Матеј
8 Кога слезе од планината, го следеше многу народ. 2 Тогаш му се приближи еден лепрозен човек, му се поклони и рече: „Господару, ако сакаш, ти можеш да ме исчистиш“. 3 Исус ја испружи раката, го допре и рече: „Сакам! Исчисти се“. И тој веднаш се исчисти од лепрата. 4 Потоа Исус му рече: „Гледај никому ништо да не кажуваш, туку оди, покажи му се на свештеникот и принеси го дарот што го одреди Мојсеј, за свештениците да видат дека навистина си оздравел“.
5 Кога влезе во Капернаум, кај него дојде еден воен заповедник, молејќи го: 6 „Господине, мојот слуга лежи дома парализиран и многу се мачи“. 7 А тој му рече: „Кога ќе дојдам, ќе го излекувам“. 8 Воениот заповедник тогаш му рече: „Господине, не сум достоен да дојдеш во мојата куќа. Кажи само збор и мојот слуга ќе оздрави. 9 Зашто, и јас имам свои претпоставени, а имам и војници кои ми се потчинети, па на едниот му велам: ’Оди!‘, и тој оди, а на другиот: ’Дојди!‘, и тој доаѓа, а на својот роб: ’Направи го тоа!‘, и тој го прави“. 10 Кога го слушна тоа, Исус беше восхитен и им рече на оние што одеа по него: „Вистина ви велам, кај никого во Израел не најдов толкава вера. 11 А ви велам дека многумина од исток и од запад ќе дојдат и ќе седнат на масата со Авраам, Исак и Јаков во Царството небесно, 12 додека синовите на Царството ќе бидат фрлени надвор во темнината. Таму ќе плачат и ќе чкртаат со забите“. 13 Тогаш Исус му рече на воениот заповедник: „Оди! Бидејќи покажа вера, нека биде како што побара“. И слугата оздраве во истиот момент.
14 А Исус отиде во куќата на Петар и виде дека неговата баба* лежи болна и има треска. 15 Тогаш ѝ ја допре раката, и треската ѝ помина, па таа стана и почна да му спрема нешто за јадење. 16 А вечерта, луѓето му доведоа мнозина кои беа обземени од демони. И ги истеруваше духовите со само еден збор и ги излекува сите болни. 17 Така се исполни она што беше кажано преку пророкот Исаија: „Тој ги зеде нашите болести и ги понесе нашите болки“.
18 Кога го виде народот околу себе, Исус им рече на своите ученици да отпловат на другата страна. 19 И му се приближи еден од познавачите на Законот* и му рече: „Учителе, ќе одам по тебе каде и да појдеш“. 20 А Исус му рече: „Лисиците имаат дувла и птиците имаат гнезда, а Синот човечки нема каде глава да потпре“. 21 Тогаш друг ученик му рече: „Господару, дозволи ми прво да одам да го погребам татко ми“. 22 А Исус му рече: „Остави ги мртвите да ги погребуваат своите мртви, а ти продолжи да одиш по мене“.
23 И влезе во еден чамец заедно со своите ученици. 24 Наеднаш, над езерото се подигна силна бура. Брановите беа толку високи што чамецот почна да се полни со вода. А Исус спиеше. 25 Тогаш го разбудија и му рекоа: „Господару, спаси нѐ, ќе умреме!“ 26 А тој им рече: „Што сте се исплашиле толку? Каде ви е верата?“ Тогаш стана, им нареди на ветрот и на езерото да се смират, и настана потполна тишина. 27 А учениците беа восхитени и рекоа: „Каков човек е ова? Дури и ветрот и езерото го слушаат!“
28 Кога стигна на другата страна, во гадаренскиот крај, го пресретнаа двајца мажи обземени од демони, кои дојдоа откај гробиштата. Тие беа толку насилни што никој не се осмелуваше да помине по тој пат. 29 Па почнаа да викаат: „Што сакаш од нас, Сине Божји? Дојде ли ваму за да нѐ мачиш предвреме?“ 30 А недалеку од нив пасеше големо стадо свињи. 31 Тогаш демоните почнаа да го молат: „Ако нѐ истераш, испрати нѐ во стадото свињи“. 32 А тој им рече: „Одете!“ И тие излегоа од нив и влегоа во свињите. Тогаш целото стадо јурна преку стрмната карпа во езерото и се удави во водата. 33 А свињарите побегнаа и, кога стигнаа во градот, раскажаа за сѐ, па и за она што се случи со оние што беа обземени од демони. 34 И целиот град излезе за да го пресретне Исус. Кога го видоа, го молеа да си оди од нивниот крај.