3. Мојсеева
18 Јехова понатаму му рече на Мојсеј: 2 „Кажи им на синовите на Израел и речи им: ‚Јас сум Јехова, вашиот Бог.+ 3 Немојте да го правите она што се прави во египетската земја, во која живеевте;+ немојте да го правите ни она што се прави во ханаанската земја, во којашто ве водам.+ Не живејте* по нивните одредби. 4 Постапувајте според моите закони,+ држете ги моите одредби+ и живејте* по нив.+ Јас сум Јехова, вашиот Бог. 5 Држете ги моите одредби и моите закони, зашто оној што ги држи, ќе има живот преку нив.+ Јас сум Јехова.+
6 Никој од вас да не му се приближува на својот близок крвен роднина за да ја открие неговата голотија.+ Јас сум Јехова. 7 Не откривај ја голотијата на татка си+ ниту голотијата на мајка си. Таа ти е мајка. Не откривај ја нејзината голотија.
8 Не откривај ја голотијата на жената на татко ти.+ Тоа е голотија на татко ти.
9 Не откривај ја голотијата на сестра си, ќерката на татко ти или ќерката на мајка ти, било да е родена во истата куќа било надвор од неа.+
10 Не откривај ја голотијата на ќерката на твојот син ниту на ќерката на твојата ќерка, зашто тие се твоја голотија.
11 Не откривај ја голотијата на ќерката на жената на татко ти, која е потомок на татко ти, зашто ти е сестра.
12 Не откривај ја голотијата на сестрата на татко ти. Таа е во крвно сродство со твојот татко.+
13 Не откривај ја голотијата на сестрата на мајка ти, зашто е во крвно сродство со мајка ти.
14 Не откривај ја голотијата на братот на татко ти. Немој да се доближуваш до неговата жена. Таа ти е стрина.+
15 Не откривај ја голотијата на својата снаа.+ Таа е жена на твојот син. Не откривај ја нејзината голотија.
16 Не откривај ја голотијата на жената на својот брат.+ Тоа е голотија на твојот брат.
17 Не откривај ја голотијата на жена и на нејзината ќерка.+ Немој да ја земеш ќерката на нејзиниот син ниту ќерката на нејзината ќерка за да ја откриеш нејзината голотија. Тие се во крвно сродство. Тоа би било бесрамно.+
18 Додека е жива жена ти, немој да ја земеш покрај неа и нејзината сестра за да ѝ биде соперничка,+ и така да ја откриеш нејзината голотија.
19 Не доближувај се до жена за да ја откриеш нејзината голотија додека е нечиста поради својот месечен ред.+
20 Немој да имаш полови односи со жената* на својот ближен за да не станеш нечист со тоа.+
21 Не давај го своето дете за да му биде предадено*+ на Молох.+ Не осквернувај+ го на тој начин името на својот Бог. Јас сум Јехова.+
22 Не легнувај со машко+ како што легнуваш со жена.+ Тоа би било одвратно.
23 Немој да имаш полови односи со животно*+ за да не станеш нечист со тоа. Жена не смее да застане пред животно за да има полов однос со него.+ Тоа би било противприродно.
24 Немојте да се извалкате со ништо такво, зашто со сето тоа се валкаа народите што јас ги гонам од пред вас.+ 25 Затоа земјата е нечиста, па ќе ја казнам за нејзините престапи, и земјата ќе ги изблуе своите жители.+ 26 А вие држете ги моите одредби и моите закони+ и не правете ниту една од тие гнасотии; нека не ги прави ниту родениот Израелец ниту дојденецот што живее меѓу вас,+ 27 зашто сите тие гнасотии ги прават луѓето што дојдоа во таа земја пред вас,+ и земјата стана нечиста. 28 Ако ги држите, нема да ја извалкате земјата и таа нема да ве изблуе, како што ќе ги изблуе народите што дојдоа таму пред вас.+ 29 Ако некој направи која и да било од сите тие гнасотии, оние* што ќе направат такво нешто ќе бидат погубени и така ќе бидат отстранети од својот народ.+ 30 Извршувајте ги своите должности кон мене и немојте да прифаќате ниту еден од одвратните обичаи што се правеа пред вас+ за да не станете нечисти со нив. Јас сум Јехова, вашиот Бог‘ “.