Јован
2 По два дена имаше свадба во галилејскиот град Кана. Таму беше и мајка му на Исус. 2 А на свадбата беа поканети и Исус и неговите ученици.
3 Кога почна да снемува вино, мајка му му рече на Исус: „Немаат вино“. 4 Исус ѝ одговори: „Што имаме ние со тоа, жено?* Моето време уште не дошло“. 5 Тогаш мајка му им рече на оние што послужуваа: „Направете сѐ што ќе ви каже“. 6 А таму имаше шест камени ќупови за вода од по две до три мери,* кои Евреите ги користеа за обредно миење. 7 Исус им рече: „Наполнете ги ќуповите со вода“. И ги наполнија до врвот. 8 Потоа им рече: „Сега нацрпете и однесете му на оној што е одговорен за свадбата“. И му однесоа. 9 А тој ја проба водата претворена во вино, без да знае од каде е (но оние што послужуваа и што нацрпија од водата знаеја). Тогаш го повика младоженецот 10 и му рече: „Сите најпрво го изнесуваат доброто вино, а кога луѓето ќе се опијат, полошото. А ти си го чувал доброто вино сѐ досега“. 11 Така Исус го направи своето прво чудо во галилејскиот град Кана и ја покажа својата моќ. И неговите ученици поверуваа во него.
12 Потоа, тој отиде во Капернаум со својата мајка, своите браќа и со учениците, но таму останаа само неколку дена.
13 Се приближуваше еврејската Пасха и Исус отиде во Ерусалим. 14 Во храмот ги затече оние што продаваа говеда, овци и гулаби, како и менувачите на пари кои седеа таму. 15 Тогаш направи камшик од јажиња, па ги истера од храмот сите нив заедно со овците и говедата, и им ги истури парите на менувачите на пари и им ги испреврте масите. 16 И им рече на оние што продаваа гулаби: „Носете го тоа одовде! Не правете од домот на мојот Татко трговска куќа!“ 17 А неговите ученици се сетија на она што е напишано: „Ревноста за твојот дом ќе ме изеде“.
18 Затоа Евреите му рекоа: „Покажи ни некаков знак дека имаш право да го правиш тоа“. 19 Исус им одговори: „Урнете го овој храм и јас за три дена ќе го подигнам“. 20 А Евреите рекоа: „Овој храм се градел 46 години, а ти ќе го подигнеш за три дена?“ 21 Но храмот за кој зборуваше беше неговото тело. 22 Кога стана од мртвите, неговите ученици се сетија дека го зборуваше тоа, и поверуваа во она што стои во Писмата и во неговите зборови.
23 А кога на празникот Пасха беше во Ерусалим, многу луѓе поверуваа во неговото име кога ги видоа чудата што ги правеше. 24 Но Исус немаше доверба во нив затоа што ги познаваше сите, 25 и никој не требаше ништо да му кажува за луѓето, зашто тој знаеше што има човекот во срцето.