Езра
7 По тие настани, додека владееше персискиот цар Артаксеркс, Езра* се врати во Ерусалим. Тој беше син на Сераја, син на Азарија, син на Хелкија, 2 син на Салум, син на Садок, син на Ахитув, 3 син на Амарија, син на Азарија, син на Мерајот, 4 син на Зерај, син на Озиј, син на Вукиј, 5 син на Ависуј, син на Финес, син на Елеазар, син на главниот свештеник Арон. 6 Езра дојде од Вавилон. Тој беше препишувач* кој добро го познаваше* Законот што Јехова, Богот на Израел, му го даде на Мојсеј. Царот му ги исполни сите барања бидејќи Јехова, неговиот Бог, беше со него.*
7 Во седмата година од владеењето на цар Артаксеркс, некои Израелци, свештеници, левити, пејачи, вратари и храмски слуги* отидоа во Ерусалим. 8 И Езра пристигна во Ерусалим во петтиот месец, во седмата година од владеењето на царот. 9 Тој тргна од Вавилон на првиот ден од првиот месец и стигна во Ерусалим на првиот ден од петтиот месец. Во текот на целото патување, неговиот добар Бог беше со него. 10 Езра беше цврсто решен во срцето* да го истражува Јеховиниот закон, да се држи за него и да ги поучува Израелците за неговите одредби и праведни начела.
11 Ова е препис на писмото што цар Артаксеркс му го даде на свештеникот Езра, препишувачот,* кој многу добро ги познаваше заповедите и одредбите што Јехова му ги даде на Израел:
12 * „Од Артаксеркс, царот над царевите, до свештеникот Езра, препишувачот* на Законот на небесниот Бог: Ти посакувам мир! 13 Ја издавам следнава наредба: сите Израелци во моето царство и сите израелски свештеници и левити што сакаат да одат со тебе во Ерусалим, нека одат. 14 Јас, царот, заедно со моите седум советници, те праќам да провериш дали жителите на Јуда и на Ерусалим се држат за Законот на твојот Бог, кој ти е доверен,* 15 и да го однесеш среброто и златото што јас и моите советници доброволно му го даваме на Богот на Израел, кој престојува во Ерусалим. 16 Однеси го и сето сребро и злато што ќе го добиеш од целата вавилонска покраина, како и дарот што народот и свештениците доброволно го даваат за домот на својот Бог во Ерусалим. 17 Од тие пари веднаш купи јунци, овни и јагниња, како и сѐ што е потребно за житните и налевните жртви* кои се принесуваат со нив, а потоа принеси ги на жртвеникот во домот на вашиот Бог во Ерусалим.
18 Со среброто и златото што ќе остане, ти и твоите браќа направете го тоа што сметате дека е добро, според волјата на вашиот Бог. 19 А сите садови кои ги доби за службата во домот на твојот Бог, однеси ги во Ерусалим и стави ги во Божјиот дом.* 20 И сите други работи што ќе треба да ги набавиш за домот на твојот Бог, плати ги од царската ризница.
21 Јас, цар Артаксеркс, им ја издадов следнава наредба на сите ризничари во областа западно од реката Еуфрат:* сѐ што ќе побара свештеникот Езра, препишувачот* на Законот на небесниот Бог, да му се даде без одлагање — 22 до 100 таланти* сребро, до 100 кора* пченица, до 100 бата* вино, до 100 бата масло, а сол да му се дава во неограничена мера. 23 Трудољубиво извршувајте го сето она што небесниот Бог ќе го заповеда во врска со својот дом за да не се разгори неговиот гнев против поданиците и синовите на царот. 24 Освен тоа, ви ставам до знаење дека не е дозволено да му се наметне данок, давачки или царина на ниту еден свештеник, левит, музичар, вратар или храмски слуга,* ниту пак на некој што работи на Божјиот дом.
25 А ти, Езра, во склад со мудроста што ти ја дал твојот Бог, постави судски службеници и судии за да им судат на сите што живеат во областа западно од реката Еуфрат,* на сите што ги познаваат законите на твојот Бог. А оние што не ги познаваат тие закони, поучете ги. 26 И секој што нема да се држи за Законот на твојот Бог и за законот на царот треба веднаш да се осуди — да се погуби, да се протера, парично да се казни или да се фрли в затвор“.
27 Нека е фален Јехова, Богот на нашите прататковци, кој го поттикна* царот да го разубави Јеховиниот дом во Ерусалим! 28 Бог ми покажа верна љубов, и затоа ја стекнав милоста на царот, на неговите советници и на сите моќни царски кнезови. Бидејќи Јехова, мојот Бог, беше со мене, јас се охрабрив* и ги собрав поглаварите на Израел за да појдат со мене.