Јован
20 На првиот ден од седмицата, Марија Магдалена дојде до гробот рано наутро, додека уште беше темно, и виде дека каменот веќе е тргнат од гробот. 2 Затоа трчајќи дојде кај Симон Петар и кај другиот ученик, кого Исус посебно го сакаше, и им рече: „Го зеле Господарот од гробот, и не знаеме каде го положиле!“
3 Тогаш Петар и другиот ученик тргнаа кон гробот. 4 И двајцата трчаа, но другиот ученик трчаше побрзо од Петар, па прв стигна до гробницата. 5 Ѕирна внатре и го виде лененото платно, но не влезе. 6 По него дојде и Симон Петар. Тој влезе во гробницата и го виде лененото платно што беше таму. 7 Платното кое беше на главата на Исус не беше заедно со платното со кое беше завиткано неговото тело, туку беше свиткано и ставено на друго место. 8 Тогаш другиот ученик, кој прв стигна до гробницата, исто така влезе и виде, па поверува во она што им беше кажано. 9 Зашто, уште ги немаа разбрано зборовите од Писмото дека Исус мора да стане од мртвите. 10 Потоа учениците се вратија дома.
11 А Марија остана надвор пред гробницата и плачеше. Додека така плачеше, погледна во гробницата 12 и виде два ангела во бела облека како седат таму каде што претходно беше телото на Исус, едниот каде што му беше главата, а другиот каде што му беа нозете. 13 Тие ја прашаа: „Зошто плачеш?“ Таа им одговори: „Го зеле мојот Господар, и не знам каде го положиле“. 14 Откако го рече ова, се сврте и виде дека некој стои зад неа. Тоа беше Исус, но таа не го препозна. 15 Исус ја праша: „Зошто плачеш? Кого бараш?“ Мислејќи дека е градинарот, таа му рече: „Господине, ако си го однел ти, кажи ми каде си го положил, и јас ќе го земам“. 16 Тогаш Исус ѝ рече: „Марија!“ А таа се заврте и на хебрејски му рече: „Рабуни!“ (што значи „Учителе“). 17 А Исус ѝ рече: „Немој да ме држиш, зашто уште не сум се вознел кај Таткото. Оди кај моите браќа и кажи им: ’Одам кај мојот Татко и вашиот Татко, кај мојот Бог и вашиот Бог‘“. 18 И така Марија Магдалена дојде и им јави на учениците: „Го видов Господарот!“ И им раскажа сѐ што ѝ кажа тој.
19 А подоцна истиот тој ден, првиот од седмицата, учениците се собраа во една куќа и ги заклучија вратите бидејќи се плашеа од Евреите. Тогаш Исус се појави меѓу нив, па им рече: „Имајте мир!“ 20 Откако го рече ова, им ги покажа рацете и слабината. А учениците се израдуваа што го гледаат Господарот. 21 Исус пак им рече: „Имајте мир! Како што Таткото ме прати мене, така и јас ве праќам вас“. 22 Кога го рече ова, дувна кон нив и им рече: „Примете свет дух. 23 Ако некому му ги простите гревовите, значи Бог веќе му ги простил, а ако некому не му ги простите, значи Бог не му ги простил“.
24 Но Тома, наречен Близнак, еден од 12-те апостоли, не беше со нив кога се појави Исус. 25 Затоа другите ученици му велеа: „Го видовме Господарот!“ Но тој им рече: „Додека не ги видам раните од клинците на неговите раце и не ги допрам тие рани со прстот и додека не ја допрам неговата слабина со раката, нема да верувам“.
26 По осум дена, неговите ученици пак беа собрани во куќата, а и Тома беше со нив. Иако вратите беа заклучени, Исус се појави меѓу нив и рече: „Имајте мир!“ 27 Потоа му рече на Тома: „Стави го прстот овде и погледни ми ги рацете, и пружи ја раката и стави ја на мојата слабина. И немој да се сомневаш, туку верувај!“ 28 Тома му рече: „Господару мој и Боже мој!“ 29 А Исус му рече: „Поверува затоа што ме виде? Среќни се оние што не виделе, а веруваат!“
30 Исус направи пред учениците и многу други чуда, кои не се запишани во овој свиток. 31 А ова што е запишано, запишано е за да верувате дека Исус навистина е Христос, Божјиот Син, и поради таа вера да добиете живот преку неговото име.