Јован
15 Јас сум вистинската лоза, а мојот Татко е лозарот. 2 Тој ја отстранува секоја прачка на мене што не дава плод, а секоја што дава плод ја чисти за да даде уште повеќе плод. 3 Вие сте веќе чисти поради она што ви го зборував. 4 Останете во единство со мене, и јас ќе останам во единство со вас. Како што прачката не може да даде плод сама од себе ако не остане на лозата, така не можете ни вие ако не останете во единство со мене. 5 Јас сум лозата, а вие сте прачките. Кој останува во единство со мене и јас во единство со него, тој дава многу плод, бидејќи одвоени од мене не можете да направите ништо. 6 Ако некој не остане во единство со мене, ќе биде како отсечена прачка која се суши. Таквите прачки се собираат и се фрлаат во оган за да изгорат. 7 Ако останете во единство со мене и ако моите зборови останат во вашето срце, побарајте што и да сакате, и ќе го добиете тоа. 8 Кога давате многу плод и покажувате дека сте мои ученици, му носите слава на мојот Татко. 9 Како што Таткото ме сака мене така и јас ве сакам вас. Останете во мојата љубов! 10 Ако се држите за моите заповеди, секогаш ќе ве сакам, како што јас се држам за заповедите на Таткото и тој секогаш ме сака.
11 Ова ви го зборувам за да можете во потполност да ја почувствувате радоста што ја чувствувам јас. 12 Ова е мојата заповед: сакајте се еден со друг како што јас ве сакав вас. 13 Нема поголема љубов од тоа некој да го даде својот живот за своите пријатели. 14 Ако го правите она што ви го заповедам, ќе бидете мои пријатели. 15 Повеќе не ве нарекувам робови, бидејќи робот не знае што прави неговиот господар. Ве нарекувам пријатели, бидејќи ви кажав сѐ што слушнав од мојот Татко. 16 Вие не ме избравте мене, туку јас ве избрав вас за да давате плод, плод кој ќе трае. Тогаш што и да побарате од Таткото во мое име, тој ќе ви даде.
17 Ова ви го заповедам: сакајте се еден со друг! 18 Ако светот ве мрази, знајте дека мене ме мразеше пред вас. 19 Да бевте дел од светот, светот ќе ве сакаше зашто ќе бевте негови. Но, бидејќи не сте дел од светот, туку јас ве избрав од светот, затоа светот ве мрази. 20 Имајте ги на ум зборовите што ви ги кажав: ’Робот не е поголем од својот господар‘. Ако ме прогонуваа мене, ќе ве прогонуваат и вас; ако се држеа за моите зборови, ќе се држат и за вашите. 21 Но сето тоа ќе ви го прават поради моето име, бидејќи не го познаваат оној што ме испрати. 22 Да не дојдев и да не им зборував, немаше да бидат виновни за грев. Но сега немаат изговор за својот грев. 23 Кој ме мрази мене, го мрази и мојот Татко. 24 Да не ги направев пред нив делата што никој друг не ги направил, немаше да бидат виновни за грев. Но тие ме видоа, а сепак нѐ замразија и мене и мојот Татко. 25 Но тоа се случи за да се исполнат зборовите напишани во нивниот Закон: ’Ме мразеа без причина‘. 26 Ќе ви испратам помошник, кој Таткото ќе го даде — духот на вистината. Тој дух, кој доаѓа од Таткото, ќе сведочи за мене, 27 а и вие ќе сведочите, бидејќи од почетокот бевте со мене.