Лука
18 Тогаш им раскажа една споредба за да ги поучи дека секогаш треба да се молат и да не се откажуваат: 2 „Во еден град имаше еден судија, кој не се плашеше од Бог, ниту му беше грижа за луѓето. 3 А во тој град имаше и една вдовица, која постојано доаѓаше кај него и го молеше: ’Помогни ми да добијам правда во спорот со мојот противник‘. 4 Некое време тој не сакаше да ѝ помогне, но на крајот си рече: ’Не се плашам од Бог, ниту ми е грижа за луѓето, 5 но оваа вдовица толку ми досадува што сепак ќе ѝ помогнам да добие правда, па повеќе да не доаѓа и да не ми здодева со нејзините молби‘“. 6 Тогаш Господарот рече: „Дали чувте што рекол неправедниот судија? 7 Тогаш, нема ли Бог да се погрижи да добијат правда неговите избрани, кои викаат кон него ден и ноќ? А освен тоа, тој е стрплив со нив. 8 Ви велам, ќе се погрижи брзо да добијат правда. Но, кога Синот човечки ќе дојде, ќе најде ли таква вера на земјата?“
9 А на оние што беа уверени во својата праведност и ги потценуваа другите им ја раскажа оваа споредба: 10 „Двајца мажи отидоа во храмот да се молат. Едниот беше фарисеј, а другиот даночник. 11 Фарисејот застана и почна да се моли во себе: ’Боже, ти благодарам што не сум како другите луѓе — изнудувачи, неправедници, прељубници — или како овој даночник. 12 Постам двапати во седмицата и давам десеттина од сѐ што ќе стекнам‘. 13 А даночникот, стоејќи понастрана, не сакаше ни очите да ги подигне кон небото, туку се удираше в гради и велеше: ’Боже, биди милостив кон мене, зашто сум грешник‘. 14 Ви велам, овој човек си замина дома поправеден од фарисејот. Зашто, секој што се возвишува, ќе биде понижен, а оној што е понизен, ќе биде возвишен“.
15 А луѓето му ги донесуваа и бебињата за да ги стави рацете врз нив и да ги благослови. Кога го видоа тоа, учениците почнаа да ги прекоруваат. 16 Сепак, Исус побара да му ги донесат бебињата и рече: „Пуштете ги децата да доаѓаат кај мене и не забранувајте им, зашто на таквите им припаѓа Божјето Царство. 17 Вистина ви велам, кој не го прима Божјето Царство како дете, нема да влезе во него“.
18 А еден поглавар го праша: „Учителе добар, што морам да правам за да наследам вечен живот?“ 19 Исус му рече: „Зошто ме нарекуваш добар? Никој не е добар, освен еден, Бог. 20 Заповедите ги знаеш: ’Не прави прељуба, не убивај, не кради, не давај лажно сведоштво, почитувај ги татко ти и мајка ти‘“. 21 А тој рече: „Сето тоа го држам уште од младоста“. 22 Тогаш Исус му рече: „Уште едно ти недостига: продај сѐ што имаш и парите раздели им ги на сиромашните, па ќе имаш богатство на небото. Тогаш дојди и оди по мене“.* 23 Кога го слушна тоа, човекот многу се натажи, зашто беше многу богат.
24 Исус го погледна и рече: „Колку ќе им биде тешко на богатите да влезат во Божјето Царство! 25 Полесно е камила да помине низ увото на иглата* отколку богат човек да влезе во Божјето Царство“. 26 Оние што го чуја тоа, прашаа: „Тогаш, кој може да се спаси?“ 27 А тој рече: „Она што за луѓето е невозможно, за Бог е возможно“. 28 А Петар рече: „Еве, ние оставивме сѐ што имавме и одиме по тебе“. 29 Тогаш Исус им рече: „Вистина ви велам, никој не оставил куќа или жена или браќа или родители или деца заради Божјето Царство, 30 а да не добие многу повеќе во ова време, а во светот* што доаѓа и вечен живот“.
31 Тогаш ги тргна настрана 12-те апостоли и им рече: „Еве, одиме во Ерусалим, и сѐ што напишале пророците за Синот човечки ќе се исполни. 32 Ќе им биде предаден на луѓе од другите народи, ќе биде исмејуван, малтретиран и ќе биде плукан. 33 Ќе го камшикуваат и потоа ќе го убијат, а на третиот ден ќе воскресне“. 34 Но тие не разбраа ништо од тоа, зашто значењето на тие зборови им беше скриено.
35 Додека Исус се приближуваше кон Ерихон, покрај патот седеше еден слеп човек и просеше. 36 Кога слушна дека поминуваат многу луѓе, почна да се распрашува што се случува. 37 Му рекоа: „Поминува Исус Назареќанецот!“ 38 Тогаш извика: „Исусе, Сине Давидов, сожали се на мене!“ 39 Оние што одеа напред почнаа да го прекоруваат и му велеа да замолчи, но тој уште посилно викаше: „Сине Давидов, сожали се на мене!“ 40 Тогаш Исус застана и заповеда да го доведат кај него. Кога човекот се приближи, Исус го праша: 41 „Што сакаш да направам за тебе?“ Тој одговори: „Господару, сакам да прогледам“. 42 А Исус му рече: „Прогледај! Твојата вера те оздраве“. 43 И тој веднаш прогледа и тргна по него, славејќи го Бог. И сите што го видоа тоа, го фалеа Бог.