Захарија
12 Објава:
„Ова е Јеховината порака за Израел“, вели Јехова,
кој ги оптегна небесата,
кој ги положи темелите на земјата
и му даде на човекот здив на животот.*
2 „Еве, ќе го направам Ерусалим чаша поради која сите околни народи ќе се опијанат и ќе почнат да се тетерават. И Јуда и Ерусалим ќе бидат под опсада. 3 Во тој ден ќе направам Ерусалим да биде тежок камен за сите народи. Сите што ќе се обидат да го подигнат, сериозно ќе се повредат. Сите народи на земјата ќе се соберат против него. 4 Во тој ден“, вели Јехова, „ќе направам сите коњи да се уплашат и нивните јавачи да ги обземе лудило. Будно ќе го чувам народот на Јуда, а сите коњи на другите народи ќе ги ослепам. 5 Племенските поглавари на Јуда ќе си речат во себе: ’Жителите на Ерусалим се наша сила бидејќи Јехова над војските е нивен Бог‘. 6 Во тој ден ќе направам племенските поглавари на Јуда да бидат како жар меѓу дрва и како запален факел во ожнеано жито. И ќе ги проголтаат сите околни народи лево и десно од нив, а жителите на Ерусалим повторно ќе се населат во својот град,* во Ерусалим.
7 Јехова најпрво ќе ги спаси шаторите на Јуда. Така убавината* на домот на Давид и убавината на жителите на Ерусалим нема да ја засени убавината на другите жители на Јуда. 8 Во тој ден, Јехова ќе ги штити жителите на Ерусалим. Во тој ден, оној што едвај стои на нозе* ќе биде силен како Давид, а домот на Давид ќе биде моќен како бог, како Јеховин ангел што ги води. 9 Во тој ден ќе ги истребам сите народи кои ќе го нападнат Ерусалим.
10 Ќе излеам врз домот на Давид и врз жителите на Ерусалим дух на милост и молитва. И ќе гледаат во оној кого го прободоа и ќе го оплакуваат како што би оплакувале син единец, горко ќе плачат за него како што би плачеле за првороден син. 11 Во тој ден, тагувањето во Ерусалим ќе биде големо, како што беше тагувањето во Хададримон, во рамницата кај Мегидо. 12 И земјата ќе тагува, секое семејство ќе тагува посебно: семејствата од домот на Давид посебно, и нивните жени посебно; семејствата од домот на Натан посебно, и нивните жени посебно; 13 семејствата од домот на Леви посебно, и нивните жени посебно; семејствата од домот на Симеј посебно, и нивните жени посебно; 14 и сите останати семејства, секое семејство посебно, и нивните жени посебно“.