Даниел
4 „Од цар Навуходоносор до сите народи, племиња и луѓе од сите јазици кои живеат по целата земја: Ви посакувам мир во сѐ! 2 Би сакал да ви ги објавам знаците и чудата кои Севишниот Бог ги направи во врска со мене. 3 Навистина, неговите знаци се величествени и неговите чуда се неописливи! Неговото царство е вечно царство — тој владее од поколение во поколение!
4 Јас, Навуходоносор, уживав во мир и благосостојба во својата палата. 5 Но, тогаш сонував еден сон што ме исплаши. Додека бев на постелата, сликите и виденијата што ми поминаа низ главата ме исполнија со страв. 6 Затоа издадов наредба да ми ги доведат сите вавилонски мудреци за да ми откријат што значи сонот.
7 Тогаш дојдоа свештениците кои се занимаваат со магија, гатачите,* халдејските астролози и познавачите на ѕвездите. Им го раскажав сонот, но тие не можеа да ми го откријат неговото значење. 8 На крајот дојде и Даниел, кој беше наречен Валтасазар во чест на мојот бог* и во кого е духот на светите богови, и јас му го раскажав сонот:
9 ’Валтасазар, поглавару на свештениците кои се занимаваат со магија, добро знам дека во тебе е духот на светите богови и дека нема тајна што не можеш да ја откриеш. Објасни ми што значат виденијата од мојот сон.
10 Во виденијата што ми поминаа низ главата додека спиев, видов едно многу високо дрво кое стоеше среде земјата. 11 Дрвото порасна и се зацврсти, а врвот му допираше до небото — можеше да се види од сите краишта на земјата. 12 Имаше убави лисја и даваше обилен род. На него имаше храна за сите. Дивите животни наоѓаа сенка под ова дрво, а небесните птици си правеа гнезда на неговите гранки. Сите живи суштества се хранеа од неговите плодови.
13 А потоа, во виденијата што ми поминаа низ главата додека спиев, видов како од небото слегува еден стражар,* свет гласник. 14 Тој извика на сет глас: „Пресечете го дрвото и искастрете му ги гранките! Истресете ги лисјата и расфрлете ги неговите плодови! Нека се разбегаат дивите животни од под него и нека одлетаат птиците од неговите гранки! 15 Но, пенушката со коренот оставете ја в земја, во полската трева, окована со обрачи од железо и бакар. Нека ја натопува небесната роса и нека остане меѓу дивите животни и полските билки. 16 Срцето нека ѝ се промени од човечко во животинско, и нека поминат седум времиња. 17 Ова е одлуката што ја пренесоа стражарите и пресудата што ја објавија светите гласници за да знае секој жив дека Севишниот владее над човечкото царство и дека му ја дава власта кому што сака. Тој го поставува за владетел и најнезначајниот* од сите луѓе“.
18 Тоа е сонот што го сонував јас, цар Навуходоносор. А сега ти, Валтасазар, откриј ми го неговото значење, бидејќи ниту еден друг мудрец во моето царство не може да ми го протолкува. Но ти можеш да го сториш тоа, бидејќи во тебе е духот на светите богови‘.
19 Тогаш Даниел, кој беше наречен Валтасазар, се исплаши и за миг се стаписа.
Царот му рече: ’Валтасазар, немој да се плашиш од сонот и од неговото значење!‘
А Валтасазар му одговори: ’Господару мој, овој сон нека се исполни на оние што Ве мразат и неговото значење нека се исполни на Вашите непријатели!
20 Дрвото што сте го сонувале, кое пораснало до небото и се зацврстило, кое можело да се види од секој крај на земјата, 21 кое имало убави лисја и давало обилен род, на кое имало храна за сите, под кое живееле дивите животни и на чии гранки си правеле гнезда небесните птици — 22 тоа сте Вие, царе, бидејќи станавте величествен и моќен,* и Вашата слава порасна и допре до небото, а Вашата власт се протега по целата земја.
23 Потоа сте виделе, царе, како од небото слегува еден стражар,* свет гласник, кој рекол: „Пресечете го дрвото и уништете го! Но, пенушката со коренот оставете ја в земја, во полската трева, окована со обрачи од железо и бакар! Нека ја натопува небесната роса и нека остане меѓу дивите животни сѐ додека не поминат седум времиња!“ 24 Ова е значењето, царе, и она што ќе Ви се случи, господару мој, е одредба на Севишниот: 25 Ќе Ве протераат откај луѓето. Ќе живеете со дивите животни и ќе јадете трева како што јадат говедата. Небесната роса ќе Ве натопува и ќе поминат седум времиња додека не сфатите дека Севишниот владее со човечкото царство и дека му ја дава власта кому што сака.
26 Но, тоа што било заповедано да се остави пенушката со коренот значи дека Вашето царство ќе Ви биде вратено откако ќе сфатите дека оној што е на небото има врховна власт.* 27 Затоа, царе, Ве молам прифатете го мојот совет: Престанете да грешите и постапувајте исправно, одвратете се од своите злодела и бидете милосрдни кон сиромасите. Можеби така Вашата благосостојба ќе потрае‘.“
28 Сето ова му се случи на цар Навуходоносор.
29 Откако поминаа 12 месеци, кога во една прилика одеше по покривот на царската палата во Вавилон, 30 царот рече: „Зар не е величествен овој Вавилон* што лично јас го изградив со мојата голема сила и моќ за да биде царска престолнина и да сведочи за мојата слава и чест?“
31 Уште пред царот да ги докаже тие зборови, од небото се слушна глас: „Оваа објава е за тебе, царе Навуходоносор: ’Царството ти се одзема! 32 Ќе те протераат откај луѓето и ќе живееш со дивите животни. Ќе јадеш трева како што јадат говедата и ќе поминат седум времиња додека не сфатиш дека Севишниот владее со човечкото царство и дека му ја дава власта кому што сака‘“.
33 Во истиот миг, тие зборови се исполнија на Навуходоносор. Тој беше протеран откај луѓето и почна да јаде трева како што јадат говедата, а небесната роса му го натопуваше телото. Косата му порасна како орловски перја, а ноктите му станаа како птичји канџи.
34 „Кога помина тоа време, јас, Навуходоносор, го кренав погледот кон небото и разумот ми се врати. Тогаш почнав да го фалам Севишниот и му оддадов чест и слава на оној што живее засекогаш, бидејќи неговата власт е вечна и тој царува* од поколение во поколение. 35 Сите што живеат на земјата се безначајни во споредба со него, и тој постапува како што сака со небесната војска и со жителите на земјата. И никој не може да го спречи во она што го наумил или да му рече: ’Што правиш?‘
36 Во тоа време ми се врати разумот, а ми се вратија и величеството и сјајот, како и славата на моето царство. Моите високи службеници и дворјани пак почнаа да доаѓаат за да бараат водство од мене. Повторно седнав на мојот царски престол и стекнав уште поголема слава од порано.
37 Сега јас, Навуходоносор, го фалам, го возвишувам и го славам небесниот Цар бидејќи сѐ што прави е исправно и праведно, и тој може да ги понижи горделивите.“