Јона
1 Јехова му се обрати на Јона,* синот на Аматиј, со следниве зборови: 2 „Оди во Ниневија, големиот град, и објави им осуда на неговите жители, бидејќи видов колку е голема нивната злоба“.
3 Но, Јона одлучи да побегне од Јехова и да оди во Тарсис. Затоа појде во Јопа и таму најде брод кој пловеше за Тарсис. Откако плати за патот, се качи на бродот за да отпатува далеку од Јехова.
4 Тогаш Јехова пушти силен ветар на морето, па настана толку страшна бура што изгледаше дека бродот ќе се разбие. 5 Морнарите многу се исплашија и секој почна да го повикува својот бог за помош. И почнаа да ги фрлаат во морето работите што беа на бродот, за бродот да биде полесен. А Јона лежеше под палубата и цврсто спиеше. 6 Капетанот на бродот слезе кај него и му рече: „Како можеш да спиеш!? Стани и повикувај го твојот бог! Можеби вистинскиот Бог ќе се сожали на нас, па нема да изгинеме“.
7 Тогаш морнарите си рекоа еден на друг: „Ајде да фрлиме ждрепка за да видиме кој е виновен што нѐ снајде оваа неволја“. Така фрлија ждрепка, и ждрепката падна на Јона. 8 Тогаш го прашаа: „Кажи ни, те молиме, ти ли си виновен за оваа неволја? Со што се занимаваш и од каде доаѓаш? Од која земја си и од кој народ?“
9 А тој одговори: „Јас сум Евреин и го обожавам* Јехова, Богот на небесата, кој ги создаде морето и копното“.
10 Тогаш тие уште повеќе се исплашија и му рекоа: „Зошто си направил такво нешто!?“ (Всушност, дознаа дека бега од Јехова, бидејќи Јона самиот им го кажа тоа.) 11 А бурата стануваше сѐ посилна, па затоа го прашаа: „Што да правиме со тебе за морето да се смири?“ 12 Тој им рече: „Фрлете ме во морето, и тоа ќе се смири. Знам дека јас сум виновен што ве зафати оваа страшна бура“. 13 Морнарите продолжија силно да веслаат за да го вратат бродот до копното, но не можеа бидејќи бурата беснееше сѐ повеќе.
14 Тогаш повикаа кон Јехова: „О Јехова, те молиме, не дозволувај да изгинеме поради овој човек! И немој да нѐ сметаш за виновни за смртта на невин човек,* бидејќи сето ова е според твојата волја, Јехова!“ 15 Потоа го фрлија Јона во морето, и морето се смири. 16 Тогаш морнарите ги обзеде голема стравопочит кон Јехова, па му принесоа жртва на Јехова и му се заветуваа.
17 А Јехова испрати една голема риба да го голтне Јона, и така Јона остана во утробата на рибата три дена и три ноќи.