3. Мојсеева
10 А Ароновите синови Надав и Авиуд+ ја зедоа секој својата кадилница,+ во нив ставија жар и врз него темјан,+ па почнаа да принесуваат пред Јехова недозволен оган,+ којшто тој не им го пропиша. 2 Тогаш излезе оган од Јехова и ги изгоре,+ така што загинаа пред Јехова.+ 3 А Мојсеј му рече на Арон: „Тоа е она што го кажа Јехова: ‚Меѓу оние што ми се близу+ ќе се посветам+ и пред лицето на целиот народ ќе се прославам‘ “.+ А Арон молчеше.
4 И Мојсеј ги викна Мисаил и Елисафан, синови на Ароновиот стрико Узиел,+ па им рече: „Пристапете и изнесете ги надвор од логорот своите браќа што се пред светото место“.+ 5 Тие пристапија и ги изнесоа во нивните долги кошули надвор од логорот, како што рече Мојсеј.
6 Потоа Мојсеј им рече на Арон, на Елеазар и на Итамар, другите негови синови: „Немојте да одите со разбушавена коса+ и немојте да ги раскинувате своите одежди за да не загинете и тој да не се разгневи на целата заедница.+ А вашите браќа, целиот Израелов дом, нека плачат поради огнот што го запали Јехова. 7 Не заминувајте од пред влезот во шаторот на средбата за да не загинете,+ зашто врз вас е Јеховиното масло за помазание“.+ И тие постапија според она што го кажа Мојсеј.
8 Тогаш Јехова му рече на Арон: 9 „Кога ќе влегувате во шаторот на средбата, немојте да пиете вино и опоен пијалак,+ ниту ти ниту твоите синови со тебе, за да не загинете. Тоа е трајна одредба за вашите поколенија, 10 за да можете да го разликувате она што е свето од она што не е свето и она што е нечисто од она што е чисто + 11 и за да ги учите синовите на Израел+ за сите уредби што им ги даде Јехова преку Мојсеј“.
12 Потоа Мојсеј им рече на Арон и на неговите преостанати синови Елеазар и Итамар: „Земете ја житната жртва+ што остана од жртвите палени за Јехова и јадете ја непотквасена покрај жртвеникот, зашто тоа е нешто најсвето.+ 13 Јадете ја на свето место,+ зашто тоа е делот што ви припаѓа тебе и на твоите синови од жртвите палени за Јехова; зашто, така ми е заповедано. 14 Градите што се принесуваат како нишана жртва+ и бутот што се принесува како посветен дел+ јадете ги на чисто место, ти и твоите синови и твоите ќерки со тебе,+ зашто тоа е делот што ти припаѓа тебе и на твоите синови од жртвите на заедништвото на Израеловите синови. 15 Нека се донесува бутот што се принесува како посветен дел и градите што се принесуваат како нишана жртва+ заедно со мрсните делови одредени за палени жртви, за да се принесе пред Јехова нишаната жртва. Тој дел нека ти припаѓа тебе+ и на твоите синови со тебе за навек, како што беше заповедал Јехова“.
16 А Мојсеј внимателно го бараше јарецот одреден за жртва за грев,+ но гледај, јарецот беше изгорен. Затоа им се налути на Елеазар и на Итамар, преостанатите синови на Арон, па рече: 17 „Зошто не ја јадевте жртвата за грев на свето место?+ Зашто, таа е нешто најсвето и тој ви ја даде за да одговарате за престапите на заедницата, за да го извршите за заедницата обредот на очистување пред Јехова.+ 18 А ете, крвта на жртвата не беше внесена во внатрешноста на светото место.+ Жртвата требаше да ја јадете на свето место, како што ми беше заповедано“.+ 19 Тогаш Арон му рече на Мојсеј: „Еве, денес ја принесоа својата жртва за грев и својата жртва паленица пред Јехова,+ по сето ова што ми се случи. А да ја јадев денес жртвата за грев, дали ќе беше Јехова задоволен со тоа?“+ 20 Кога го чу тоа, Мојсеј беше задоволен.