Малахија
2 „А сега, свештеници, ви ја давам оваа заповед. 2 Ако не ѝ обрнете внимание и не го славите моето име“, вели Јехова над војските, „ќе ве проколнам и ќе ги претворам вашите благослови во проклетство. Всушност, веќе ги претворив благословите во проклетство затоа што не им обрнувате внимание на моите зборови.
3 Еве, поради вас ќе го уништам посеаното семе и ќе ви фрлам лепешки в лице, лепешки од животните кои ги жртвувате на вашите празници; и вие ќе бидете фрлени врз нив.* 4 Тогаш ќе знаете дека ви ја дадов оваа заповед за да остане на сила мојот сојуз со Леви“, вели Јехова над војските.
5 „Преку сојузот што го склучив со него, му подарив живот и мир. Затоа тој имаше стравопочит кон мене и кон моето име. 6 Тој ги поучуваше другите за законот на вистината и никогаш не зборуваше неправедно. Постапуваше исправно и беше во мир со мене, и им помогна на мнозина да престанат да грешат. 7 Од устата на свештеникот треба да извира знаење, и тој треба да ги поучува луѓето за законот,* бидејќи тој е гласникот на Јехова над војските.
8 Но, вие скршнавте од патот. Поради вас мнозина не се држат за законот.* Го прекршивте сојузот што го склучив со Леви“, вели Јехова над војските. 9 „Затоа ќе ве понижам, и целиот народ со презир ќе гледа на вас бидејќи не се држевте за моите патишта и судевте пристрасно.“
10 Зар немаме сите еден татко? Зар не нѐ создаде еден Бог? Зошто тогаш постапуваме неверно еден со друг и не се држиме за* сојузот што тој го склучи со нашите прататковци? 11 Луѓето од Јуда постапуваат неверно, и во Израел и во Ерусалим прават нешто одвратно: го обесчестуваат Јехова, кој ја сака светоста,* и за невести си земаат жени кои му служат* на туѓ бог. 12 Јехова ќе го истреби од шаторите на Јаков секој што го прави тоа — без оглед кој е тој — макар и да му принесува жртва на Јехова над војските.
13 А правите и уште нешто поради кое жртвеникот на Јехова е облеан со солзи, плач и воздишки, и поради кое тој повеќе не обрнува внимание на вашите жртви и не прифаќа ништо од вашите раце. 14 А вие велите: „Што правиме?“ Јехова сведочи против тебе бидејќи ти ја изневери жената со која си во брак уште од младоста, иако таа ти е другарка со која склучи брачен завет.* 15 Но, има и такви што не го прават тоа бидејќи сѐ уште имаат Божји дух.* Што им е важно ним? Важно им е Божјето потомство.* Затоа, внимавајте на вашиот став* и немојте да ѝ бидете неверни на жената со која сте заедно уште од младоста. 16 „Бидејќи јас го мразам разводот“, вели Јехова, Богот на Израел. „А го мразам и оној што е насилен“,* вели Јехова над војските. „Затоа, внимавајте на вашиот став и не бидете неверни.“
17 Го уморивте Јехова со вашите зборови. А вие прашувате: „Како го уморивме?“ Со тоа што велите: „Сите што прават зло се добри во очите на Јехова, и таквите му се мили“ или: „Каде е Богот на правдата?“