Езра
5 Пророкот Агеј и пророкот Захарија, внукот на Идо, почнаа да им пророкуваат на Евреите во Јуда и во Ерусалим во името на Богот на Израел.* 2 Тогаш Зоровавел — синот на Салатиел — и Исус — синот на Јоседек — почнаа повторно да го градат Божјиот дом во Ерусалим. А Божјите пророци беа со нив и ги храбреа. 3 Во тоа време, кај нив дојдоа Татанај, кој служеше како управител на областа западно од реката Еуфрат,* како и Сетар-Воснај и нивните соработници, па им рекоа: „Кој ви даде наредба да го градите овој дом и да работите на него?“ 4 А потоа ги прашаа: „Како се викаат луѓето што градат?“ 5 Но, Бог ги штитеше* еврејските старешини, и затоа не беа спречени во работата сѐ додека не беше испратен извештај до Дариј и додека не стигна писмен одговор за тоа.
6 Ова е препис на писмото што Татанај, управител на областа западно од реката Еуфрат,* како и Сетар-Воснај и неговите соработници, кои служеа како нижи управители во областа западно од реката Еуфрат,* му го испратија на цар Дариј. 7 Тие му пратија извештај во кој го напишаа следново:
„До цар Дариј:
Ви посакуваме мир! 8 Сакаме да Ве известиме, царе, дека отидовме во покраината Јуда, каде што се гради домот на великиот Бог. Тој дом се ѕида со големи камења и во ѕидовите се поставуваат греди. Луѓето напорно работат и градењето добро напредува. 9 Ги прашавме нивните старешини: ’Кој ви даде наредба да го градите овој дом и да работите на него?‘ 10 А ги прашавме и како се викаат за да ги запишеме нивните имиња и да Ве известиме кои се луѓето што предводат.
11 Тие ни одговорија: ’Ние сме слуги на Богот на небото и на земјата, и го обновуваме овој дом кој пред многу години го изгради еден голем цар на Израел. 12 Но, нашите предци* го разгневија небесниот Бог и затоа тој ги предаде во рацете на вавилонскиот цар Навуходоносор, Халдеецот, кој го разурна овој дом и го одведе народот во изгнанство во Вавилон. 13 Меѓутоа, во првата година од своето владеење над Вавилон, цар Кир издаде наредба повторно да се изгради Божјиот дом. 14 Освен тоа, тој ги извади од храмот во Вавилон златните и сребрените садови кои Навуходоносор ги стави таму откако ги зеде од Божјиот храм во Ерусалим. Тие му беа предадени на човекот по име Сасавасар,* кого Кир го постави за управител. 15 Кир му рече: „Земи ги овие садови, па појди и врати ги во храмот во Ерусалим, во Божјиот дом, кој треба да биде изграден на местото каде што беше порано“. 16 Така Сасавасар дојде и ги положи темелите на Божјиот дом во Ерусалим, кој се гради оттогаш до денес, но сѐ уште не е довршен‘.
17 Затоа, ако му е по волја на царот, нека се проверат записите во царската ризница* во Вавилон за да се утврди дали цар Кир навистина издал наредба повторно да се изгради Божјиот дом во Ерусалим. Потоа царот нека ни ја испрати својата одлука во врска со ова“.