Јован
12 Шест дена пред Пасхата, Исус дојде во Витанија, каде што живееше Лазар, кого тој го воскресна од мртвите. 2 Таму му подготвија вечера. Марта послужуваше, а Лазар беше еден од оние што беа со него на масата. 3 Марија тогаш зеде едно шишенце* со многу скапо мирисливо масло, вистински нард.* Го излеа маслото врз нозете на Исус и му ги избриша со својата коса. И куќата се исполни со мирисот на маслото. 4 А Јуда Искариот, еден од неговите ученици, кој подоцна го предаде, рече: 5 „Зарем немаше да биде подобро ова мирисливо масло да се продаде за 300 денарии* и парите да им се дадат на сиромашните?“ 6 Но, тоа не го рече затоа што се грижеше за сиромашните, туку затоа што беше крадец. Кај него беше кутијата за пари и крадеше од парите што се ставаа во неа. 7 Тогаш Исус рече: „Оставете ја. Нека го направи тоа за да ме подготви за денот на мојот погреб. 8 Зашто, сиромашните секогаш ќе бидат меѓу вас, а јас нема да бидам секогаш тука со вас“.
9 Во меѓувреме, многу Евреи дознаа дека тој е таму, па дојдоа да го видат не само Исус туку и Лазар, кого тој го воскресна. 10 А главните свештеници се договорија да го убијат и Лазар, 11 бидејќи поради него многу Евреи одеа таму и поверуваа во Исус.
12 Утредента, мноштвото луѓе кои беа дојдени на празникот слушнаа дека Исус доаѓа во Ерусалим. 13 Затоа зедоа палмови гранки и излегоа да го пресретнат. И почнаа да викаат: „Спаси го, те молиме! Благословен е Царот на Израел, оној што доаѓа во името на Јехова!“ 14 А кога Исус најде магаре, седна на него, како што е напишано: 15 „Не плаши се, ќерко сионска! Гледај, твојот Цар доаѓа, седнат на прле“. 16 Неговите ученици отпрвин не го разбраа тоа, но кога Исус се прослави, се сетија дека она што го направија беше токму тоа што беше напишано за него.
17 А мноштвото луѓе, кои беа со него кога го повика Лазар од гробот и го воскресна, им раскажуваа на другите за она што го видоа. 18 Тоа е уште една причина зошто луѓето излегоа да го пресретнат, зашто слушнаа дека го направи тоа чудо. 19 А фарисеите си рекоа меѓу себе: „Гледате дека ништо не постигнуваме. Ене, целиот свет тргна по него!“
20 Меѓу оние што дојдоа на празникот за да му се поклонат на Бог имаше и некои Грци. 21 Тие му пријдоа на Филип, кој беше од галилејскиот град Витсаида, и го замолија: „Господине, сакаме да го видиме Исус“. 22 Филип отиде и му го кажа тоа на Андреј, а потоа Андреј и Филип отидоа и му го кажаа тоа на Исус.
23 А Исус им одговори: „Дојде време Синот човечки да биде прославен. 24 Вистина, вистина ви велам, ако пченичното зрно не падне на земја и не умре, останува само тоа едно зрно. Но, ако умре, донесува обилен род. 25 Кој го сака својот живот, ќе го изгуби,* а кој е спремен да го изгуби* својот живот во овој свет, ќе го зачува и ќе добие вечен живот. 26 Ако некој сака да ми служи, нека оди по мене. И каде што сум јас, таму ќе биде и мојот слуга. Ако некој ми служи, Таткото ќе му укаже чест. 27 Многу сум вознемирен. Што да кажам? Татко, спаси ме од она што ме чека.* Но, затоа и дојдов. 28 Татко, прослави го своето име!“ Тогаш се слушна глас од небото: „Го прославив и пак ќе го прославам!“
29 Некои од луѓето кои стоеја таму го слушнаа тоа и рекоа дека загрмело. А други рекоа: „Ангел му зборуваше“. 30 Исус тогаш рече: „Овој глас не беше заради мене, туку заради вас. 31 Сега му се суди на овој свет, и владетелот на овој свет ќе биде симнат од власта. 32 А кога јас ќе бидам подигнат од земјата,* ќе привлечам кај себе најразлични луѓе“. 33 Тоа го рече за да навести на каков начин ќе умре. 34 Тогаш народот му рече: „Законот вели дека Христос ќе живее засекогаш. Како, тогаш, ти велиш дека Синот човечки мора да биде подигнат? Кој е тој Син човечки?“ 35 Исус им одговори: „Светлината ќе биде меѓу вас уште кратко време. Одете во светлината додека сѐ уште ја имате, за да не ве надвие темнината. Кој оди во темнината, не знае каде оди. 36 Додека ја имате светлината, верувајте во светлината за да станете синови на светлината“.
Исус го рече тоа, па отиде и се скри од нив. 37 Иако пред нив направи толку чуда, тие не поверуваа во него, 38 па така се исполни она што го рече пророкот Исаија: „Јехова, кој поверува во она што го слушна од нас? Кому Јехова му ја откри својата моќна рака?“ 39 А не можеа да веруваат, зашто Исаија исто така рече: 40 „Им ги заслепил очите и им го стврднал срцето за да не гледаат со очите и да не разберат со срцето и да не се вратат кај мене за да ги излекувам“. 41 Исаија го кажа тоа за Христос затоа што ја виде неговата слава. 42 Сепак, дури и многу поглавари поверуваа во него, но поради фарисеите не го признаваа тоа, за да не бидат исклучени од синагогата. 43 Зашто, повеќе ја сакаа славата од луѓе отколку славата од Бог.
44 А Исус гласно рече: „Кој верува во мене, не верува само во мене туку и во оној што ме испрати. 45 И кој ме гледа мене, го гледа и оној што ме испрати. 46 Јас дојдов во светот како светлина, за никој што верува во мене да не остане во темнината. 47 Но ако некој ги слуша моите зборови, а не постапува според нив, јас не го осудувам. Зашто, јас не дојдов да го осудам светот, туку да го спасам. 48 Има кој да му суди на оној што ме отфрла мене и не го прифаќа она што го кажувам. Зборовите што ги кажав — тие ќе му судат во последниот ден. 49 Зашто, јас не зборував сам од себе, туку Таткото кој ме испрати ми заповеда што да кажам и што да поучувам. 50 И знам дека неговата заповед води до вечен живот. Затоа, она што го зборувам, го зборувам токму онака како што ми го кажа Таткото“.