Матеј
3 По некое време, Јован Крстител почна да проповеда во Јудејската Пустина: 2 „Покајте се, зашто се приближи Царството небесно!“ 3 Тоа е, всушност, оној за кого зборуваше пророкот Исаија кога рече: „Силен глас се слуша во пустината: ’Подгответе му го патот на Јехова! Израмнете ги неговите патеки!‘“ 4 Јован носеше облека од камилски влакна и кожен појас околу половината, а јадеше скакулци и див мед. 5 Кај него доаѓаа луѓе од Ерусалим, од цела Јудеја и од целиот јордански крај, 6 и тој ги крштаваше* во реката Јордан, а тие отворено ги признаваа своите гревови.
7 Кога виде дека многу фарисеи и садукеи* доаѓаат на местото каде што крштаваше, им рече: „Змии отровници! Кој ви рекол дека можете да избегате од Божјиот гнев што доаѓа? 8 Најпрво покажете со своите дела дека сте се покајале. 9 Не ни помислувајте да си речете: ’Авраам ни е татко‘. Зашто, ви велам дека Бог може да направи и овие камења да му станат деца на Авраам. 10 Секирата веќе е спремна да ги исече дрвјата од корен. Секое дрво кое не дава добар плод ќе биде исечено и фрлено во оган. 11 Јас ве крштавам со вода затоа што сте се покајале, но оној што доаѓа по мене е посилен од мене, и јас не сум достоен ни да му ги собујам сандалите. Тој ќе ве крсти со свет дух и со оган. 12 Во раката држи лопата со која ќе го исчисти своето гумно, па ќе го собере своето жито во амбарот, а плевата ќе ја изгори во оган што не може да се изгасне“.
13 Тогаш Исус дојде од Галилеја кај реката Јордан за Јован да го крсти. 14 Но Јован се обиде да го разубеди: „Ти треба мене да ме крстиш, а не јас тебе!“ 15 А Исус му одговори: „Остави го сега тоа, зашто така ќе го исполниме сето она што Бог го одредил“.* Тогаш Јован престана да го разубедува. 16 Кога се крсти, Исус веднаш излезе* од водата. Во тој момент, небото се отвори, и Јован виде како Божјиот дух слегува како гулаб и доаѓа на Исус. 17 И од небото се слушна глас: „Ова е мојот сакан Син, кој ми е по волја!“*