Неемија
4 Штом Санавалат слушна дека го обновуваме ѕидот, многу се вознемири и се разгневи, и почна да ги исмејува Евреите. 2 Пред своите браќа и пред самариската војска, тој рече: „Што прават тие бедни Евреи? Зар мислат дека можат сами да успеат? Ќе принесуваат ли жртви? Ќе завршат ли сѐ за еден ден? Зар ќе ги оживеат јагленосаните камења од тој куп урнатини?“
3 А Амонецот Товиј, кој стоеше покрај него, рече: „И лисица да се искачи на камениот ѕид што го градат, ќе го урне“.
4 Чуј, Боже наш, како се подбиваат со нас, и сврти го нивното потсмевање против нив самите!* Предај ги на непријателите и нека станат заробеници во туѓа земја. 5 Немој да ги затвораш очите пред нивниот престап и немој да го избришеш нивниот грев бидејќи ги навредуваат оние што го градат ѕидот.
6 Така продолживме да градиме, и целиот ѕид беше завршен до половина од неговата висина. А народот и понатаму работеше со сето срце.
7 Штом слушнаа дека работата на ерусалимскиот ѕид напредува и дека се поправаат урнатите места, Санавалат, Товиј, Арапите, Амонците и жителите на Азот многу се разгневија. 8 Тие сковаа заговор да дојдат и да се борат против Ерусалим, и да создадат метеж во градот. 9 Но, ние му се молевме на нашиот Бог и поставувавме стража дење и ноќе за да се одбраниме од нив.
10 Сепак, луѓето од Јуда велеа: „Има многу урнатини, а работниците* веќе ги издава силата. Никогаш нема да го довршиме ѕидот!“
11 А нашите непријатели велеа: „Пред да нѐ видат и да сфатат што се случува, ќе влеземе кај нив, ќе ги испоубиеме и ќе ја запреме работата!“
12 Освен тоа, кога кај нас доаѓаа Евреи што живееја во нивна близина, секогаш одново* ни велеа: „Ќе нѐ нападнат од сите страни!“
13 Затоа, поставив луѓе на најниските места зад ѕидот, места кои беа изложени на напад. Ги поставив според нивните семејства, со мечеви, копја и лакови. 14 Но, кога видов дека се уплашени, веднаш станав и им реков на достоинствениците, на намесниците и на останатиот народ: „Не плашете се од нив! Мислете на Јехова, величествениот Бог кој влева стравопочит. Борете се за своите браќа, за своите синови и ќерки, за своите жени и за своите домови!“
15 Нашите непријатели слушнаа дека дознавме што сакаат да направат и сфатија дека вистинскиот Бог ја осуети нивната намера. Така продолживме да го градиме ѕидот. 16 Од тој ден, половина од луѓето работеа, а половина беа опремени со копја, штитови, лакови и оклопи. Кнезовите ги поддржуваа* сите луѓе од домот на Јуда 17 кои го градеа ѕидот. Оние што носеа товар работеа со едната рака додека во другата држеа оружје.* 18 Всушност, сите што градеа имаа опашано мечеви на колковите. А оној што требаше да дувне во рогот во случај на опасност стоеше покрај мене.
19 Тогаш им реков на достоинствениците, на намесниците и на останатиот народ: „Работата е обемна, а ние сме распрснати по ѕидот, далеку еден од друг. 20 Затоа, кога ќе го чуете звукот на рогот, соберете се кај нас. Нашиот Бог ќе се бори за нас“.
21 Така, додека половина од нас работеа, другата половина држеа копја, од рани зори па сѐ додека не се појавеа ѕвездите. 22 Тогаш му реков на народот: „Секој нека остане преку ноќ во Ерусалим заедно со својот слуга. Дење нека работат, а ноќе наизменично нека чуваат стража“. 23 А јас, моите браќа, моите слуги и стражарите кои ме придружуваа не се ни пресоблекувавме, и секој од нас држеше оружје во десната рака.