Лука
24 На првиот ден од седмицата, жените многу рано дојдоа до гробот и ги донесоа мирисливите билки што ги имаа подготвено. 2 И видоа дека каменот е отркалан од влезот на гробницата, 3 па влегоа внатре, но не го најдоа телото на Господарот Исус. 4 Додека се чудеа што се случило, покрај нив застанаа двајца мажи во блескава облека. 5 Жените се уплашија и не се осмелија да го кренат погледот, а тие им рекоа: „Зошто го барате живиот меѓу мртвите? 6 Тој не е овде, туку воскресна. Сетете се што ви кажа додека уште беше во Галилеја: 7 дека Синот човечки мора да биде предаден на грешниците и да биде прикован на столб, а на третиот ден да воскресне“. 8 Тогаш се сетија на неговите зборови. 9 Си заминаа откај гробот и им го раскажаа сето тоа на 11-те апостоли и на сите останати ученици. 10 Тие жени беа Марија Магдалена, Јоана и Марија, мајката на Јаков. А и другите жени кои беа со нив им го раскажаа тоа на апостолите. 11 Но тие не им веруваа, бидејќи нивните зборови им звучеа бесмислено.
12 А Петар стана и отрча до гробот. Кога ѕирна внатре, го виде само лененото платно. Потоа си замина, чудејќи се што се случило.
13 Истиот тој ден, двајца ученици патуваа до едно село по име Емаус, оддалечено околу 11 километри* од Ерусалим. 14 И по патот си разговараа за сѐ што се случи.
15 Додека така разговараа, им пријде самиот Исус и тргна со нив, 16 но тие не можеа да го препознаат. 17 Тој ги праша: „За што разговаравте по патот?“ Тие застанаа, а лицата им беа тажни. 18 Едниот од нив, по име Клеопа, му одговори: „Зарем си странец во Ерусалим и немаш контакт со никого, па не знаеш* што се случи таму овие денови?“ 19 А тој ги праша: „Што тоа?“ Тие му одговорија: „Тоа што се случи со Исус Назареќанецот, кој со своите дела и зборови покажа пред Бог и пред луѓето дека е моќен пророк. 20 Нашите главни свештеници и поглавари го предадоа да биде осуден на смрт и го приковаа на столб. 21 А ние се надевавме дека тој е оној што ќе го спаси Израел. Згора на тоа, ова е трет ден откако се случија овие работи. 22 А нѐ зачуди и она што го кажаа некои жени кои се исто така негови ученици. Тие рано наутро биле кај гробот, 23 но не го нашле неговото тело, па дојдоа и рекоа дека им се појавиле ангели кои рекле дека тој е жив. 24 Тогаш некои од оние што беа со нас отидоа до гробот и го најдоа празен, токму како што рекоа жените, но него не го видоа“.
25 А тој им рече: „Колку сте неразумни и колку ви е тешко да верувате во сето она што го зборуваа пророците! 26 Зарем не требаше Христос да го претрпи сето тоа и да ја добие својата слава?“ 27 И, почнувајќи од Мојсеј и од сите Пророци, им го протолкува она што е напишано за него во Писмата.
28 Кога се приближија до селото во кое одеа, тој како да сакаше да продолжи понатаму. 29 Но тие го наговараа: „Остани со нас, зашто веќе е доцна и уште малку ќе се стемни“. Тогаш тој влезе во куќата и остана со нив. 30 Додека беше со нив на масата, го зеде лебот и се помоли.* Потоа го раскрши и почна да им го подава. 31 Тогаш им се отворија очите и го препознаа, но тој исчезна од пред нив. 32 А тие си рекоа еден на друг: „Зарем не ни гореше срцето додека ни зборуваше по патот, додека ни ги објаснуваше Писмата?“ 33 И веднаш станаа и се вратија во Ерусалим. И ги најдоа собрани 11-те апостоли и други ученици 34 како зборуваат: „Господарот навистина воскреснал и му се појавил на Симон!“ 35 Тогаш и тие двајца раскажаа што се случи по патот и дека го препознаа по тоа како го кршеше лебот.
36 Додека уште зборуваа за тоа, Исус се појави меѓу нив и им рече: „Имајте мир!“ 37 А тие се запрепастија и се исплашија, зашто помислија дека гледаат дух. 38 А тој им рече: „Зошто се исплашивте? Зошто се јавуваат сомнежи во вашите срца? 39 Погледнете ми ги рацете и нозете! Јас сум! Допрете ме и ќе видите, бидејќи духот нема месо и коски, а како што гледате, јас имам“. 40 Кога го рече тоа, им ги покажа рацете и нозете. 41 Но, бидејќи беа избезумени и срцата им се прелеваа од радост, сѐ уште не можеа да поверуваат, па тој ги праша: „Имате ли нешто за јадење?“ 42 Тие му дадоа парче печена риба, 43 а тој ја зеде и ја изеде пред нивни очи.
44 Потоа им рече: „Уште додека бев со вас, ви кажував дека мора да се исполни сѐ што е напишано за мене во Законот на Мојсеј, во Пророците и во Псалмите“. 45 Тогаш им помогна* потполно да го разберат Писмото 46 и им рече: „Напишано е дека Христос ќе страда и на третиот ден ќе стане од мртвите 47 и дека во негово име на сите народи, почнувајќи од Ерусалим, ќе им се проповеда дека треба да се покаат за да им бидат простени гревовите. 48 Вие ќе сведочите за тоа. 49 И ќе ви го испратам она што го вети мојот Татко. Затоа, останете во градот додека не добиете сила одозгора“.
50 Потоа ги одведе до Витанија, па ги подигна рацете и ги благослови. 51 И додека ги благословуваше, се оддалечи од нив и беше вознесен на небото. 52 А тие му се поклонија, па пресреќни се вратија во Ерусалим. 53 И постојано беа во храмот и го фалеа Бог.