Еремија
4 „Ако се вратиш, Израеле“, вели Јехова, „врати се кај мене!+ Ако ги отстраниш своите гнасотии од пред мене,+ не ќе мора да живееш во туѓа земја. 2 Ако се заколнеш:+ ‚Како што е жив Јехова, Бог вистинољубив,+ праведен и правдољубив!‘+ — тогаш народите ќе се благословуваат со мене и со мене ќе се фалат.“+
3 Зашто, вака му вели Јехова на народот на Јуда и на Ерусалим: „Изорајте си земја, не сејте меѓу трње!+ 4 Обрежете се заради Јехова, обрежете го своето срце,+ народе Јудин и жители ерусалимски, за да не дојде мојот гнев како оган и да не се разгори така, што никој не ќе може да го изгасне, поради вашите зли дела!“+
5 Објавете во Јуда, разгласете во Ерусалим,+ зборувајте и трубете во рог по целата земја!+ Викајте колку што глас ве држи и речете: „Соберете се! Да влеземе во утврдените градови!+ 6 Подигнете кон Сион собирен знак! Најдете засолниште! Не стојте!“ Зашто, од север носам неволја,+ голема пропаст. 7 Се крена како лав од својот честак,+ тргна оној што ги сотира народите,+ појде од своето место за да ја претвори твојата земја во грозна глетка. Твоите градови ќе бидат разурнати и ќе останат без жители.+ 8 Затоа опашете се во козина!+ Удирајте се в гради од тага и горко плачете,+ зашто распламтениот гнев на Јехова не се одврати од нас!+
9 „Во тој ден“, вели Јехова, „ќе премре срцето на царот+ и срцето на кнезовите, ќе се вчудовидат свештениците, ќе се зачудат пророците.“+
10 А јас реков: „Леле, Севишен Господару Јехова! Навистина го измами овој народ+ и Ерусалим кога рече: ‚Ќе имате мир‘,+ а мечот ни дојде до душата“.
11 Во тоа време ќе им речат на овој народ и на Ерусалим: „Топол ветар од разгазените патеки дува преку пустината+ кон ќерката на мојот народ.+ Не е ниту за веење ниту за чистење на жито. 12 Силен ветар дува оттаму кон мене. А јас сега ќе им изречам осуда.+ 13 Гледај, непријателот ќе се појави како дождовните облаци. Неговите коли се како виор,+ неговите коњи се побрзи од орли.+ Ќе речете: ‚Тешко нам, пропаднавме!‘ 14 Измиј го злото од своето срце, Ерусалиме, за да се спасиш.+ До кога ќе се гнездат во тебе твоите зли мисли?+ 15 Зашто, глас јавува од Дан+ и објавува зло од ефремските планини.+ 16 Кажете им за тоа на народите! Објавете ја оваа реч против Ерусалим!“
„Стражари доаѓаат од далечна земја+ и ќе го пуштат својот глас против градовите на Јуда. 17 Како полски чувари го опколуваат од сите страни,+ зашто се побуни против мене“,+ вели Јехова. 18 „Твојот пат и твоите дела ќе те стигнат.+ Тоа е твојата неволја, а горчлива е, зашто допре до твоето срце.“
19 Утробо моја, утробо моја! Тешка ми е болката во срцето.+ Срцето во мене се вознемири.+ Не можам да молчам, зашто мојата душа го чу звукот на рогот, знакот за војна.+ 20 Се објавува пропаст по пропаст, зашто целата земја е опустошена.+ Ненадејно се опустошени моите шатори,+ за миг — моите шаторски крила. 21 До кога ќе го гледам собирниот знак, до кога ќе го слушам звукот на рогот?+ 22 Мојот народ е безумен.+ Не ме слуша.+ Тие се неразумни синови, немаат разборитост.*+ Мудри се за да прават зло, но да прават добро не знаат.+
23 Ја видов земјата, и гледај, беше празна и пуста.+ Ги видов небесата, а нивната светлина ја немаше повеќе.+ 24 Ги видов планините, и гледај, се затресоа и сите ридови се занишаа.+ 25 Видов, и гледај, немаше земен човек и сите небесни птици одлетале.+ 26 Видов, и гледај, плодната земја се претвори во пустина, сите нејзини градови се разурнати.+ Јехова го направи тоа во својот распламтен гнев.
27 Зашто, вака вели Јехова: „Целата земја ќе биде претворена во пустош,+ а јас сосема ќе ја уништам.+ 28 Затоа земјата ќе тагува,+ а небесата во висините ќе потемнат.+ Зашто, така реков, така одлучив, и нема да зажалам, ниту ќе отстапам од тоа.+ 29 Од звукот на коњаниците и на стрелците бега сиот град.+ Влегуваат во честаците и се качуваат на карпите.+ Сите градови се напуштени, никој не живее во нив“.
30 Што ќе правиш сега кога си опустошена? А се облекуваше во црвена облека, се украсуваше со златен накит, ги истакнуваше очите со црна боја.+ Залудно се разубавуваше.+ Те отфрлија оние што поулавуваа од страст по тебе. Сега ја бараат твојата душа.+ 31 Слушам глас како на болна жена, неволја како на жена која првпат раѓа,+ глас на сионската ќерка која подзема воздух. Таа ги шири рацете+ и вели: „Тешко мене! Мојата душа е изморена од убијците!“+