3. Мојсеева
23 Јехова понатаму му рече на Мојсеј: 2 „Кажи им на синовите на Израел и речи им: ‚Јеховините празници+ што ќе ги објавувате+ во одредено време од годината се свети собири. А ова се моите празници:
3 Шест дена нека се извршува работата, а во седмиот ден е ден за одмор,* ден на потполн одмор,+ свет собир. Не работете никаква работа. Тоа е ден за одмор посветен на Јехова во сите места каде што живеете.+
4 Ова се Јеховините празници,+ свети собири,+ што ќе ги објавувате кога во одреденото време од годината ќе дојде времето за нив:+ 5 во првиот месец, во приквечерината* на четиринаесеттиот ден од месецот+ е Пасхата+ во чест на Јехова.
6 Во петнаесеттиот ден од тој месец е Празникот на бесквасните лебови во чест на Јехова.+ Седум дена јадете бесквасни лебови.+ 7 На првиот ден одржете свет собир.+ Не работете никаква тешка работа. 8 Седум дена принесувајте му на Јехова палена жртва. На седмиот ден одржете свет собир. Не работете никаква тешка работа‘ “.
9 Јехова понатаму му рече на Мојсеј: 10 „Кажи им на синовите на Израел и речи им: ‚Кога ќе дојдете во земјата што ви ја давам и кога во неа ќе ја ожнеете жетвата, донесете му на свештеникот сноп* од првините+ од својата жетва. 11 Тој нека го заниша снопот+ пред Јехова за да стекне милост за вас. Свештеникот нека го заниша утредента по денот за одмор. 12 На оној ден кога ќе го дадете снопот да се заниша, принесете му на Јехова јагне без недостаток, годиначе, како жртва паленица; 13 како нејзина житна жртва принесете две десеттини ефа фино брашно замесено со масло како жртва палена за Јехова за успокојувачки мирис; а како нејзина жртва налевница принесете четврт ин* вино. 14 Не смеете да јадете леб, ниту пржени зрна, ниту нови зрна, сѐ до денот+ кога ќе го принесете приносот на својот Бог. Тоа е трајна одредба за вашите поколенија во сите места каде што живеете.
15 Од првиот ден по денот за одмор, од денот кога ќе го донесете снопот за нишана жртва, избројте седум денови за одмор.*+ Нека поминат полни седум седмици. 16 Бројте до денот по седмиот ден за одмор, педесет дена,+ и принесете му на Јехова нова житна жртва.+ 17 Од своите домови донесете два леба+ за нишана жртва. Нека бидат направени од две десеттини ефа фино брашно. Нека бидат печени со квасец,+ како првини за Јехова.+ 18 Со лебовите принесете седум едногодишни машки јагниња без недостаток,+ еден јунец и два овна. Тоа нека биде жртва паленица за Јехова заедно со житната жртва и со жртвите налевници — тоа е жртва палена за успокојувачки мирис за Јехова. 19 Принесете едно машко јаре+ како жртва за грев и две машки јагниња, годиначиња, како жртва на заедништвото.+ 20 Свештеникот нека ги заниша+ тие две јагниња заедно со лебовите од првините како нишана жртва пред Јехова. Тоа е нешто свето за Јехова и нека му припадне на свештеникот.+ 21 На истиот тој ден објавете+ свет собир. Да не работите никаква тешка работа. Тоа е трајна одредба за вашите поколенија во сите места каде што живеете.
22 Кога ја жнеете жетвата на својата земја, никогаш не дожнивајте до меѓите на својата нива и не доприбирајте ги остатоците по својата жетва.+ Оставете им го тоа на страдалникот+ и на дојденецот.+ Јас сум Јехова, вашиот Бог‘ “.
23 Јехова понатаму му рече на Мојсеј: 24 „Кажи им на синовите на Израел и речи им: ‚Во седмиот месец,+ првиот ден од месецот нека ви биде ден за потполн одмор, спомен огласен со трубење во труба,+ свет собир.+ 25 Да не работите никаква тешка работа, и принесете му на Јехова палена жртва‘ “.
26 Јехова уште му рече на Мојсеј: 27 „А десеттиот ден од тој седми месец е ден на очистување.+ Тогаш одржете свет собир; жалостете ги своите души+ и принесете му на Јехова палена жртва.+ 28 Во тој ден немојте да работите никаква работа, зашто тоа е ден на очистување кога за вас ќе се изврши обред на очистување+ пред Јехова, вашиот Бог. 29 Затоа, секоја душа која на тој ден нема да се жалости, да биде погубена, и така да се отстрани од нејзиниот народ.+ 30 Секоја душа што ќе работи каква и да е работа во тој ден, таа душа ќе ја погубам и така ќе ја отстранам од нејзиниот народ.+ 31 Да не работите никаква работа.+ Тоа е трајна одредба за вашите поколенија во сите места каде што живеете. 32 Тоа нека ви биде ден за одмор, за потполн одмор,+ и вечерта на деветтиот ден од месецот жалостете+ ги своите души. Својот ден за одмор држете го од вечер до вечер“.
33 Јехова понатаму му рече на Мојсеј: 34 „Кажи им на синовите на Израел и речи им: ,Од петнаесеттиот ден во тој седми месец, седум дена да се држи Празникот на сениците во чест на Јехова.+ 35 На првиот ден треба да има свет собир. Не работете никаква тешка работа. 36 Седум дена принесувајте му на Јехова палена жртва. На осмиот ден одржете свет собир,+ па принесете му на Јехова палена жртва. Тоа е свечен собир. Не работете никаква тешка работа.
37 Тоа се Јеховините празници+ што во одредено време од годината ќе ги објавувате како свети собири,+ за да му се принесе на Јехова палена жртва:+ жртвата паленица,+ житната жртва+ заедно со животинската жртва и жртвата налевница,+ како што е одредено за секој ден, 38 покрај Јеховините денови за одмор,+ покрај вашите дарови,+ покрај сите ваши заветни жртви+ и сите ваши доброволни жртви+ што му ги давате на Јехова. 39 А на петнаесеттиот ден од седмиот месец, кога ќе ги соберете плодовите од земјата, седум дена+ славете го Јеховиниот празник.+ Првиот ден нека биде ден на потполн одмор и осмиот ден нека биде ден на потполн одмор.+ 40 На првиот ден земете плодови од убави дрвја, палмови лисја,+ гранки од широколисни дрвја и од крајпоточни тополи, па веселете се+ седум дена пред Јехова, својот Бог. 41 И славете го како празник во чест на Јехова седум дена во годината.+ Тоа е трајна одредба за вашите идни поколенија — славете го во седмиот месец. 42 Седум дена живејте во сеници.+ Сите што се родени во Израел нека живеат во сеници,+ 43 за да знаат вашите идни поколенија+ дека јас направив синовите на Израел да живеат во сеници кога ги изведов од египетската земја.+ Јас сум Јехова, вашиот Бог‘ “.
44 И така Мојсеј им даде упатства на синовите на Израел во врска со Јеховините празници+ што требаше да ги слават во одредено време од годината.