5. Мојсеева
28 Ако го слушаш гласот на Јехова, својот Бог, и совесно ги извршуваш сите негови заповеди што ти ги давам денес,+ Јехова, твојот Бог, ќе те возвиши над сите други народи на земјата.+ 2 Сите овие благослови ќе дојдат врз тебе и ќе те стигнат+ ако го слушаш гласот на Јехова, својот Бог:
3 Ќе бидеш благословен во градот+ и ќе бидеш благословен во полето.+
4 Ќе биде благословен плодот на твојата утроба,+ плодот на твојата земја и плодот на твојата стока,+ младенчето од твојата крупна стока и младенчето од твојата ситна стока.+
5 Ќе биде благословена твојата кошница+ и твоите садови за месење леб.+
6 Ќе бидеш благословен во сѐ што правиш.+
7 Јехова ќе ги порази пред тебе твоите непријатели што ќе се подигнат против тебе.+ По еден пат ќе дојдат против тебе, а по седум патишта ќе бегаат пред тебе.+ 8 Јехова ќе испрати благослов на твоите амбари+ и на сето она со кое ќе се зафатиш.+ Јехова, твојот Бог, ќе те благослови во земјата што ти ја дава. 9 Јехова ќе те направи свој свет народ,+ како што ти се заколна.+ Јехова, твојот Бог, ќе го направи тоа ако ги држиш неговите заповеди+ и ако одиш по неговите патишта. 10 И сите народи на земјата ќе видат дека го носиш Јеховиното име+ и ќе се плашат од тебе.+
11 Јехова ќе даде да имаш изобилство од сѐ. Ќе изобилуваш со плодот на својата утроба,+ со плодот на својата стока и со плодот на својата земја,+ во земјата за која Јехова им се заколна на твоите прататковци дека ќе ти ја даде.+ 12 Јехова ќе ти ја отвори својата добра ризница, небото, за да ѝ дава дожд навреме на твојата земја+ и да го благослови секое дело на твоите раце.+ И ќе им даваш на заем на многу народи, а самиот нема да земаш на заем.+ 13 Јехова ќе те постави да бидеш глава, а не опашка. Ќе бидеш секогаш на врвот,+ а не на дното, ако ги слушаш заповедите+ на Јехова, својот Бог, кои ти ги давам денес за да ги држиш и да постапуваш според нив. 14 Од ниту еден збор што ти го заповедам денес не отстапувај ни надесно ни налево,+ одејќи по други богови и служејќи им.+
15 Ако не го слушаш гласот на Јехова, својот Бог, и не постапуваш совесно според сите негови заповеди и одредби што ти ги давам денес, ќе дојдат врз тебе и ќе те стигнат сите овие проклетства:+
16 Ќе бидеш проклет во градот+ и ќе бидеш проклет во полето.+
17 Ќе биде проклета твојата кошница+ и твоите садови за месење леб.+
18 Ќе биде проклет плодот на твојата утроба+ и плодот на твојата земја,+ младенчето од твојата крупна стока и младенчето од твојата ситна стока.+
19 Ќе бидеш проклет во сѐ што ќе правиш.+
20 Јехова ќе испраќа на тебе проклетство+ и збрка+ и ќе те казнува+ во сето она со кое ќе се зафатиш додека не бидеш истребен и додека брзо не пропаднеш поради своите зли дела со кои ме напушти.+ 21 Јехова ќе даде чумата да се прилепи за тебе сѐ додека не те истреби од земјата во која одиш за да ја заземеш.+ 22 Јехова ќе те удри со офтика,*+ со силна треска, со воспаленија, со силен оган, со меч,+ со суша+ и со мувла,+ и со сето ова ќе те прогонува додека не пропаднеш. 23 Небото што ти е над главата ќе стане бакар, а земјата под тебе ќе стане железо.+ 24 Јехова ќе даде прав и песок да паѓа како дожд на твојата земја. Од небото ќе паѓа врз тебе додека не те истреби. 25 Јехова ќе даде да те поразат твоите непријатели.+ По еден пат ќе излезеш против нив, а по седум патишта ќе бегаш пред нив. И ќе станеш застрашувачка глетка за сите земни царства.+ 26 Твоето мртво тело ќе им биде храна на сите небесни крилести суштества и на полските ѕверови, и никој нема да ги плаши.+
27 Јехова ќе те удри со египетските чиреви,+ со мајасил,* со красти* и со јадеж, од кои не ќе можеш да се излечиш. 28 Јехова ќе те удри со лудило,+ со слепило+ и со збрканост.+ 29 И напладне ќе пипаш наоколу како што слепецот пипа во темница+ и нема да бидеш успешен на своите патишта. Секогаш ќе бидеш само измамуван и ограбуван, а ќе нема кој да те спаси.+ 30 Ќе се свршиш со жена, но друг ќе ја земе и ќе ја силува.+ Ќе изградиш куќа, но нема да живееш во неа.+ Ќе засадиш лозје, но нема да го береш.+ 31 Твојот бик ќе го заколат пред твои очи, но ти нема да јадеш од него. Твоето магаре пред тебе ќе го грабнат и нема да се врати кај тебе. Твоите овци ќе им бидат дадени на твоите непријатели и ќе нема кој да ти помогне.+ 32 Твоите синови и ќерки ќе му бидат предадени на друг народ+ и твоите очи ќе го гледаат тоа и засекогаш ќе копнееш по нив, но твоите раце ќе бидат немоќни.+ 33 Плодот на твојата земја и на сиот твој труд ќе го јаде народ што не го познаваш.+ И секогаш само ќе те мамат и ќе те газат.+ 34 И ќе полудиш од она што ќе го гледаат твоите очи.+
35 Јехова ќе те удри со болни чиреви по колената и по бедрата, ќе те удри од табаните до темето, така што не ќе можеш да се излечиш.+ 36 Јехова ќе те одведе тебе+ и твојот цар,+ кој ќе го поставиш над себе, во народ непознат и за тебе и за твоите прататковци, и таму ќе им служиш на други богови, дрвени и камени.+ 37 Над тебе луѓето ќе се згрозуваат+ и со презир ќе те споменуваат,*+ ќе ти се потсмеваат сите народи меѓу кои ќе те одведе Јехова.
38 Многу семе ќе изнесеш на нивата, но малку ќе ожнееш,+ зашто родот ќе ти го изедат скакулци.+ 39 Ќе садиш лозја и ќе ги обработуваш, но вино нема да пиеш, ниту нешто ќе береш,+ зашто ќе ги изеде црвот.+ 40 Ќе имаш маслини по целото свое подрачје, но нема да се намачкаш со масло, зашто маслинките ќе попаѓаат.+ 41 Ќе раѓаш синови и ќерки, но нема да бидат твои, зашто ќе отидат во заробеништво.+ 42 Инсекти што брмчат ќе ги уништат сите твои дрвја и земни плодови. 43 Дојденецот што е во твојата средина ќе се издига над тебе сѐ повисоко, а ти ќе паѓаш сѐ пониско.+ 44 Тој ќе ти дава на заем тебе, а ти нема да му даваш на заем нему.+ Тој ќе биде главата, а ти ќе бидеш опашката.+
45 Сите тие проклетства+ ќе дојдат врз тебе, ќе те прогонуваат и ќе те стигнуваат, сѐ додека не те истребат,+ зашто не го слушаше гласот на Јехова, својот Бог, и не ги држеше неговите заповеди и неговите одредби што ти ги даде.+ 46 И тие ќе бидат како знак и како предзнак за тебе и за твоето потомство довека,+ 47 зашто не му служеше на Јехова, својот Бог, со весело и радосно срце+ покрај сето свое изобилство.+ 48 И ќе им служиш на своите непријатели,+ кои Јехова ќе ги испрати против тебе, во глад,+ во жед, во голотија и во секаква немаштија. На вратот ќе го носиш нивниот железен јарем сѐ додека не бидеш истребен.+
49 Јехова ќе подигне против тебе народ што доаѓа оддалеку,+ од крајот на земјата, народ кој ќе се нафрли на тебе како орел,+ чиј јазик нема да го разбереш,+ 50 народ со свирепо лице,+ кој ќе нема обѕир кон старец ниту ќе биде милостив кон млад човек.+ 51 И тие ќе го јадат плодот од твојата стока и плодот од твојата земја додека не бидеш истребен.+ Нема да ти остават ни жито, ни младо вино, ни масло, ни младенче од крупната стока, ни младенче од ситната стока, додека не те сотрат.+ 52 И ќе те опколат во сите твои градови додека не паднат по целата твоја земја твоите високи и утврдени ѕидишта на кои се надеваш. Ќе те опколат во сите твои градови во целата твоја земја што ти ја дава Јехова, твојот Бог.+ 53 Тогаш ќе го јадеш плодот на својата утроба, месото од своите синови и ќерки,+ кои ти ги даде Јехова, твојот Бог, поради маката и неволјата со кои ќе те притисне твојот непријател.
54 Човек што е многу нежен и осетлив меѓу вас ќе ги гледа со злобно око+ својот брат, својата мила жена и синовите што ќе му преостанат, 55 и никому од нив нема да му даде месо од своите синови што ќе ги јаде, зашто ќе нема ништо друго поради маката и неволјата со кои ќе те притиснат твоите непријатели во сите твои градови.+ 56 Жената меѓу вас што е многу нежна и осетлива, која поради својата осетливост и нежност никогаш не се осмелила со нога да стапне на земја,+ ќе ги гледа со злобно око својот мил маж, својот син и својата ќерка, 57 и постелката што ќе ѝ излезе меѓу нозете и синовите што ќе ги роди,+ зашто тајно ќе ги јаде, бидејќи ќе владее секаква немаштија поради маката и неволјата со кои ќе те притисне твојот непријател во твоите градови.+
58 Ако не ги држиш совесно сите зборови на овој закон што се запишани во оваа книга+ и ако не се боиш од ова славно+ име што влева страв,+ од името на Јехова,+ твојот Бог, 59 Јехова ќе предизвика твоите неволји и неволјите на твоите потомци да бидат посебно тешки, неволји големи и долготрајни,+ болести опаки и долготрајни.+ 60 И ќе ги пушти врз тебе сите египетски болести од кои се плашеше, и тие ќе се прилепат за тебе.+ 61 А и секоја друга болест и секоја неволја, која не е запишана во книгата на овој закон, Јехова ќе ги пушта врз тебе додека не те истребат. 62 И од вас ќе останат малкумина,+ иако бевте бројни како ѕвездите на небото,+ зашто не го слушавте гласот на Јехова, својот Бог.
63 И како што Јехова ви се радуваше правејќи ви добро и умножувајќи ве,+ така Јехова ќе ви се радува сотирајќи ве и истребувајќи ве.+ И ќе бидете искорнати од земјата во која одите за да ја заземете.+
64 И Јехова ќе те расее по сите народи од едниот крај на земјата до другиот,+ и таму ќе им служиш на други богови, дрвени и камени, кои ти се непознати и тебе и на твоите прататковци.+ 65 Меѓу тие народи ќе немаш мир+ и нема да најдеш место за нога да одмориш. Таму Јехова ќе ти даде растреперено срце,+ згаснати очи+ и очајна душа. 66 И животот ќе ти биде во смртна опасност, ќе бидеш во страв ноќе и дење и нема да бидеш сигурен дали ќе останеш жив.+ 67 Наутро ќе велиш: ‚Да е барем вечер!‘ — а навечер ќе велиш: ‚Да е барем утро!‘ — поради стравот што ќе ти го исполни срцето и поради она што ќе го гледаат твоите очи.+ 68 И Јехова со бродови ќе те врати назад во Египет по патот за кој ти реков: ‚Никогаш повеќе нема да го видиш‘,+ и таму ќе им се продавате како робови и робинки+ на своите непријатели, но ќе нема кој да ве купи“.