одговори: „Моето Царство не е дел од овој свет. Да беше моето Царство дел од овој свет, моите слуги ќе се бореа за да не им бидам предаден на Евреите. Но моето Царство не е одовде“. 37 Тогаш Пилат го праша: „Значи, ти си цар?“ Исус му одговори: „Ти самиот велиш дека сум цар. Јас за тоа се родив и за тоа дојдов во светот, за да сведочам за вистината. Секој што е на страната на вистината го слуша мојот глас“. 38 А Пилат му рече: „Што е вистина?“
Откако го рече тоа, повторно излезе пред Евреите и им рече: „Јас не наоѓам никаква вина кај него. 39 А според вашиот обичај, на Пасхата треба да ви ослободам некого. Сакате ли да ви го ослободам царот на Евреите?“ 40 И пак почнаа да викаат: „Не него, туку Варава!“ А Варава беше разбојник.