1. Мојсеева
45 Кога Јосиф го чу тоа, повеќе не можеше да се совладува пред сите оние што стоеја околу него.+ Затоа извика: „Излезете сите!“ Така никој друг не остана со Јосиф кога им се откри на своите браќа.+
2 И заплака гласно,+ така што го чуја Египќаните, а за тоа се дозна и во фараоновиот дворец. 3 На крајот Јосиф им рече на своите браќа: „Јас сум Јосиф. Жив ли е уште татко ми?“ Но неговите браќа не можеа ништо да му одговорат бидејќи ги обзеде страв.+ 4 Тогаш Јосиф им рече на своите браќа: „Ве молам, пријдете поблиску!“ И тие му пријдоа.
А тој им рече: „Јас сум Јосиф, вашиот брат што го продадовте во Египет.+ 5 Но немојте сега да се жалостите+ ниту да се прекорувате што ме продадовте ваму, зашто Бог ме испрати пред вас за да ви го зачува животот.+ 6 Зашто, ова е втора година како владее глад на земјата,+ а уште пет години нема да има ниту орање ниту жетва.+ 7 Затоа Бог ме испрати пред вас за да ви зачува остаток+ на земјата и да ви го спаси животот со големо избавување. 8 Така, не ме пративте вие овде,+ туку вистинскиот Бог. Тој ме постави за татко+ на фараонот, за господар над сиот негов двор и за управител над целата египетска земја.
9 Појдете сега брзо кај татко ми и кажете му: ‚Вака вели твојот син Јосиф: „Бог ме постави за господар над целиот Египет.+ Дојди кај мене! Немој да се двоумиш. 10 Ќе живееш во земјата Гесем+ и ќе бидеш блиску до мене, ти и твоите синови и синовите на твоите синови и твојата ситна и крупна стока и сѐ што имаш. 11 И јас ќе те снабдувам таму со храна, зашто гладот ќе потрае уште пет години,+ та да не пропаднеш ни ти ни твојот дом, ниту она што го имаш“ ‘. 12 Еве, и вие и мојот брат Венијамин со свои очи гледате дека мојата уста ви го зборува ова.+ 13 Затоа, раскажете му на татко ми за сета моја слава во Египет и за сѐ што видовте! Побрзајте и доведете го татко ми ваму!“
14 Потоа му се фрли околу врат на својот брат Венијамин и заплака, а плачеше и Венијамин на неговиот врат.+ 15 Тогаш ги избакна сите свои браќа и се исплака над нив.+ Потоа неговите браќа разговараа со него.
16 А во фараоновиот дворец се расчу глас: „Дојдоа браќата на Јосиф!“ Тоа им беше мило на фараонот и на неговите слуги.+ 17 Затоа фараонот му рече на Јосиф: „Кажи им на твоите браќа: ‚Направете вака: натоварете ги своите животни и одете во ханаанската земја,+ 18 земете ги татко ви и своите домашни и дојдете кај мене да ви го дадам она што е добро во египетската земја, па јадете го она што е најдобро во оваа земја!‘+ 19 А заповедај им го и ова:+ ‚Направете вака: земете си коли+ од египетската земја за своите деца и за своите жени, па седнете го својот татко на една од нив и дојдете ваму!+ 20 И очите да не ви жалат по вашите работи,+ зашто сѐ што е добро во египетската земја ќе биде ваше!‘ “+
21 И синовите на Израел направија така. Јосиф им даде коли според заповедта на фараонот, а им даде и храна+ за по пат. 22 Секому од нив му подари по една нова облека,+ а на Венијамин му подари триста сребреници и пет облеки.+ 23 А на татка си му испрати десет магариња натоварени со добри работи што ги имаше во Египет и десет магарици натоварени со жито, леб и со храна за да има татко му за по пат. 24 Така ги испрати своите браќа и тие тргнаа. И уште им рече: „Немојте да се карате патем!“+
25 Така заминаа од Египет, и на крајот стигнаа во ханаанската земја кај татка си Јаков. 26 Тогаш му раскажаа сѐ: „Јосиф е уште жив, па дури и управува со целата египетска земја!“+ Но нему срцето му се скамени, зашто не можеше да им верува.+ 27 Кога му раскажаа сѐ што им рече Јосиф и кога ги виде колите што ги беше испратил Јосиф за да го превезат, оживе+ духот на нивниот татко Јаков. 28 Тогаш Израел извика: „Доста е! Син ми Јосиф е уште жив! Морам да појдам да го видам пред да умрам!“+