3. Мојсеева
12 Јехова понатаму му рече на Мојсеј: 2 „Кажи им на синовите на Израел и речи им: ‚Кога ќе забремени жена+ и ќе роди машко дете, нека биде нечиста седум дена. Нека биде нечиста како што е нечиста во деновите додека трае месечниот ред.+ 3 Во осмиот ден, детето нека биде обрежано.+ 4 А таа нека остане дома уште триесет и три дена за да се очисти од својата крв. Не смее да допира ништо свето, ниту да доаѓа на светото место додека не поминат деновите на нејзиното чистење.+
5 Ако роди женско дете, нека биде нечиста четиринаесет дена, како кога го има месечниот ред. Нека остане дома уште шеесет и шест дена за да се очисти од својата крв. 6 А штом ќе поминат деновите на нејзиното чистење — било за син било за ќерка — нека му донесе на свештеникот на влезот во шаторот на средбата машко јагне старо до една година како жртва паленица,+ и млад гулаб или грлица+ како жртва за грев. 7 Тој нека го принесе тоа пред Јехова и нека го изврши за неа обредот на очистување, и така ќе биде чист изворот на нејзината крв.+ Тоа е законот за жената кога ќе роди било машко било женско дете. 8 Но, ако нема пари за да набави едно грло ситна стока, тогаш нека земе две грлици или два млади гулаба,+ едното како жртва паленица, а другото како жртва за грев, па свештеникот нека го изврши за неа обредот на очистување,+ и ќе биде чиста‘ “.