Езра
6 Тогаш цар Дариј издаде наредба да се пребара во архивата во Вавилон каде што се чуваа вредни работи. 2 На крај, беше пронајден еден свиток во тврдината во Екбатана, во покраината Медија, во кој стоеше следнава одлука:
3 „Во првата година од своето владеење, цар Кир ја издал следнава наредба во врска со Божјиот дом во Ерусалим: ’Евреите нека го изградат тој дом, каде што ќе принесуваат жртви, и нека ги утврдат неговите темели. Домот треба да биде висок 60 лакти* и широк 60 лакти. 4 Ѕидовите треба да бидат направени од три реда големи камења и еден ред греди. Трошоците нека бидат подмирени од царската ризница. 5 Исто така, златните и сребрените садови кои Навуходоносор ги зеде од храмот во Ерусалим и ги донесе во Вавилон нека бидат вратени во храмот во Ерусалим и нека бидат ставени на своето место во Божјиот дом‘.
6 Затоа ти, управителе Татанај, кој служиш во областа западно од реката Еуфрат,* и ти, Сетар-Воснај, како и вие, негови соработници, кои служите како нижи управители во областа западно од реката Еуфрат,* тргнете се од таму! 7 Не попречувајте ја работата на Божјиот дом! Еврејскиот управител и еврејските старешини ќе го изградат тој дом на истото место каде што бил порано. 8 Освен тоа, ви заповедам да им помагате на еврејските старешини во изградбата на Божјиот дом така што без одлагање ќе им ги подмирувате трошоците за да нема никаков застој во работата. Плаќајте им со парите од царската ризница кои се собираат како данок во областа западно од реката Еуфрат.* 9 И секој ден, без исклучок, нека им се дава сѐ што им е потребно — јунци, овни и јагниња за жртви паленици на небесниот Бог, пченица, сол, вино и масло — како што ќе кажат свештениците во Ерусалим, 10 за да можат без престан да принесуваат жртви кои му се угодни на небесниот Бог и да се молат за царот и за неговите синови.* 11 Освен тоа, го заповедам следново: секој што ќе ја прекрши оваа наредба да биде прикован на греда која ќе се извади од неговата куќа, а куќата да биде претворена во јавен нужник.* 12 Бог, кој избра неговото име да се слави* таму, нека го порази секој цар и секој народ што ќе се осмели да ја прекрши оваа наредба и да го уништи неговиот дом во Ерусалим. Јас, Дариј, ја издавам оваа заповед. Стапува на сила веднаш!“
13 Тогаш Татанај, управител на областа западно од реката Еуфрат,* како и Сетар-Воснај и неговите соработници, веднаш направија сѐ што им заповеда цар Дариј. 14 А еврејските старешини продолжија да градат, и работата напредуваше. Тие беа охрабрени од пророкувањето на Агеј и на Захарија, внукот на Идо. Така ја довршија изградбата на домот според заповедта што им ја даде Богот на Израел и според заповедта на Кир, на Дариј и на персискиот цар Артаксеркс.* 15 Божјиот дом беше довршен на третиот ден од месецот адар, во шестата година од владеењето на цар Дариј.
16 Тогаш Израелците — свештениците, левитите и сите други што се вратија од изгнанство — радосно го прославија отворањето* на Божјиот дом. 17 По повод свеченото отворање на овој дом принесоа 100 јунци, 200 овни и 400 јагниња. Принесоа и 12 јарци како жртва за грев за целиот израелски народ, според бројот на племињата на Израел. 18 И ги поставија свештениците според нивните групи и левитите според нивните групи за да му служат на Бог во Ерусалим, како што е пропишано во книгата на Мојсеј.
19 Оние што се вратија од изгнанство ја прославија Пасхата на 14-тиот ден од првиот месец. 20 Свештениците и левитите се очистија сите до еден, па така сите беа чисти. Тие ja принесоа* пасхалната жртва за сите што се вратија од изгнанство, за другите свештеници и за себе. 21 Потоа Израелците кои се вратија од изгнанство јадеа од неа заедно со сите кои им се придружија и кои престанаа да ги држат нечистите обичаи на другите народи* за да го обожаваат* Јехова, Богот на Израел. 22 Исто така, седум дена со весели срца го славеа Празникот на бесквасните лебови, бидејќи Јехова ги исполни со радост и се погрижи да ја стекнат милоста на асирскиот цар,* така што царот ги поддржуваше* во изградбата на домот на вистинскиот Бог, Богот на Израел.