Малахија
1 Објава:
Ова се зборовите што Јехова му ги упати на Израел преку Малахија:*
2 „Ви покажав дека ве сакам“, вели Јехова.
Но, вие велите: „Како ни покажа дека нѐ сакаш?“
„Зар Исав не му беше брат на Јаков?“, вели Јехова. „Сепак, Јаков го сакав, 3 а Исав го мразев, и затоа ги опустошив неговите планини, а неговото наследство им го оставив на пустинските шакали.
4 Иако Едом* вели: ’Опустошени сме, но ќе се вратиме и ќе ги обновиме урнатините‘, вака вели Јехова над војските: ’Тие ќе градат, а јас ќе уривам. Ќе бидат наречени „земја на злото“ и „народ кого Јехова го осуди засекогаш“. 5 Ќе го видите тоа со свои очи и ќе речете: „Нека се велича Јехова во земјата Израел!“
6 Синот го почитува таткото, а слугата својот господар. Тогаш, ако сум јас татко, зошто не ме почитувате? И ако сум господар, зошто не се плашите од мене?* Јас, Јехова над војските, ви зборувам вам, свештеници, кои покажувате презир кон моето име.
Но, вие велите: „Како покажуваме презир кон твоето име?“
7 Така што принесувате валкана храна* на мојот жртвеник.
И прашувате: „Со што те валкаме?“
Со тоа што велите: „Јеховината трпеза заслужува презир“. 8 И кога за жртва принесувате слепо животно, велите: „Нема ништо лошо во тоа“. И кога принесувате сакато или болно животно, велите: „Нема ништо лошо во тоа“.
Однеси му ги на твојот управител, те молам. Ќе биде ли задоволен? Ќе те пречека ли со раширени раце?‘“, вели Јехова над војските.
9 А сега, ве молам, молете го Бог* да ни се смилостиви! „Како да ви покажам милост кога ми принесувате такви жртви?“, вели Јехова над војските.
10 „Кој од вас е спремен бесплатно да ги затвори вратите?* Ни оган не палите на мојот жртвеник без да ви се плати! Не сте ми мили“, вели Јехова над војските, „и не се радувам на ниту еден дар што ми го принесувате.
11 Од исток до запад,* моето име ќе биде возвишено меѓу народите. На секое место ќе се горат жртви и ќе се принесуваат чисти дарови во чест на моето име, бидејќи моето име ќе биде возвишено меѓу народите“, вели Јехова над војските.
12 „Но, вие го обесчестувате,* велејќи: ’Трпезата на Јехова е валкана, а жртвите и храната што се ставаат на неа заслужуваат презир‘. 13 И уште со потценување велите: ’Колку труд без потреба!‘“, вели Јехова над војските. „И ми принесувате украдени, сакати и болни животни — ми ги донесувате како дар! Зар очекувате да ги прифатам?“, вели Јехова.
14 „Проклет да е лукавиот, кој има здраво машко животно во своето стадо, но откако се заветува, му жртвува на Јехова животно со недостаток! А јас сум голем Цар“, вели Јехова над војските, „и народите ќе бидат исполнети со стравопочит кон моето име.“