Судиите
14 И Самсон отиде во Темна.+ Во Темна виде една жена меѓу филистејските ќерки. 2 Кога се врати, им рече на татка си и на мајка си: „Видов една жена во Темна меѓу филистејските ќерки. Оженете ме со неа!“+ 3 А татко му и мајка му му рекоа: „Зар нема жена меѓу ќерките на твоите браќа и во сиот мој народ,+ па мораш да земеш жена од необрежаните Филистејци?“+ Но Самсон му рече на татка си: „Ожени ме со неа, зашто таа е жена за мене!“ 4 А татко му и мајка му не знаеја дека тоа е од Јехова+ и дека тој бара можност да влезе во судир со Филистејците, зашто во тоа време Филистејците владееја над Израел.+
5 Така Самсон отиде со татка си и мајка си во Темна.+ Кога дојде до лозјата на Темна, гледај, пред него излезе разрикан млад лав. 6 Тогаш Јеховиниот дух слезе врз него+ и тој со голи раце го растргна лавот како да растргнува јаре. Но, не им кажа на татка си и на мајка си што направи. 7 Потоа Самсон продолжи по патот и разговараше со таа жена. И тој сѐ уште сметаше дека таа е жената за него.+
8 По некое време тој се врати за да ја одведе дома.+ По патот наврати да го види мртвиот лав, и гледај, во мртвиот лав имаше рој пчели и мед.+ 9 И зеде од медот со рацете и, одејќи понатаму, го јадеше патем.+ Кога дојде пак кај татка си и мајка си, им даде и ним, па и тие јадеа. Но не им кажа дека медот го извади од мртвиот лав.
10 Потоа татко му отиде кај таа жена, и Самсон таму приреди гозба,+ зашто така правеа младите мажи. 11 Кога го видоа, луѓето избраа триесет свадбени придружници да бидат со него. 12 А Самсон им рече: „Ајде да ви кажам една загатка.+ Ако во текот на седумте дена+ на гозбата ми кажете за што станува збор и ако ми ја одгатнете, ќе ви дадам триесет долни и триесет горни облеки.+ 13 Но, ако не можете да ја одгатнете, тогаш вие мене ќе ми дадете триесет долни и триесет горни облеки“. Тогаш му рекоа: „Кажи ни ја загатката да ја чуеме“. 14 И тој им рече:
„Од оној што јаде+ излезе јадење,
и од силниот излезе слатко“.+
Три дена не можеа да ја одгатнат загатката. 15 А на четвртиот ден ѝ рекоа на Самсоновата жена: „Со измама извлечи го решението на загатката од својот маж,+ инаку ќе те изгориме и тебе и домот на твојот татко!+ Зар нѐ викнавте овде за да ни го земете имотот?“+ 16 Тогаш жена му на Самсон почна да плаче пред него+ и да вели: „Ти ме мразиш и не ме сакаш!+ Им зададе загатка на синовите на мојот народ,+ а мене не ми ја одгатнуваш“. Тогаш тој ѝ рече: „Гледај, ни на татко ми и мајка ми не им ја одгатнав,+ па зар тебе да ти ја одгатнам?“ 17 Но, таа плачеше пред него седум дена, колку што траеше нивната гозба. На седмиот ден конечно ѝ кажа, зашто навалуваше на него.+ А таа им ја одгатна загатката на синовите на својот народ.+ 18 На седмиот ден, пред да влезе во нејзината соба,+ луѓето од тој град му рекоа:
„Што е послатко од медот,
и што е посилно од лавот?“+
А тој им одговори:
„Да не оравте со мојата јуница,+
немаше да ја одгатнете загатката“.+
19 И Јеховиниот дух дојде врз него+ и тој отиде во Аскалон,+ уби триесет нивни луѓе, ја зеде облеката што ја соблече од нив и им ја даде на оние што ја одгатнаа загатката.+ Многу се разгневи и отиде во куќата на својот татко.
20 А жената на Самсон+ ја доби еден од неговите свадбени придружници.+