Лука
24 На првиот ден од седмицата отидоа многу рано до гробот, носејќи ги мирисите што ги имаа приготвено.+ 2 Го најдоа каменот отркалан од влезот на гробот,+ 3 па влегоа, но не го најдоа телото на Господарот Исус.+ 4 И додека стоеја збунети од тоа, гледај, двајца мажи во блескава облека стоеја покрај нив.+ 5 Се уплашија и ги наведнаа лицата кон земјата, а тие им рекоа: „Зошто го барате живиот меѓу мртвите? 6 [Тој не е овде, туку воскресна.]*+ Сетете се како ви зборуваше додека уште беше во Галилеја:+ 7 дека Синот човечки мора да биде предаден во рацете на грешниците и да биде прикован на столб,* а на третиот ден да воскресне“.+ 8 Тогаш се сетија на неговите зборови.+ 9 Се вратија од гробот и им го јавија сето тоа на единаесеттемина и на сите останати.+ 10 Тоа беа Марија Магдалена, Јоана+ и Марија, мајката на Јаков. И останатите жени,+ кои беа со нив, им го раскажаа тоа на апостолите. 11 Но тие зборови ним им звучеа бесмислено, и не им веруваа.+
12 [Но Петар стана и отрча до гробот. Ѕирна внатре и ги виде само завоите. Потоа си замина, чудејќи се во себе за она што се случило.]*
13 И гледај, истиот тој ден двајца од нив патуваа до едно село по име Емаус, оддалечено околу шеесет стадии* од Ерусалим. 14 И разговараа меѓу себе за сѐ+ што се случи.
15 Додека така разговараа и расправаа, им пристапи самиот Исус+ и тргна со нив. 16 Но на нивните очи не им беше дадено да го препознаат.+ 17 Тој ги праша: „За што расправате додека одите по патот?“ А тие, со жалосни лица, застанаа. 18 Едниот од нив, по име Клеопа, му одговори: „Зарем си странец во Ерусалим и живееш одвоен од луѓето, па не знаеш што се случуваше во него овие денови?“ 19 А тој ги праша: „Што?“ Тие му одговорија: „Она со Исус Назареќанецот,+ кој беше пророк+ силен на дело и на збор пред Бог и пред целиот народ. 20 Нашите главни свештеници и народни поглавари го предадоа да биде осуден на смрт и го приковаа на столб.+ 21 А ние се надевавме дека тој е оној што ќе го избави Израел.+ Згора на тоа, ова е трет ден откако се случија овие работи. 22 А и некои жени,+ кои се со нас, нѐ зачудија, бидејќи утрото рано биле кај гробот, 23 но не го нашле неговото тело, па дојдоа и рекоа дека им се појавиле ангели, кои рекле дека тој е жив. 24 Тогаш некои од нашите отидоа до гробот+ и нашле сѐ онака како што рекоа жените, но него не го виделе“.
25 А тој им рече: „О, колку сте безумни и колку тешко верувате во сѐ што зборуваа пророците!+ 26 Зарем не требаше Христос* да го претрпи+ сето тоа и да влезе во својата слава?“+ 27 И почнувајќи од Мојсеј+ и од сите Пророци,+ им го протолкува она што е напишано за него во сите Писма.
28 Кога се приближија до селото во кое одеа, тој како да сакаше да продолжи понатаму. 29 Но тие го наговараа: „Остани со нас, зашто е близу вечерта, денот е при крај“. И влезе за да остане со нив. 30 Додека беше со нив на трпезата,* го зеде лебот и го благослови. Потоа го раскрши и им го подаваше.+ 31 Тогаш им се отворија очите и го препознаа, а тој исчезна од пред нив.+ 32 А тие си рекоа еден на друг: „Зарем не ни гореше срцето додека ни зборуваше по патот, додека ни ги толкуваше Писмата?“ 33 Истиот час станаа и се вратија во Ерусалим. И ги најдоа единаесеттемина и оние што беа собрани со нив 34 како зборуваат: „Господарот навистина воскреснал и му се појавил на Симон!“+ 35 Тогаш и тие раскажаа што се случи на патот и како го препознаа по кршењето на лебот.+
36 Додека уште зборуваа за тоа, Исус застана меѓу нив [и им рече: „Имајте мир!“]* 37 А тие, исплашени и полни со страв,+ помислија дека гледаат дух. 38 А тој им рече: „Зошто се исплашивте? Зошто се јавуваат сомнежи во вашите срца? 39 Погледнете ги моиве раце и моиве нозе! Тоа сум јас! Допрете ме+ и ќе видите, бидејќи духот нема месо и коски+ како што гледате дека имам јас“. 40 [И кога го рече тоа, им ги покажа рацете и нозете.]* 41 И додека тие од радост уште не веруваа,+ туку се чудеа, тој ги праша: „Имате ли овде нешто за јадење?“+ 42 Тие му подадоа парче печена риба+ 43 и тој ја зеде и ја изеде+ пред нивни очи.
44 Потоа им рече: „Тоа е она за кое ви зборував додека уште бев со вас,+ дека мора да се исполни сѐ што е напишано за мене во Мојсеевиот закон, во Пророците+ и во Псалмите“.+ 45 Тогаш им го отвори умот да ги разберат Писмата+ 46 и им рече: „Напишано е дека Христос ќе страда и на третиот ден ќе стане од мртвите+ 47 и дека во негово име ќе биде проповедано покајание за простување на гревовите+ меѓу сите народи+ — почнувајќи од Ерусалим,+ 48 а вие ќе бидете сведоци+ на тоа. 49 И, еве, ви го испраќам она што го вети мојот Татко. Затоа останете во градот додека не бидете облечени во сила одозгора“.+
50 И ги изведе до Витанија, па ги подигна рацете и ги благослови.+ 51 И додека ги благословуваше, се оддалечи од нив и почна да се вознесува на небото.+ 52 А тие му се поклонија и се вратија во Ерусалим со голема радост.+ 53 И постојано беа во храмот, благословувајќи го Бог.+