1. Мојсеева
28 Затоа Исак го повика Јаков, го благослови и му заповеда: „Немој да земеш жена од ханаанските ќерки.+ 2 Стани, оди во Падан Арам во куќата на Ветуил, таткото на твојата мајка, и одонде земи си жена од ќерките на Лаван, братот на мајка ти!+ 3 А Семоќниот Бог ќе те благослови, ќе те направи плоден и ќе те намножи, така што од тебе ќе настане голем народ.+ 4 И тој ќе ти го даде Авраамовиот благослов+ тебе и на твоето потомство со тебе+ за да ја заземеш земјата во која си дојденец,+ а која Бог му ја даде на Авраам“.+
5 Така Исак го испрати Јаков, и тој замина за Падан Арам кај Лаван, синот на Ветуил Сириецот+ и брат на Ревека,+ мајката на Јаков и на Исав.+
6 А Исав виде дека Исак го благослови Јаков и го испрати во Падан Арам за да си земе жена оттаму, и дека, кога го благослови, му заповеда: „Немој да земеш жена од ханаанските ќерки“,+ 7 и дека Јаков ги послуша татка си и мајка си, па појде во Падан Арам.+ 8 Тогаш сфати дека ханаанските ќерки не му се по волја на неговиот татко Исак.+ 9 Затоа Исав отиде кај Исмаел* и, покрај жените што веќе ги имаше,+ ја зеде за жена Маелата, ќерката на Авраамовиот син Исмаел, сестрата на Навајот.
10 А Јаков продолжи по својот пат од Вирсавеја кон Харан.+ 11 Кога наиде на едно место, реши тука да преноќева зашто сонцето веќе беше зајдено. Па зеде еден камен од она место, си го стави како зглавје и легна на тоа место.+ 12 И сони сон:+ на земјата стоеше скала, чиј врв допираше до небото, и Божји ангели се качуваа и слегуваа по неа.+ 13 А над неа стоеше Јехова, кој рече:+
„Јас сум Јехова, Богот на твојот татко Авраам и Богот на Исак.+ Земјата на која лежиш ќе ти ја дадам тебе и на твоето потомство.+ 14 Твоето потомство ќе биде како правот на земјата,+ и ти ќе се рашириш на запад, и на исток, и на север, и на југ.+ Преку тебе и преку твоето потомство ќе се благословат сите народи на земјата.+ 15 Еве, јас сум со тебе, и ќе те чувам по целиот пат по кој одиш и ќе те вратам во оваа земја,+ зашто нема да те оставам додека не го направам сето она што ти го реков“.+
16 Тогаш Јаков се разбуди од сонот и рече: „Навистина, Јехова е на ова место, а јас не знаев“. 17 Целиот уплашен, рече:+ „Што страв влева ова место!+ Тоа не е ништо друго освен домот Божји,+ а ова е небесната порта“. 18 Така Јаков стана рано изутрината, го зеде каменот што му беше под главата, го исправи како столб и на врвот излеа масло.+ 19 Потоа местото го нарече Ветил,*+ а порано тој град се викаше Луз.+
20 И Јаков се заветува:+ „Ако остане Бог со мене и ако ме зачува на овој пат по кој одам, ако ми даде леб да јадам и облека да се облекувам+ 21 и ако се вратам среќно во домот на мојот татко, тогаш Јехова ќе докаже дека е мој Бог.+ 22 А овој камен што го исправив како столб ќе стане дом Божји,+ и од сѐ што ти ќе ми даваш мене, по една десеттина јас ќе ти давам тебе“.+