Даниел
1 Во третата година од владеењето на Јоаким, царот на Јуда, вавилонскиот цар Навуходоносор дојде до Ерусалим и го опсади. 2 И вистинскиот Бог, Јехова, му го предаде Јоаким, царот на Јуда, како и дел од приборот од својот дом.* Навуходоносор го однесе приборот во храмот на својот бог во земјата Сенар* и го стави во ризницата на својот бог.
3 Потоа царот му заповеда на својот главен дворјанин, Асфеназ, да му доведе од Израелците — особено од оние кои имаа царско и благородничко потекло — 4 момчиња без маана, убави, кои имаат мудрост, знаење и остроумност и кои се способни да служат во царската палата. Асфеназ требаше да ги поучи за писмото* и за јазикот на Халдејците. 5 Освен тоа, царот одреди секој ден да добиваат од избраните јадења кои ги јадеше тој и од виното кое го пиеше тој. Тие требаше да бидат обучувани* три години за да можат потоа да му служат на царот.
6 Меѓу нив беа и некои од племето* на Јуда: Даниел,* Ананиј,* Мисаил* и Азариј.* 7 Главниот дворјанин им даде други имиња.* Даниел го нарече Валтасазар, Ананиј го нарече Седрах, Мисаил го нарече Мисах, а Азариј го нарече Авденаго.
8 Но, Даниел беше решен во срцето да не се извалка со избраните јадења и со виното на царот. Затоа го замоли* главниот дворјанин да не бара од него да јаде од таа храна и да пие од тоа вино за да не се извалка. 9 А вистинскиот Бог го поттикна главниот дворјанин да му покаже наклоност* и милост на Даниел. 10 Сепак, тој му рече на Даниел: „Се плашам од мојот господар, царот, кој ви одреди што да јадете и да пиете. Што ако види дека изгледате полошо од другите момчиња на ваша возраст? Јас ќе одговарам пред царот поради вас“.* 11 А на чуварот кого главниот дворјанин го постави над Даниел, Ананиј, Мисаил и Азариј, Даниел му рече: 12 „Те молам, направи ја оваа проба со твоите слуги: дозволи ни во текот на 10 дена да јадеме зеленчук и да пиеме вода. 13 Потоа види како ќе изгледаме ние, а како ќе изгледаат момчињата кои јадат од избраните јадења на царот, па одлучи како ќе постапиш со нас, твоите слуги“.
14 Чуварот го прифати нивниот предлог и правеше така 10 дена. 15 А по 10 дена, тие изгледаа поубаво и поздраво од сите други момчиња кои јадеа од избраните јадења на царот. 16 Затоа, наместо да им дава од избраните јадења и од виното на царот, чуварот им даваше да јадат зеленчук. 17 Вистинскиот Бог им помогна на овие четири момчиња да стекнат мудрост, како и знаење и способност да ги разберат сите книги.* Освен тоа, Даниел можеше да толкува секакви виденија и соништа.
18 Кога помина времето што го беше одредил цар Навуходоносор, главниот дворјанин ги доведе сите момчиња пред него. 19 Откако разговараше со нив, царот утврди дека никој од целата група не е како Даниел, Ананиј, Мисаил и Азариј. Така тие останаа таму за да му служат. 20 Секогаш кога ќе ги прашаше за некоја работа за која беа потребни мудрост и разборитост, царот гледаше дека се 10 пати подобри од сите свештеници кои се занимаваа со магија и од сите гатачи* во целото негово царство. 21 Даниел остана таму до првата година од владеењето на цар Кир.