Јона
3 Потоа Јехова по вторпат му се обрати на Јона, велејќи: 2 „Оди во Ниневија, големиот град, и објави им го на неговите жители она што ти го кажувам“.
3 Јона го послуша Јехова и отиде во Ниневија. А Ниневија беше многу голем град* — беа потребни три дена за да се изоди. 4 Јона влезе во градот и цел ден одеше, објавувајќи:* „За само 40 дена, Ниневија ќе биде уништена!“
5 А жителите на Ниневија му поверуваа на Бог, па објавија пост и сите до еден се облекоа во облека за жалење,* од најголемиот до најмалиот. 6 Кога пораката стигна до царот на Ниневија, тој стана од својот престол, па ја соблече својата царска облека, се наметна со облека за жалење и седна во пепел. 7 Освен тоа, тој заповеда низ цела Ниневија да се објави следниов проглас:
„Одредба на царот и на неговите достоинственици: Ни луѓето ни животните, ни крупниот ни ситниот добиток, не смеат да јадат ништо! Не смеат да јадат никаква храна, а не смеат да пијат ни вода! 8 Нека бидат покриени со облека за жалење и луѓето и животните. Нека му се молат сесрдно на Бог и нека престанат да прават зло и да постапуваат насилно! 9 Кој знае, можеби вистинскиот Бог ќе ја смени својата одлука* во врска со она што го наумил и ќе престане да се гневи на нас, па нема да изгинеме“.
10 Кога вистинскиот Бог виде што направија — дека престанаа да прават зло — ја смени својата одлука* и не им ја нанесе неволјата што рече дека ќе им ја нанесе.